Енергетска ефикасност
Тримесечен финансиски извештај за работењето на јавното претпријатие за стопанисување со јавното осветлување на Општина Аеродром за јули, август и септември 2023 година
Програма за енергетска ефикасност на Општина Аеродром (2021-2023)
Пилот-проект на Општина Аеродром и УНДП
„КАЛИНКА“ – ПРВАТА ЦЕЛОСНО ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНА ГРАДИНКА ВО МАКЕДОНИЈА
Општина Аеродром во соработка со УНДП и проектот „Ублажување на климатските промени преку подобрување на енергетската ефикасност во градежниот сектор“ од 10.1.2012 година почнаа со комплетна реконструкција на градинката „Калинка“ како пилот-проект за создавање целосно енергетски ефикасна градинка, прва во Република Македонија.
За таа цел занималните во градинката „Калинка“, која всушност претставува стара барака, ќе се расчистуваат од инвентарот и од другите материјали и средства, по што ќе се почне со реконструкција на просториите.
Реконструкцијата на објектот опфаќа промена на покривот и ѕидовите, поточно ќе се заменат дрвените со нови бетонски ѕидови, ќе се менуваат вратите како и прозорците со нови модерни ПВЦ прозорци со висококвалитетна изолација, ќе се промени комплетно и електричната инсталација, а ќе се стави и нова фасада со термичка изолација.
Исто така, ќе се постават сончеви соларни колектори преку кои ќе се обезбедува топла вода, така што ќе се редуцираат трошоците, односно ќе се штеди енергијата.
Ова практично значи дека градинката „Калинка“ ќе биде реконструирана согласно сите мерки за енергетска ефикасност што важат во ЕУ и ќе биде првиот целосно енергетски ефикасен објект во Република Македонија.
Реконструкцијата на градинката се изведува според елаборатот за енергетска ефикасност направен од експерти од Чешка по претходно направена целокупна анализа на објектот.
Во реконструкцијата на градинката „Калинка“ Општина Аеродром учествува со околу 4 милиони денари.
Се предвидува поголемите градежни зафати и активности да се одвиваат за викендите, така што децата ќе бидат максимално заштитени од какви било негативни влијанија при реновирањето.
Инаку, во проектот кој е дел од програма за енергетска ефикасност на УНДП конкурираа околу 15 најдобри општини, меѓу кои апликацијата на Општина Аеродром беше оценета како најподготвена и најуспешна.
Реализацијата на овој проект е доказ дека Општина Аеродром посветува големо внимание на енергетска ефикасност, на ефектите и потребата од заштеда на енергија, со цел подобрување на условите за претстој и учење на децата во градинката, но и за подобрување на условите за живот на граѓаните. Речиси, сите предвидени проекти во основните училишта и градинките ќе се изведуваат согласно нормите за енергетска ефикасност за заштеда на енергијата.
Инаку, со овој проект почнува кампањата на Општина Аеродром за подигнување на свеста за енергетската ефикасност, при што на граѓаните ќе им бидат поделени флaери, брошури и друг информативен материјал.