Претходни грaдоначалници
Тимчо Муцунски (градоначалник 2021-2024)
Доц. д-р Тимчо Муцунски, роден на 29 јули 1989 година во Берово, како кандидат на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, победи во првиот круг на локалните избори на 17.10.2021 година за градоначалник на Општина Аеродром, со што обезбеди четиригодишен мандат на оваа функција.
Негова заложба е Аеродром да стане многу почиста, современо организирана и модерна урбана општина, но и хумана животна средина, во која е возможно сите жители врз целосно рамноправна основа да ги остварат своите права и да обезбедат за себе и за своите семејства достоинствен, пристоен и просперитетен живот.
На градоначалничкото место доаѓа како доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје по предметите Римско право, Реторика и Аргументациски модели и како пратеник во Собранието на Република Северна Македонија (избран во 2020 година) и актуелен меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ (избран во 2018 година).
Своето основно образование го почнува во Њујорк, САД, а го завршува во основното училиште „Љубен Лапе“. Средно образование има завршено во Отава, Канада. Завршил прв циклус на правни студии и дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во јуни 2009 година. По дипломирањето, се запишал на постдипломски студии (правни студии од втор циклус). Во 2019 година ги завршува докторските студии (трет циклус студии по правни науки) на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Во 2009 година го почнува својот работен ангажман на Правниот факултет „Јустинијан Први“ кога за првпат е избран за демонстратор. Во 2015 следува избор во звањето асистент-докторант, а во 2019 година е избран во наставно-научното звање доцент на научната област Римско право.
Во периодот од ноември 2015 до јули 2017 година Муцунски ја извршуваше функцијата заменик-министер за информатичко општество.
Тој е коавтор на два основни универзитетски учебника, во издание на Правниот факултет „Јустинијан Први“, автор на повеќе од 20 научни трудови објавени во реномирани научни списанија, а има учествувано како панелист на меѓународни семинари на најпрестижните светски универзитети. Муцунски бил експерт на повеќе проекти организирани од Европската Унија.
Слободното време го поминува со своето семејство. Татко е на тригодишниот Иан и сопруг на Симона.
Златко Марин (градоначалник 2017-2021)
Златко Марин беше градоначалник на Општина Аеродром во периодот од 2017 до 2021 година.
Роден е на 14 јули 1978 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и се стекнал со звање дипломиран професор по физичко и здравствено воспитание.
Во период од 2005 до 2012 година ја извршувал функцијата член на Советот на Општина Аеродром. Во периодот од 2002 до 2005 година е именуван за член на надзорен одбор на ЈСП - Скопје.
Златко Марин важи за млад и динамичен политичар. Неговата цел беше – подобар живот за сите во Општина Аеродром.
Ивица Коневски (градоначалник 2009-2017)
Ивица Коневски е роден на 14 декември 1978 година во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и се стекнал со звање дипломиран правник со положен правосуден испит.
Ивица Коневски беше градоначалник на Општина Аеродром, во периодот од 2009 до 2017 година.
За време на осумгодишниот мандат како градоначалник, во тимска работа со општинската администрација и со помош на одлуките на Советот на Општината, придонесе значително да се подобрат условите за живот во Аеродром и општината да го заокружи својот урбан лик. Меѓу капиталните проекти за развој на општината можат да се набројат донесените 20-ина урбанистички планови, изградбата на повеќе паркови и фонтани, кои ги облагородија запуштените локации, изградбата на фекална канализација во руралниот дел, праќајќи ги септичките јами во историјата, целосната реконструкција на основните училишта и детските градинки, овозможувајќи им на тој начин подобри услови за одвивање на воспитно-образовниот процес, изградбата на повеќе од 3.000 нови паркинг-места, како и многу други проекти како што се асфалтирање, јавно осветлување, изградба на голем број спортски објекти, детски игралишта, пешачки патеки... со кои Аеродром стана попријатно место за живеење. Под раководство на Ивица Коневски кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје – Аеродром стана државен шампион и влезе во престижната јадранска АБА лига, каде го освои седмото место. Во 2009 година Коневски беше прогласен за најспортски градоначалник, а во 2012 година за најуспешен градоначалник во Градот Скопје.
Инаку, во период од 2005 до 2006 година ја извршувал функцијата член на Советот на Град Скопје. Во 2006 година е именуван за генерален директор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Северна Македонија (ЈПССДП).
Бил претседател на Бордот на директори на Градскиот трговски центар. Во периодот од неговото назначување за директор претпријатието бележи голем развој и напредок во работата што резултира со зголемување на капацитетите на претпријатието и реализација на бројни значајни проекти, како што се изградба на голем број социјални и комерцијални станови и изградба на станови за млади брачни парови во Општина Аеродром, изградба на северната трибина на Градскиот стадион и почнување постапка за целосно обновување на стадионот „Арена Филип Втори“ во Скопје.
Ивица Коневски важи за млад и динамичен политичар и менаџер со европски кодекс на однесување, човек перфекционист во работата, со способност за тимска работа, работа во мултикултурна средина, креативен, флексибилен, инвентивен, експедитивен и со јасен концепт за иднината на Општина Аеродром, која благодарение на неговите визионерски проекти стана препознатлива по прекрасните паркови и зелени катчиња.
Кирил Тодоровски (градоначалник 2005 - 2009)
Роден е во 1948 година во Битола. Со завршувањето на високото образование се стекнува со стручните називи: дипломиран економист и професор по математика. До 1977 година е вработен како професор по математика во средни училишта во Скопје. Од 1977 година е ангажиран во Заводот за вработување и има околу долгогодишно работно искуство на задачи поврзани со следењето на системот за информирање и посредување при вработувањето во Република Македонија.
Образование:
ВСО: Економски факултет
Математички факултет
Работен историјат:
До 1977 година работи како професор по математика во средни училишта во Скопје, и тоа: гимназија „Георги Димитров” - Скопје; гимназија „Никола Карев” - Скопје; АСУЦ „Боро Петрушевски” – Скопје и СУВР „Елисие Поповски” - Скопје;
Од 1977 година работи во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија;
Во периодот од 30.01.2001 до 04.03.2002 година - директор на Агенцијата за вработување.
Посебни курсеви, семинари, конференции, награди и достигнувања:
Остварил активно учество на семинари, работилници и на светски конгрес на државните заводи за вработување во Берген, Норвешка, во 2001 година, каде што извршил презентирање на работата на Агенцијата за вработување надвор од државата; дела и трудови: прирачници; правилници; целокупната законска документација за вработување и невработеност; номенклатура со шифрант на занимања; проектирање и имплементирање на информацискиот компјутерски систем за вработувањето и невработеноста на РМ; компјутерско-мрежно хоризонтално и вертикално поврзување на локалните бироа со Агенцијата за вработување (со што Агенцијата за вработување е многу понапредна од агенциите за вработување во сите држави на Балканот и од Југоисточна Европа); упатства; семинари за оспособување на вработените; десетици проекти; ажурирана евиденција (со бришење на 31.740 невработени лица); формирање на берза на трудот; студии; статии; анализи; осврти; информации; истражувања; анкети; брошури; билтени; иницијативи за измени и донесување на нови закони (во јануари 2001 година предложен е текст за Закон за поттикнување на вработувањето, со амбиции за успешно справување со невработеноста во РМ, за период од 3 до 5 години); реформи, во интерес на странките и вработените, насочени кон дебирократизација на Агенцијата за вработување и друго; познавање на англиски и француски јазик и информатичка технологија.
проф. д-р Југослав Зибероски, (заменик-градоначалник 2008)
Роден е на 19 септември 1948 година во Дебреште, Прилепско. Дипломирал на Земјоделскиот факултет во Скопје во 1970 година.
На истиот факултет магистрирал во 1976 година, а во 1980 година се стекнал со титулата доктор на науки по микробиологија.
Од 1973 година е вработен на Земјоделскиот факултет во Скопје, прво како асистент по предметот микробиологија, а потоа, од 1980 доцент по истиот предмет, додека во 1985 година е избран за вонреден професор. Како редовен професор по микробиологија на Земјоделскиот факултет во Скопје работи од 1990 година.
Бил на многубројни специјализации и на студиски престои во повеќе европски земји. Држел предавања по покана на агрономските факултети во Оксфорд (Англија), Сорбона (Франција), Хорс (Холандија) и Пловдив (Бугарија), како и на Институтот за градинарство во Кечкемет (Унгарија), универзитетите во Лас Вегас и Мичиген и на други образовни институции во земјава и светот.
Работел како лидер на повеќе проекти од неговата областа, меѓу кои поважни се „Пестициди во агроекосистемот во Република Северна Македонија“, финансиран од САД и „Производство на органска храна“ финансиран од Кралството Холандија.
Има напишано 489 научни трудови, 36 стручни книги за потребите на студентите, за учениците од средното образование, како и стручни книги за земјоделците. Поголем дел од неговите стручни книги се преведени на англиски јазик и се користат како стручна литература на земјоделските факултети во повеќе европски земји. Бил на повеќе раководни функции и зборувал англиски, француски, италијански, руски и полски јазик.
Почина во мај 2015 година.