ОПШТИНА АЕРОДРОМ ИНТЕНЗИВНО РАБОТИ НА РЕАЛИЗАЦИЈА НА КАПИТАЛНИ ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински, беа на две локации каде што се работи на реализација на инфраструктурни проекти финансирани преку првиот повик на Владата на Република Македонија за поддршка на општински инфраструктурни проекти.

Митески и Перински извршија увид на отпочнувањето на капиталниот проект за реконструкција на улицата „Анастас Митрев“ во населба Мичурин, во должина од вкупно 900 метри, заедно со тротоарите, а целиот проект чини околу 17,5 милиони денари.

Станува збор за многу значаен проект, затоа што оваа улица е артерија на населбата Мичурин и претставува фреквентна улица, како за возила, така и за пешаци.

Исто така, тие денеска ја посетија и улицата „23 Октомври“ во Стар Аеродром каде што Општина Аеродром интензивно работи на целосна реконструкција на тротоарите за максимална безбедност на пешаците. Оваа инвестиција е во вредност од речиси 6,8 милиони денари при што ќе бидат реконструирани тротоари во должина од 846 метри или вкупно 1 800 м2.

Градежни активности се во тек и на скверот зад ТЦ „Капитол мол“ којшто по неколку децении добива комплетно нов сјај.

Митески и Перински заеднички потврдија дека проектите за кои Општина Аеродром доби финансиска поддршка од Владата се само уште една потврда дека партнерството меѓу централната и локалната власт не е само административна формалност, туку двигател на вистински промени за подобро секојдневие на нашите граѓани.

Во наредниот период Општина Аеродром продолжува со уште позасилено темпо на работа за подобрување на инфраструктурата на ниво на целата територија.

 

15.4.2025 година

Општина Аеродром


Актуелно

img
img img

Видео