Општина Аеродром за првпат ја реконструира водоводната мрежа на улица „2“ во Долно Лисиче

 Општина Аеродром отпочна целосна реконструкција на водоводната мрежа на улица „2“ во Долно Лисиче, со што преку реализација на овој значаен проект конечно се решава повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето на жителите во овој дел од Аеродром.

Станува збор за клучна улица во должина од околу 1300 метри со вкупно 109 приклучоци и можност за нови приклучувања на оваа мрежа.

Реконструкцијата опфаќа замена на старите и дотраени цевки со дијаметар од 80 милиметри со нови и современи цевки со дијаметар од 225 милиметри.

Старата водоводна мрежа со години предизвикуваше загуби на притисокот поради што дел од потрошувачите во одредени периоди од денот често остануваа без вода.

Токму со замената на цевките ваквиот проблем ќе замине во историјата, а жителите на овој дел од Долно Лисиче конечно ќе имаат непречен пристап до вода.

Исто така, со реконструкцијата ќе бидат поставени и 15 пожарни хидранти по должината на целата улица, со што се зголемува безбедноста во случај на појава на пожари и други непогоди.

Општина Аеродром продолжува со реализација на значајни и капитални проекти што ја подобруваат инфраструктурата и обезбедуваат квалитетни услови за живот на аеродромци.

 

18.7.2025 година

Општина Аеродром

 

 

Актуелно

img
img img

Видео