Iaiaoa i?aai ia iiaoi?ii aeana?a

gsc

 

Добре дојдовте во

Општина Аеродром

Со Законот за новата територијална поделба од август 2004 година, се формира новата Општина Аеродром, која во минатото беше во склоп на Општината Кисела Вода. Формирана е на 12-ти април 2005 година, кога за првпат е одржана седница на Советот на општината.

ПОКАНА ЗА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, заменик-министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски и претседателот на невладината организација за подигање на јавната свест за правата на лицата со хендикеп „Полио плус“, Звонко Шаврески, в недела, 5.7.2009 година во 12:00 часот во Општина Аеродром ќе одржат заедничка прес-конференција.

Тема на прес-конференцијата е промовирање на проект за пристапни рампи за инвалидизирани лица, кои ќе се градат во Општина Аеродром, како и акцијата за обележување на паркинг места за возила на лицата со хендикеп.

Ги покануваме редакциите да испратат новинарска екипа (новинар и снимател или фоторепортер) да ја проследат прес-конференцијата.

3.7.2009

Општина Аеродром


ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ ЛЕТНОТО ИЗДАНИЕ НА ВЕСНИКОТ „АЕРОДРОМ”

Општина Аеродром го отпечати летното издание, поточно дваесет и деветтиот (29) број на весникот „АЕРОДРОМ“.

Во овој двоброј за јули и август, издаден на 32 колор страници, покрај содржините со актуелна тематика и проблеми што го засегаат локалниот живот во Општината, како и текстови од различни области интересни за секоја возраст и сечиј вкус, особено за помладата популација, има објавено и отчет за почнатите активности во првите 100 дена на новата локална власт.

Имено, од 4-та до 17-та страница се наведени сите позначајни активности предвидени во предизборната програма на градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, кои почнаа со реализација од почетокот на преземањето на функцијата градоначалник.

Новиот број на весникот „АЕРОДРОМ“ може да се прочита и на општинската WEB страница: www.aerodrom.gov.mk во рубриката „ВЕСНИК“.

Граѓаните можат да ги изнесуваат своите предлози, критики и совети на телефоните и на адресата од седиштето на Општината.

Весникот се печати во тираж од 30.000 примероци и бесплатно се доставува до секој дом на жителите во Општина Аеродром. Весникот, исто така, може да се добие и во седиштето на Општината, се разбира бесплатно.


Општина Аеродром

3.7.2009

Во рамки на проектот на Владата на Република Македонија

ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА СЕЗОНСКИ РАБОТНИЦИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Во рамки на проектот на Владата на Република Македонија за привремено вработување на невработени лица, бројот на сезонски работници во Општина Аеродром се зголеми со дополнителни педесетина работници.

Новите сезонци се невработени лица и тие се регистрирани преку Агенцијата за вработување. Во Општина Аеродром во траење од шест месеци, тие ќе ги извршуваат тековните работни активности од комуналната област, односно активностите што ги извршуваат сезонците ангажирани од страна на општината.

Општина Аеродром ќе ги опреми новите сезонци со работна облека, како и со потребниот алат за работа.

Средствата за исплата на новите сезонски работници се обезбедени од страна на Владата на Република Македонија.

2.7.2009

Скопје


СЕ ЧИСТИ КЕЈОТ НА ВАРДАР ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Општина Аеродром и сезонските работници, во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување од денеска, 1.7.2009 година, почна акција за расчистување на кејот покрај реката Вардар, во делот по мостот „Близнаци“ во населбата Ново Лисиче.

Кејот во моментов се расчистува од отпадоци, се рамни и се коси, а потоа се собира тревата. Дел од сезонците ја метат и пешачката патека, која се протега од рибарската куќичка до мостот „Близнаци“ и ги празнат кантите за отпадоци.

Во акцијата се вклучени педесетина сезонци, јавните градски претпријатија, а доброволно учествуваат и фирмите „Промонтинг“ и „Бик трејд“, кои обезбедија механизација за раскопување и расчистување на кејот.

Паралелно со акцијата во Општина Аеродром, се расчистува и левата страна на реката Вардар, поточно кејот во делот на Општина Гази Баба. Градот Скопје, пак, во соработка со Министерството за транспорт и врски, акцијата за чистење на коритото на реката Вардар ја почнува кај мостот во Општина Сарај.









1.7.2009

Скопје


СКОПСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ОДРЖА СРЕДБА СО ЖИТЕЛИТЕ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, вчера, 29.6.2009 година се сретнаа со граѓаните и претседателите на урбаните заедници од општината.

На состанокот присуствуваа и директорите на јавните градски претпријатија, раководителите на секторите во администрацијата на Град Скопје, како и раководители од општинската администрација и претставници на Советот на Општина Аеродром.

За време на средбата граѓаните поставуваа прашања и барања главно од комунален карактер, како што е поредовно расчистување на депониите, собирање на шутот, како и собирање на куповите сува трева и кастрените гранки, зголемување на бројот на контејнери, решавање на проблемот со кучиња скитници и други урбани проблеми. Исто така, пред двајцата градоначалници, граѓаните изложуваа сугестии, совети и предлози.

Екипите на јавните градски претпријатија веќе од денеска (30.6.2009 година) излегоа на терен и почнаа да ги собираат куповите сува трева и гранки.

Инаку, за есен е закажана повторна средба со граѓаните со цел да се сумираат резултатите од реализацијата и да се изгради стратегија за понатамошно продлабочување на соработката.

Посетата на Општина Аеродром од страна на градоначалникот Трајановски е дел од серијата посети на скопските општини, со цел одблиску да се запознае со проблемите на граѓаните.






30.6.2009

Скопје


СКОПСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ДЕНЕСКА ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО ЖИТЕЛИТЕ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Денеска, 29.6.2009 година (понеделник) во 17:00 часот во основното училиште „Блаже Конески“ градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски ќе одржат непосредна средба со граѓаните.

На средбата ќе присуствуваат и директорите на градските јавни претпријатија.

За време на средбата граѓаните ќе имаат можност да ги изложат своите проблеми, сугестии и предлози пред двајцата градоначалници.

Посетата на Општина Аеродром од страна на градоначалникот Трајановски е дел од серијата посети на скопските општини, со цел одблиску да се запознае со проблемите на граѓаните.

29.6.2009

Скопје


СЕ ОБЕЛЕЖУВААТ ПАРКИНГ МЕСТА ЗА ИНВАЛИДИЗИРАНИ ЛИЦА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Денеска, 26.6.2009 година Општина Аеродром почна да обележува паркинг места за инвалидизирани лица.

Во моментов места за паркирање на инвалидизирани лица се обележуваат на паркинзите во населбата Јане Сандански (лево), по што ќе се опфатат и паркинг просторите кај ТЦ „Бисер“, во населбите Ново Лисиче, 13 Ноември, како и на целата територија на општината.

Обележувањето на местата го изведува фирмата „Баџак инженеринг“.

Инаку, Општина Аеродром изработува и проект за поставување пристапните рампи кои ќе бидат типизирани и ќе се поставуваат пред јавните објекти, како и пред дел од станбените единици кај кои се неопходни.




26.6.2009

Скопје


Повик до жителите на Општина Аеродром

ПОДЗЕМНИТЕ ГАРАЖИ ДА СЕ КОРИСТАТ ЗА ПАРКИРАЊЕ ВОЗИЛА!

Општина Аеродром ги повикува граѓаните кои имаат сопствени паркинг простори во подземните гаражи, наместо да ги употребуваат како складишта или магацини, да ги користат за паркирање на возилата.

Инспекциска служба на Општина Аеродром деновиве врши интензивна контрола и увид на состојбата и на документацијата на сопствениците на подземните паркинзи.

Според законските прописи, сопствениците имаат обврска да ги расчистат и да ги оспособат гаражите за паркирање. Лицата што нема да ја достават потребната документација и нема да ја почитуваат препораката на Општина Аеродром ќе бидат соодветно санкционирани.

Оваа акција на Општина Аеродром е дел од мерките за решавање на проблемот со недостиг од паркинг простор.


25.6.2009

Скопје


ОПШТИНА АЕРОДРОМ ПОДГОТВУВА ПРОЕКТ ЗА ПРИСТАПНИ РАМПИ

Општина Аеродром изработува проект за поставување пристапни рампи за лицата со посебни потреби.

Пристапните рампите ќе бидат типизирани, а ќе се поставуваат пред јавните објекти, како и пред дел од станбените единици кај кои се неопходни.

Откако ќе биде комплетно изработен проектот, Општина Аеродром ќе објави тендер за избор на фирма која ќе ги изработува пристапните рампи.


26.6.2009

Скопје


МАЖОРЕТКИТЕ ОД ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ НАСТАПАТ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ „ВЕЛЕС“

Младинскиот клуб на мажоретки од Општина Аеродром, денеска, 24.6.2009 (среда) ќе настапи на првата фолклорна вечер на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“.

На културната манифестација, која Општина Велес ја организира по шести пат, ќе настапуваат ансамбли од Романија, Босна и Херцеговина, Полска, Србија и Турција.

Велешкиот фолклорен фестивал ќе трае до 28.6.2009 година (недела).

Инаку, Младинскиот клуб на мажоретки од Општина Аеродром е веќе препознатлив симбол на соработка со Општина Аеродром. Клубот на мажоретки се состои од 20 девојки и 2 момчиња на возраст од 17 до 23 години и активно работи на општински танци по повод свеченостите во Општина Аеродром и Градот Скопје.

Клубот на мажоретки досега има остварено неколку настапи и тоа во Општината Аеродром по повод Денот на шегата и роденденот на Општината, по повод свеченостите на Градот Скопје, како и на Денот на Европската унија.

Покрај физичката активност, Младинскиот клуб на мажоретките има за цел да ја развива свеста за неформално образование, преку која на младите ќе им се укаже дека е неопходно да го исполнат своето слободно време на продуктивен начин, развивајќи го чувството за креативност.


24.6.2009

Скопје


В ПОНЕДЕЛНИК 8-MA СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

В понеделник, 29.6.2009 година, со почеток во 16:00 часот во просториите на Општина Аеродром ќе се одржи осмата седница на Советот на Општина Аеродром.

На дневниот ред на седницата се следните точки:

  1. Предлог-План за измена и дополнување на Планот за јавни набавки во Општина Аеродром во 2009 година;
  2. Предлог-Одлука за измена и дополнување на Одлуката за организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација на Општина Аеродром;
  3. Предлог-Одлука за задолжување на раководителот на Одделението за односи со јавност на Општина Аеродром, за преземање активности со цел објавување реклама во дневните печатени медиуми;
  4. Предлог-Одлука за измена и дополнување на Одлуката за задолжување на Секторот за правни, општи и организациски работи на Општина Аеродром, за преземање активности заради солемнизација на Спогодбата со која е отстапено корисничко право засновано од Општина Аеродром согласно договор за долготраен закуп на градежно земјиште од КП 1734/28 од Реонски Центар – Аеродром во корист на Министерството за транспорт и врски на Република Македонија;
  5. Предлог-Правилник за измена и дополнување на Правилникот за работа и работни задачи на вработените во Општина Аеродром;
  6. Предлог-Одлука за задолжување на Раководителот на одделението за урбанизам и подготовка на урбанистички планови на Општина Аеродром за преземање на активности заради преземање стручно лице - геодет од Општина Ѓорче Петров;
  7. Информација со барање од советничката група на СДСМ, за навремено исплаќање на месечниот надоместок за присуство на седници на членовите на Советот на Општина Аеродром.

23.6.2009

Скопје


НА ДРЖАВНИОТ НАТПРЕВАР ПО ПРВА ПОМОШ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ УЧЕСТВУВАА 23 ГРАДА

На 20.6.2009 година во околината на ОУ „Ѓоргија Пулевски“ и ортопедската клиника позната како Мајчиниот дом се одржа 18-от државен натпревар по прва помош кој традиционално го организира Црвениот крст на Република Македонија.

На овогодишниот натпревар, на кој учествуваа организациите на Црвениот крст од 23 града од Македонија, победија екипите на општините Центар, Чаир и Кисела Вода, во чии рамки функционира и Општина Аеродром.

Екипите се натпреваруваа во укажување прва помош во симулирани повреди при сообраќајни несреќи, тепачки, фудбалски и други спортски натпревари.

Целта на натпреварот е да се промовира првата помош кај младата популација, како и да се обучат граѓаните да даваат прва помош при разни незгоди.

Општина Аеродром, која ја поддржа оваа хумана манифестација, годинава по вторпат беше домаќин на државниот натпревар.









22.6.2009

Скопје


Ликовна дружба на ученици од ОУ „Димитар Македонски“ со претставници од Здружението „Полио плус“

„МОЕТО ПОИНАКВО ДРУГАРЧЕ”

Петтоодделенците од ОУ „Димитар Македонски” во Општина Аеродром на крајот на учебната година одржаа заеднички ликовен час со претставници од Здружението „Полио плус“.

Ликовниот час се реализираше во рамки на распишаниот ликовен конкурс на тема „Моето поинакво другарче”, каде што покрај сликањето, учениците разговараа како треба да им се помага на лицата кои се поинакви од нас.

Изготвените цртежи веќе се испратени до Здружението „Полио плус” за учество во наградниот конкурс.


19.6.2009

Скопје


НАТПРЕВАР ПО ПРВА ПОМОШ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Утре, 20.6.2009 година, со почеток во 9:30 часот во околината на ОУ „Ѓоргија Пулевски“ и ортопедската клиника позната како Мајчиниот дом ќе се одржи 18-от државен натпревар по прва помош кој традиционално го организира Црвениот крст на Република Македонија.

Целта на натпреварот е да се промовира првата помош кај младата популација, како и да се обучат граѓаните да даваат прва помош при разни незгоди.

Во натпреварот кој има натпреварувачко-забавен карактер, ќе учествуваат 23 младински екипи, претставници на општинските организации на Црвениот крст од целата територија на Република Македонија.

За време на натпреварот локациите на кои ќе се изведуваат предвидените активности, ќе бидат соодветно оградени и означени за да може непречено да се реализираат.

19.6.2009

Скопје


ЧЕШКИОТ АМБАСАДОР ЈА ПОСЕТИ ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Амбасадорот на Република Чешка, Јозеф Браун, денеска, 19.6.2009 година, беше во официјална посета на Општина Аеродром.

За време на средбата со градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, стана збор за состојбите и развојот на Општината, при што на амбасадорот и неговата делегација им беа презентирани плановите за активностите што ќе се преземаат во наредниот период.

Во текот на разговорите акцентот беше ставен на можната соработка во областа на бизнисот и економијата, поточно развивање на економска соработка со општини од Чешката Република, реализација на заеднички проекти од областа на образованието, спортот, културата, како и заедничко аплицирање со проекти во фондовите на Европската Унија.





19.6.2009

Скопје


СЕ АСФАЛТИРА УЛИЦАТА „ВЕНИЈАМИН МАЧУКОВСКИ“

Денеска, 18.6.2009 година, почна да се поставува вториот асфалтен слој на улицата „Венијамин Мачуковски“ во населбата Мичурин.

Улицата ќе се асфалтира во должина од околу 350 метри и широчина од 7 метри. Градежните активности ги изведува фирмата „Урбан инвест“. Средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Аеродром.

Доколку не се променат временските услови, асфалтирањето на улицата се очекува да заврши до крајот на неделата.

Општина Аеродром апелира до жителите и до посетителите на Мичурин да не ги паркираат своите возила во близина на местата каде што се работи, со што ќе овозможат градежните активности да се изведуваат со поголем интензитет.

Во спротивно, возилата паркирани на локациите каде што се извршуваат градежни работи ќе бидат подигнати од страна на пајак службата на Град Скопје.


18.6.2009

Скопје


АЕРОДРОМЦИ СО НАЈВИСОКА ЕКОЛОШКА СВЕСТ

Во конкурсот „Најубаво уреден двор“ што го организираше Град Скопје, во две категории победија учесници од Општина Аеродром.

Награда за вложениот труд во категоријата - двор на објект за колективно домување, комисијата на Градот го избра Павле Гацов кој се наоѓа на улицата „Владимир Комаров“ број 36.

Во категоријата - најубав состав на тема екологија ученици од основното образование, победи четвртооддленката Теодора Донева од ОУ „Љубен Лапе“, за составот „Мојата викендичка“.

Општина Аеродром им честита на победниците, кои преку вложените напори докажаа дека Општината има големи екологисти што секојдневно се грижат за животната средина и придонесуваат таа да стане поубаво место за живеење на сите жители во Општината.

Наградите и признанијата за достигнување во областа на заштитата и унапредувањето на животната средина за 2009 година се состојат од плакети и во паричен износ.


18.6.2009

Скопје


Поради градежни активности во Мичурин

ЖИТЕЛИТЕ ДА ГИ ОТСТРАНАТ ВОЗИЛАТА ПАРКИРАНИ НА УЛИЦАТА „ВЕНИЈАМИН МАЧУКОВСКИ“

Поставувањето втор асфалтен слој на улицата „Венијамин Мачуковски“ во населбата Мичурин, не може да се изведе поради големиот број паркирани возила на улицата.

Општина Аеродром повторно ги повикува жителите на Мичурин, да ги отстранат возилата паркирани на улицата „Венијамин Мачуковски“, а доколку не го сторат тоа во текот на денешниот ден, возилата ќе бидат отстранети со пајак служба.

17.6.2009

Скопје


АСФАЛТИРАН КРАКОТ - К5 ВО ДОЛНО ЛИСИЧЕ

Деновиве заврши асфалтирањето на кракот К5 во Долно Лисиче, во должина од околу 450 метри.

Градежните активности ги изведуваше фирмата „Гранит“.

Наскоро се очекува да почне да се асфалтира и прекопот на кракот – К1 во Долно Лисиче.




16.6.2009

Скопје


ПОТПИШАН ПРОТОКОЛ ЗА ДЕЛБЕН БИЛАНС МЕЃУ ОПШТИНИТЕ АЕРОДРОМ И КИСЕЛА ВОДА

Градоначалниците на општините Аеродром и Кисела Вода, Ивица Коневски и Марјан Ѓорчев денеска (недела), 14.6.2009 година во просториите на Општина Аеродром извршија свечено примопредавање на деновиве потпишаниот Протокол за делбен биланс.

„Со денешното примопредавање на Протоколот за делбен биланс меѓу Аеродром и Кисела Вода конечно ќе се реши четиригодишниот спор меѓу двете општини“, изјави градоначалникот Коневски.

Тој додаде дека Општина Аеродром со Протоколот ќе добие 8 месни заедници, 6 спортски игралишта и една сателитска антена, преку чие отворање „ќе бидеме чекор поблизу до граѓаните на Општина Аеродром“.

„Со овој Протокол што од необјаснети причини не бил потпишан уште од 2005 година, а ние со градоначалникот Коневски успеавме да го завршиме за еден месец, се утврдува начинот на распределба на побарувањата и обврските меѓу Општина Аеродром и Кисела Вода и второ се обезбедува она што претставува документација, архива, проектна документација и имот, со коишто располагаше Кисела Вода, да припадне на Општина Аеродром“, изјави градоначалникот Ѓорчев.

На ваков начин, додаде Ѓорчев, се обезбедува долготрајна соработка меѓу две општини кои некогаш беа една и изрази надеж дека ваквата соработка ќе продолжи во интерес на граѓаните на двете општини.





14.6.2009

Скопје


УЛИЦАТА „ТОДОР ЧАНГОВ“ ВО ГОРНО ЛИСИЧЕ СЕ АСФАЛТИРА СО ЗГОЛЕМЕН ИНТЕНЗИТЕТ

Активностите околу асфалтирање на улицата „Тодор Чангов“ во Горно Лисиче се изведуваат со зголемен интензитет.

Во моментов градежната фирма „Гранит“ врши ископување на улицата, која ќе се асфалтира во должина од 500 метри и 7 метри широчина. Средствата за асфалтирање се обезбедени од Буџетот на Општина Аеродром.

Пред почетокот на асфалтирањето на улицата „Тодор Чангов“ беше изведена комплетно нова фекална канализација со приклучоци кон секундарната фекална мрежа и комплетно нова атмосферска канализација.

По асфалтирање на улицата ќе почне да сообраќа и автобус на ЈСП „Скопје“ со број 17 – А.

Со асфалтирање на улицата „Тодор Чангов“ ќе им се олесни секојдневниот живот на граѓаните што живеат во непосредна близина на улицата, но пред сè, ќе се стави крај на повеќегодишното патешествие на жителите од овој дел на општината, кои беа принудени да газат во кал или прашина во зависност од временскиот период.





12.6.2009

Скопје


ПОКАНА ЗА СВЕЧЕНО ПРИМОПРЕДАВАЊЕ НА ПРОТОКОЛ ЗА ДЕЛБЕН БИЛАНС

Градоначалниците на општините Аеродром и Кисела Вода, Ивица Коневски и Марјан Ѓорчев ќе извршат свечено примопредавање на протоколот за делбен биланс, што ќе се одржи в недела, 14.6.2009 година, во 12:00 часот во просториите на Општина Аеродром.

Во име на општините Аеродром и Кисела Вода ги покануваме редакциите да испратат новинарска екипа (новинар и снимател или фоторепортер) да го проследат настанот.

12.6.2009

Скопје


СЕ АСФАЛТИРА УЛИЦАТА „АНАСТАС МИТРЕВ“ ВО МИЧУРИН

Вчера, 10.6.2009 година, почна асфалтирањето на улицата „Анастас Митрев“ во населбата Мичурин.

Улицата ќе се асфалтира во должина од 350 метри и широчина од 5 метри. Средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Аеродром, а градежните активности ги изведува фирмата „Баџак инженеринг“.

Општина Аеродром ги повикува жителите на населбата Мичурин, да ги отстранат возилата паркирани на улицата „Анастас Митрев“, бидејќи во тек е асфалтирање на улицата. Се повикуваат жителите и посетителите на Мичурин да не ги паркираат своите возила и во близина на другите места на кои се работи, со што ќе се овозможи непречено извршување на градежните активности.

Доколку граѓаните не ги отстранат возилата, тие ќе бидат отстранети со пајак служба.




11.6.2009

Скопје


ПОЧНУВА АСФАЛТИРАЊЕ НА ВТОРИОТ СЛОЈ НА УЛИЦАТА „ВЕНИЈАМИН МАЧУКОВСКИ“ ВО МИЧУРИН

Од утре, 11.6.2009 година, почнуваат активностите за поставување на вториот асфалтен слој на улицата „Венијамин Мачуковски“ во населбата Мичурин.

Улицата ќе се асфалтира во должина од околу 360 метри и широчина од 7 метри. Градежните активности ги изведува фирмата „Урбан инвест“. Средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Аеродром.

Општина Аеродром апелира до жителите и до посетителите на Мичурин да не ги паркираат своите возила во близина на местата каде што се работи, со што ќе овозможат градежните активности да се изведуваат со поголем интензитет.

Во спротивно, возилата паркирани на локациите каде што се извршуваат градежни работи ќе бидат подигнати од страна на пајак службата на Град Скопје.

10.6.2009

Скопје


ДВЕ НОВИ ОСНОВНИ УЧИЛИШТА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

„На крајот на учебната година ми претставува големо задоволство да најавам изградба на две нови основни училишта во Општина Аеродром, едно во населбата Реонски центар „Аеродром“ и едно во населбата Лисиче, на местото на постојното училиште „Димитар Македонски“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски на денешната (9.6.2009 година) прес-конференција што ја одржа во просториите на Општината заедно со министерот за образование и наука, Перо Стојановски.

Станува збор за значаен заеднички проект на Општина Аеродром и на Министерството за образование и наука, и тоа за едно училиште на три нивоа, на површина од 3.725 квадратни метри со капацитет од 600 ученици во една смена, односно 1.200 ученици во две училишни смени, како и за училиште во четири блока на површина од 2.973 квадратни метри со капацитет од 550, односно 1.100 ученици, во една, односно две смени. Двете училишта, покрај училниците, ќе бидат опремени и со кабинети, библиотеки, фискултурна сала, галерии, трибини, како и технички простор, магацини за училишна опрема, работилници и се што е потребно за исполнување на современите стандарди.

„Општина Аеродром е населена претежно со млада популација, а бројот и мрежата на постојните основни училишта не ги задоволува потребите, така што со изградбата на овие две нови училишта ќе се обезбеди нормално функционирање на наставниот процес во согласност со современите норми“, изјави министерот Стојановски.

Министерството за образование и наука веќе објави тендер за избор на фирма која ќе ги гради училиштата, така што реализацијата на проектот, како што најави министерот Стојановски, се очекува да почне веќе на почетокот на новата учебна година, а доколку работите се одвиваат според предвидената динамика училиштата ќе бидат пуштени во употреба за учебната 2010 - 2011.



]



9.6.2009

Скопје


В ЧЕТВРТОК 7-MA СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

В четврток, 11.6.2009 година (четврток), со почеток во 16:30 часот во просториите на Општина Аеродром ќе се одржи седмата седница на Советот на Општина Аеродром.

На дневниот ред на седницата се следните точки:

  1. Предлог-Одлука за измени и дополнувања на Буџетот на Општина Аеродром за 2009 година (Ребаланс на Буџетот);
  2. Амандман на Предлог-Одлука за измени и дополнувања на Буџетот на Општина Аеродром за 2009 година (број 07-117/1);
  3. Амандман на Предлог-Одлука за измени и дополнувања на Буџетот на Општина Аеродром за 2009 година (број 07-117/2);
  4. Предлог-Одлука за задолжување на раководителот на Одделението за урбанизам и подготовка на урбанистички планови на Општина Аеродром, за преземање активности со цел регулирање договорни обврски кон ангажирани работници во Општина Аеродром;
  5. Предлог-Одлука за задолжување на раководителот на Секторот за правни, општи и организациони работи на Општина Аеродром, за потпишување договор за соработка меѓу Централниот регистар на РМ и Општина Аеродром;
  6. Предлог-Одлука за задолжување на раководителот на Секторот за правни, општи и организациони работи на Општина Аеродром, за потпишување договор за вршење стручни и административни работи во врска со користење на јавните површини, помеѓу Општина Аеродром и Град Скопје;
  7. Предлог-Одлука за аплицирање на Општина Аеродром на проектот „Форуми во заедниците“, распишан од канцеларијата за соработка при Швајцарската амбасада.

9.6.2009

Скопје


ГОЛЕМА ПОСЕТЕНОСТ НА „БАСКЕРФЕСТ 2009“ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Кловнови, акробати, магионичари и музичари изминатиот викенд (од 4 до 6 јуни 2009 година) на локацијата кај ТЦ „Бисер“, со најразлични настапи и театарски изведби ги забавуваа граѓаните на Општина Аеродром.

Тричасовните настапи на познатите меѓународни артисти и изведувачи беа проследени од бројна публика на различна возраст.

Организатор на фестивалот на улични артисти и музичари е Здружението на граѓани за ентертеинмент и ивент продукција – „ONE WAY“, а Општина Аеродром со донација од 1.500 евра во денарска противвредност го поддржа фестивалот. Средствата се издвоени од Буџетот на општината.

Советот на Општина Аеродром одлучи да ја поддржи оваа манифестација, бидејќи преку еден ваков фестивал на улични артисти и музичари се придонесува да се зголеми интересот на граѓаните за културни настани, како и да се подобри локалниот економски развој не само на општините, туку и на градот Скопје, токму преку збогатување на туристичката понуда.











8.6.2009

Скопје


ПОКАНА ЗА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и министерот за образование и наука, Перо Стојановски, утре, на 9.6.2009 година (вторник) во 11:30 часот во Општина Аеродром ќе одржат заедничка прес-конференција.

Тема на прес-конференцијата е симболично означување на крајот на учебната година, со најава на заеднички проект меѓу двете институции.

Ги покануваме редакциите да испратат новинарска екипа (новинар и снимател или фоторепортер) да ја проследат прес-конференцијата.

8.6.2009

Скопје


ОДРЖАН УЧЕНИЧКИ КВИЗ-НАТПРЕВАР ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ

Во основното училиште „Блаже Конески“, неодамна се одржа ученички квиз-натпревар од областа на енергетиката и енергетската ефикасност.

Во квизот кој го организираше „МАЦЕФ“ се натпреваруваа по двајца ученици од седумте основни училишта на територијата на општината. Првото место го освои екипата од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ која имаше најголем број точни одговори, на второто место се пласираше екипата на ОУ „Гоце Делчев“ и на трето место, екипата на ОУ „Блаже Конески“.

Општина Аеродром на сите учесници во квизот им додели благодарници за учеството.

Ваквата акција и соработка на Општина Аеродром со невладиниот сектор е со цел да се подигне свеста кај учениците за заштита на животната средина, како и за свесно и совесно однесување кон околината во која живееме.


4.6.2009

Скопје


ГРАДСКИОТ ДУВАЧКИ ОРКЕСТАР ОДРЖА КОНЦЕРТ ПРЕД ТЦ „БИСЕР“

Градскиот дувачки оркестар, во организација на МКЦ, вчера, 3.6.2009 година, одржа едночасовен концерт на евергрин музика пред трговскиот центар „Бисер” во Општина Аеродром.

Концертот го проследи бројна публика, која се забавуваше со композиции од класична и џез музика, валцери и евергрини.

Ваквата практика на градскиот дувачки оркестар да се претставува во различни општини веќе стана традиција, која редовно се одржува секоја година.


4.6.2009

Скопје


АСФАЛТИРАНА УЛИЦАТА „ПЕТАР АЦЕВ“ ВО МИЧУРИН

Вчера, 3.6.2009 година, со поставување на вториот асфалтен слој, заврши асфалтирањето на улицата „Петар Ацев“ во населбата Мичурин.

Улицата е асфалтирана во должина од околу 400 метри и широчина од 6 метри. Градежните активности ги изведуваше фирмата „Гранит“. Средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Аеродром.

Во наредниот период се очекува, по поставување на нисконапонската мрежа за јавно осветлување и дислокација на бандерите од страна на ЕВН, да почне изградбата на тротоари од двете страни на улицата.


4.6.2009

Скопје


ОД УТРЕ ДО 6 ЈУНИ „БАСКЕРФЕСТ 2009“ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

На 4, 5 и 6 јуни 2009 година во Општина Аеродром, со почеток од 19:00 до 22:00 часот, на локацијата спроти ТЦ „Бисер“ граѓаните ќе имаат можност во траење од по три часа, да ги проследат настапите предвидени во програмата на фестивалот „Баскерфест 2009 – Скопје“.

Организатор на фестивалот на улични артисти и музичари е Здружението на граѓани за ентертеинмент и ивент продукција – „ONE WAY“, а Општина Аеродром со донација од 1.500 евра во денарска противвредност го поддржа фестивалот. Средствата се издвоени од Буџетот на општината.

„Баскерфест“ е фестивал на кој учествуваат меѓународни артисти, изведувачи, акробати, бајкери и музичари, манифестација каде што се изведуваат најразлични театарски изведби.

Советот на Општина Аеродром одлучи да ја поддржи оваа манифестација, бидејќи преку еден ваков фестивал на улични артисти и музичари се придонесува да се зголеми интересот на граѓаните за културни настани, како и да се подобри локалниот економски развој не само на општините, туку и на Градот Скопје, токму преку збогатување на туристичката понуда.

3.6.2009

Скопје


НАД 50 НОВОРОДЕНЧИЊА ДОБИЈА ПО 5.000 ДЕНАРИ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, денеска, 2.6.2009 година, свечено врачи решенија за еднократна парична помош на педесетина семејства со новороденчиња.

„Ова е вторпат да доделувам решенија за еднократна парична помош во висина од 5.000 денари на семејства од Општина Аеродром со новороденчиња. Со оваа скромна сума сакаме барем малку да им помогнеме на младите родители и да пратиме порака дека се грижиме за нашите најмлади жители, изјави градоначалникот Коневски“, додавајќи дека доказ за тоа се новите дваесетина модерни детски игралишта што во моментов се градат во сите населби во општината.

Од почетокот на 2009 година Општина Аеродром се збогати со уште 177 нови жители, од кои 83 се машки, а 94 се женски што покажува дека постои тенденција на зголемување на бројот на женските новороденчиња.

Еднократната парична помош се доделува врз основа на поднесено барање од страна на семејствата до Општина Аеродром со уредно приложена документација, која ќе го потврди раѓањето на новиот член во семејството и живеалиштето на подрачјето на Општина Аеродром.







2.6.2009

Скопје


УТРЕ КОНЦЕРТ НА ДУВАЧКИОТ ОРКЕСТАР ПРЕД ТЦ „БИСЕР“

Градскиот дувачки оркестар, во организација на МКЦ, а во соработка со Општина Аеродром утре, 3.6.2009 година (среда) со почеток во 18:00 часот, ќе одржи 45 минутен концерт на евергрин музика пред платото кај ТЦ „Бисер“.

Ваквата практика на градскиот дувачки оркестар да се претставува во различни општини и да ги забавува граѓаните со најразлични композиции од класична и џез музика, валцери и евергирини веќе стана традиција која редовно се одржува секоја година.

2.6.2009

Скопје


ПОВИК ДО ГРАЃАНИТЕ ЗА ПРЕДЛОЗИ И СУГЕСТИИ ОКОЛУ ЕКОЛОШКИОТ РАЗВОЈ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Нацрт верзијата на Локалниот еколошки акциски план за Општина Аеродром (ЛЕАП) е поставен на општинската веб страница, www.aerodrom.gov.mk каде што граѓаните во рок од околу триесетина дена ќе можат да го разгледаат подготвениот материјал и да ги достават забелешките, заради подготовка на финалната верзија на ЛЕАП-от.

Презентирањето на овој документ на јавноста и прибирање на дополнителни предлози и сугестии, кои се очекува да го зголемат квалитетот и транспарентноста на ЛЕАП-от, претставува финална фаза пред неговото усвојување.

Општина Аеродром нацрт-верзијата на ЛЕАП ја изработи во периодот од 2008 и 2009 година, а во изработката учествуваа голем број експерти од најразлични области, граѓани, претставници на куќни совети, НВО сектор, како и претставници на Советот на Општина Аеродром и општинската администрација, при што беа спроведени неколку анкети со повеќе од 600 испитаници.

Граѓаните во наредните неколку недели можат да доставуваат предлози и сугестии на следниве e-mail адреси:

marjan.kelemen@aerodrom.gov.mk

aleksandar.spasov@aerodrom.gov.mk

dana.gapkovska@aerodrom.gov.mk

Инаку, изработката на ЛЕАП во Општина Аеродром ќе придонесе да се надминат проблемите поврзани со животната средина, загадувањето и подобрувањето на квалитетот на воздухот, пречистување на водите, управување со отпадот, урбаниот развој и просторното планирање, подигање на јавната свест за заштита и унапредување на животната средина, како и информираност на граѓаните во областа социо-економскиот развој. Сето тоа преку промоција на одржлив развој.

1.6.2009

Скопје


Под мотото „Освести се! Природата враќа!“

ОДРЖАНА МАСОВНА ЕКО-АКЦИЈА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

„Денеска уште од раните утрински часови почна акцијата за чист Аеродром, која ја организираме заедно со Град Скопје со вклучување на сите јавни претпријатија, вработените во Општина Аеродром, сите ученици од основните училишта, сите 70 сезонски работници што ги ангажира Општината, како и со вклучување на голем број граѓани, ученици, а како што може да се види меѓу нас се и политичари, дипломати, пејачи и други естрадни ѕвезди, кои даваат директен придонес во еколошкиот развој на општината и нејзиното разубавување и чист изглед. Со акцијата сакаме да пратиме порака дека секој граѓанин треба да се грижи за својата околина. Со вакви активности ќе продолжиме и во иднина и се надевам дека ќе станеме пример и репер за другите општини во поглед на одржувањето на јавната чистота“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски на денешната, , 30.5.2009 година (сабота), масовна еко-акција под мотото „Освести се! Природата враќа!“.

Градоначалникот на Град Скопје, пак, апелираше до граѓаните секој поединечно да даде придонес во чистотата и зеленилото на градот Скопје, што значи „да не фрлаат смет каде што не треба, туку онаму каде што е тоа предвидено. Тоа е многу значајно, зашто ние не можеме да исчистиме толку колку што на таков начин може да се извалка“.

Целосна поддршка на еколошката акција даде и заменик-амбасадорот на Кралството Холандија, Херт Кампман, кој рече дека „е многу важно луѓето да живеат во здрава и чиста околина“, додека министерот за образование, Перо Стојановски, истакна дека нема подобра едукација за учениците кога преку личен пример им се покажува како треба да се грижат за околината.











30.5.2009

Скопје


ОУ „ДИМИТАР МАКЕДОНСКИ“ ГО ОДБЕЛЕЖА 45-ГОДИШНИОТ ПАТРОНАТ

Со богата културно – уметничка програма во фискултурната сала на ОУ „Димитар Македонски“ на 22.5.2009 година се одбележа 45–годишнината од постоењето на училиштето.

На роденденската прослава учениците од одделенска и од предметна настава под мотото „Пролет, лето, есен, зима, така сè во круг; Цвеќе, сонце, жолто лисје и на крај е студ“, изведуваа најразлични музички точки, хорски и оркестарски изведби, се читаа рецитали и драмски литературни творби.

На прославата покрај претставниците од Општина Аеродром, присуствуваа и голем број ученици, родители и наставници.





29.5.2009

Скопје


ПАЈАК СЛУЖБАТА ЌЕ ГИ КРЕВА ВОЗИЛАТА ПАРКИРАНИ НА БУЛЕВАРОТ „ЈАНЕ САНДАНСКИ“

Поради изведување градежни работи, односно поставување метални пречки по должината на булеварот „Јане Сандански“, в понеделник, 1.6.2009 година, пајак службата ќе ги подигнува непрописно паркираните возила во периодот од 09:00 до 14:00 часот.

П-оградите Општината ги поставува за заштита на велосипедската патека што се протега покрај булеварот, како и за нејзино непречено користење од страна на велосипедистите.

Металните пречки ги поставува Општина Аеродром во рамки на проектот „Имплементација на Основниот план за употреба на велосипеди во Општина Аеродром – втор дел“, кој се реализира во соработка со Град Скопје и Здружението на граѓани „Проактива“ поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија.

За успешно спроведување на проектот и изведување на потребните градежни работи, Општина Аеродром апелира возачите да не ги паркираат автомобилите на недозволени места, односно по тротоарите и пешачките патеки на булеварот „Јане Сандански“, пред автобуските постојки и пред „ТЦ „Бисер“.

29.5.2009

Скопје


В сабота голема еко-акција во Општина Аеродром

„ОСВЕСТИ СЕ! ПРИРОДАТА ВРАЌА! ДА ЈА ИСЧИСТИМЕ СРЕДИНАТА ВО КОЈА ЖИВЕЕМЕ!“

В сабота, 30.5.2009 година со почеток во 11:00 часот, пред ОУ „Љубен Лапе“ Општина Аеродром ќе организира голема еко-акција која ќе се спроведе под мотото „Освести се! Природата враќа! Да ја исчистиме средината во која живееме!“

Покрај општинската администрација во акцијата активно ќе се вклучат претставници од Град Скопје, како и претставници од јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“.

Екипите на „Паркови и зеленило” ќе ја косат и ќе ја собираат сувата трева, ќе ги чистат сувите гранки и лисја, а ќе се чистат и јавните површини од смет.

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“, пак, на различни локации ќе имаат поставено големи контејнери, кои ќе служат за исфрлање габаритен и непотребен материјал.

Собирни пунктови од кои ќе се спроведува еко-акцијата на Општина Аеродром се:

- Ново Лисиче (детска улица Тоше Проески);

- Паркот зад Лукоил (на булевар Србија);

- Населба 13 Ноември (зад ТЦ „Три Бисери“);

- ОУ „Љубен Лапе“ (кај Воената академија);

- Населба Лисиче (кај трговскиот центар).

Во акцијата се очекува да се вклучат жителите на Општината, учениците од основните училишта, како и истакнати пејачи, актери, политичари, амбасадори, градоначалници и други лица од јавниот живот, кои со своето присуство и учество ќе дадат придонес во нејзината успешна реализација, поддршка за идејата и оправданост на мотото.

Меѓу нив досега своето учество го потврдија чешкиот амбасадор Јозеф Браун, заменик-амбасадорот на Кралството Холандија, Херт Капман, министрите за внатрешни работи и за образование, Гордана Јанкуловска и Перо Стојановски, претставници од Владата, од министерствата за животна средина, за локална самоуправа, за транспорт и врски и за локална самоуправа, од ОБСЕ, директорот на Лукоил, пејачите и естрадните уметници Ребека, Биба Додева, Некст тајм, Кире Костов, Мартина, Александра Пилева, Марко Новевски од „Дај побрзај“, Елена Чадиковска, раперската група „Пука Козметика“, младиот сликар Стефан Плескоњиќ, а се разбира и домаќинот на акцијата, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, на кого ќе му се придружи и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој, пак, е организатор на акцијата „Чисто Скопје“, што почна денеска на територијата на Општина Аеродром.

Целта на оваа голема еколошка акција е да се расчисти сметот во општината, како и да се крене еколошката свест на повисоко ниво, особено кај најмладата популација поради што, на повеќе локации се поставени плакати и летоци со повик до граѓаните да придонесат за успешна реализација на проектот со свое што помасовно вклучување во акцијата за чистење на Општината.

Општина Аеродром ги повикува граѓаните масовно да се вклучат во големата еколошка акција и да придонесат во разубавувањето на животната средина, како и во подобрувањето на условите за живот.












28.5.2009

Скопје


Прес-конференција на градоначалникот Ивица Коневски

ПОЧНАТИ 64,38 % ОД ПРОЕКТИТЕ ВО ПРЕДИЗБОРНАТА ПРОГРАМА

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, денеска, 28.5.2009 година одржа прес-конференција на која го најави стартот на големата еколошка акција што ја организира Општината, а ги презентираше и активностите на Општина Аеродром од почетокот на преземањето на функцијата градоначалник.

„Од 111 позначајни проекти предвидени во предизборната програма 58 се почнати со реализација, што е точно 64,38 отсто. Се очекува до крајот на годината, процентот да изнесува над 70 почнати проекти“, изјави пред новинарите градоначалникот Коневски, притоа, додавајќи дека дел од проектите кои се очекува до крајот на годината да почнат, ќе се реализираат во соработка со Град Скопје и со надлежните министерства.

Станува збор за реконструкција на улицата „Ѓорѓи Капчев“, проширување на булеварот „Србија“, изградба на основно училиште и детска градинка во Реонски центар „Аеродром“, изградба на спортско игралиште и спортска сала на кејот на реката Вардар, реализација на договорот за делбен биланс со Општина Кисела Вода, воведување на ISO стандарди во соработка со Стопанската комора на Република Македонија, како и изградба на три нови пазари, кои според ДУП-овите се предвидени на три локации, помеѓу црквата „Св. Пророк Илија“ и амбулантата „Јане Сандански“, зад ТЦ „Бисер“ и во Горно Лисиче.

На крајот од прес-конференцијата градоначалникот Коневски ги покани присутните претставници на медиумите да придонесат за успешна реализација на проектот со свое вклучување и проследување на акцијата за чистење на Општината.





28.5.2009

Скопје


УЧЕНИЧКИ КВИЗ НАТПРЕВАР ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ

Во основното училиште „Блаже Конески“, во рамки на еко-акцијата насловена како „Освести се! Природата враќа!“ што ќе ја спроведе Општина Аеродром на 30.5.2009 година (сабота), ќе се одржи ученички квиз натпревар.

Во квизот кој го организира „МАЦЕФ“, ќе се натпреваруваат по двајца ученици од седумте основни училишта на територијата на општината, кои ќе треба да покажат најголемо знаење од областа на енергетиката и енергетската ефикасност.

Според податоците на организацијата „МАЦЕФ“, ОУ „Љубен Лапе“ кое неколку пати досега се има натпреварувано, има освоено и прво место на еден од квизовите за енергетска ефикасност.

Во меѓувреме, покрај одржувањето на ученичкиот квиз, на учениците во сите основните училишта на територијата на Општина Аеродром ќе им се дели и едукативен материјал, односно сликовници и брошури со еколошка содржина кои се донација од Здружението на граѓани „ОХО“.

Ваквата акција и соработка на Општина Аеродром со невладиниот сектор е со цел да се подигне свеста кај учениците за заштита на животната средина, како и за свесно и совесно однесување кон околината во која живееме.

28.5.2009

Скопје


Во рамки на акцијата на Град Скопје – „Чисто Скопје“

ПОСТАВЕНИ КОНТЕЈНЕРИ ЗА ИСФРЛАЊЕ ГАБАРИТЕН МАТЕРИЈАЛ НА ПЕТ ЛОКАЦИИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Во Општина Аеродром денеска, 28.5.2009 година стартуваше акцијата „Чисто Скопје“, која ја спроведува Град Скопје во соработка со јавните претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Водовод и канализација“, како и сезонските работници што ги ангажираше Општина Аеродром.

За време на акцијата „Чисто Скопје“ која ќе продолжи утре и задутре, 29-ти и 30-ти мај 2009 година, од страна на ЈП „Комунална хигиена“ на пет локации во Општина Аеродром ќе бидат поставени контејнери за исфрлање габаритен материјал – бела техника, апарати од домаќинство и слично.

По еден контејнер ќе биде поставен на улицата „Тодор Чангов“, потоа на поранешна последна станица на автобусите 5 и 15, кај ортопедската клиника „Мајчин дом“, зад ТЦ „Скопјанка“ и кај црквата „Свети Пророк Илија“.

Инаку, на повеќе локации во Општина Аеродром се чисти комуналниот смет, градежниот шут и се уредуваат зелените површини, а истовремено се кастрат и гранките на дрвјата покрај булеварот „Јане Сандански“ во близина на ТЦ „Бисер“ кои пречат на канделабрите.

На 30-ти мај (сабота) паралелно со акцијата на Град Скопје, под мотото „Освести се! Природата враќа!“ ќе се спроведе и големиот еко-проект на Општина Аеродром, чија цел е да се крене еколошката свест кај граѓаните и преку личен пример да се даде поттик како треба да се негува животната средина.

28.5.2009

Скопје


СЕ ПОПОЛНУВААТ УДАРНИТЕ ДУПКИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

По налог на стручните служби на Општина Аеродром, деновиве во завршна фаза е санацијата и асфалтирањето на ударните дупки во околината на ТЦ „Бисер“.

Во изминатиот период, пак, се санираа дупките во населбата Лисиче и тоа на улиците „Димитар Благоев“, „Гаврил Константиновиќ“, „Димитар Туриманџовски“, како и ударните дупки пред трговскиот центар во оваа населба.

Се очекува деновиве да почне санација и асфалтирање на ударните дупки на улиците „Горноврановска“ и „Божин Николов“ во Горно Лисиче.





27.5.2009

Скопје


ПОКАНА ЗА БРИФИНГ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, ќе одржи брифинг за новинари утре, 28.5.2009 година со почеток во 11:00 часот во просториите на Општина Аеродром.

Тема на брифингот е големата еколошка акција што ја организира Општината на 30-ти мај, како и преглед на активностите на Општина Аеродром од почетокот на преземањето на функцијата градоначалник со најава на активности за претстојниот период.

Ги покануваме редакциите да испратат новинарска екипа да го проследи брифингот.

27.5.2009

Скопје


ЕДУКАЦИЈА НА УЧЕНИЦИТЕ ОД АЕРОДРОМ ДА УПОТРЕБУВААТ ВЕЛОСИПЕДИ

Општина Аеродром во соработка со Здружението на граѓани „Проактива“ деновиве за учениците и децата во сите основни училишта и градинки на нејзина територија подели по стотина едукативни постери, линијари и налепници на тема: „Промоција на урбан велосипедизам во град Скопје“.

Оваа акција се спроведува во рамките на проектот „Имплементација на Основниот план за употреба на велосипеди во Општина Аеродром - втор дел“.

Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија и се реализира со цел да се делува едукативно кај учениците.


26.5.2009

Скопје


УТРЕ 5-ТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Утре, 27.5.2009 година (среда), со почеток во 17:00 часот во просториите на Општина Аеродром ќе се одржи петтата седница на Советот на Општина Аеродром.

На дневниот ред на седницата се следните точки:

  1. Предлог-Одлука за измена и дополнување на Одлуката за утврдување денарски благајнички максимум за 2009 година;
  2. Предлог-Одлука за измена и дополнување на Одлуката за утврдување девизен благајнички максимум за 2009 година;
  3. Предлог-Одлука за формирање Комисија за изготвување Правилник со критериуми за доделување парична помош, поддршка и спонзорства;
  4. Предлог-Програма за работа на Советот на Општина Аеродром за 2009 година;
  5. Предлог-Одлука за овластување на Градоначалникот за користење службен мобилен телефон;
  6. Предлог-Одлука за задолжување на Секторот за правни, општи и организациони работи на Општина Аеродром, за преземање активности со цел повлекување кривична пријава;
  7. Предлог-Одлука за формирање Штаб за заштита и спасување за подрачјето на Општина Аеродром;
  8. Предлог-Одлука за утврдување цена на градежно земјиште и земјоделско земјиште по зони на подрачјето на Општина Аеродром, за спроведување постапка за експропријација и одземање корисничко право;
  9. Предлог-План за измена и дополнување на Планот за јавни набавки во 2009 година на Општина Аеродром;
  10. Предлог-Заклучок за усвојување Декларација за зелени општини во Република Македонија;
  11. Предлог-Правилник за работа и работни задачи на вработените во Општина Аеродром;
  12. Предлог-Одлука за разрешување претставник од Општина Аеродром во Училишниот одбор на ОУ „Гоце Делчев” на Општина Аеродром во Градот Скопје;
  13. Предлог-Одлука за именување претставници од Општина Аеродром за членови во Училишниот одбор на ОУ „Гоце Делчев” на Општина Аеродром во Градот Скопје;
  14. Предлог-Одлука за разрешување претставник од Општина Аеродром во Училишниот одбор на ОУ „Лазо Ангеловски” на Општина Аеродром во Градот Скопје;
  15. Предлог-Одлука за именување претставник од Општина Аеродром за член во Училишниот одбор на ОУ „Лазо Ангеловски” на Општина Аеродром во Градот Скопје;
  16. Предлог-Одлука за именување претставници од Општина Аеродром за членови во Училишниот одбор на ОУ „Блаже Конески” на Општина Аеродром во Градот Скопје;
  17. Предлог-Одлука за именување претставници од Општина Аеродром за членови во Училишниот одбор на ОУ „Браќа Миладиновци” на Општина Аеродром во Градот Скопје;
  18. Предлог-Одлука за разрешување претставници од Општина Аеродром во Училишниот одбор на ОУ „Димитар Македонски” на Општина Аеродром во Градот Скопје;
  19. Предлог-Одлука за именување претставници од Општина Аеродром за членови во Училишниот одбор на ОУ „Димитар Македонски” на Општина Аеродром во Градот Скопје;
  20. Предлог-Одлука за разрешување член во Управниот одбор на ЈДГОА „Срничка“;
  21. Предлог-Одлука за именување член во Управниот одбор на ЈДГОА „Срничка“;
  22. Предлог-Одлука за разрешување членови во Управниот одбор на ЈУДГ „Буба Мара“;
  23. Предлог-Одлука за именување членови во Управниот одбор на ЈУДГ „Буба Мара“.

26.5.2009

Скопје


Поради градежни активности во Мичурин претстојниов викенд

ПОВИК ДА СЕ ОТСТРАНАТ ВОЗИЛАТА ОД УЛИЦАТА „АНАСТАС МИТРЕВ“

Општина Аеродром ги повикува жителите на населбата Мичурин, да ги отстранат возилата паркирани на улицата „Анастас Митрев“, бидејќи од денеска, 22.5.2009 година (петок), почнуваат подготовките за асфалтирање на улицата.

Причина за повикот да се отстранат возилата е интензивните градежни работи планирани во текот на претстојниот викенд.

Општина Аеродром апелира до жителите и посетителите на Мичурин да не ги паркираат своите возила и во близина на другите места, на кои се работи, со што ќе се овозможи непречено извршување на градежните активности.

Доколку жителите не ги отстранат возилата, тие ќе бидат отстранети со пајак служба.


22.5.2009

Скопје


Поради градежни активности во Мичурин

ПОВИК ДА СЕ ОТСТРАНАТ ВОЗИЛАТА ПАРКИРАНИ НА УЛИЦАТА „АНАСТАС МИТРЕВ“

Општина Аеродром ги повикува жителите на населбата Мичурин, да ги отстранат возилата паркирани на улицата „Анастас Митрев“, бидејќи од утре, 22.5.2009 година (петок), почнуваат подготовките за асфалтирање на улицата.

Исто така, Општина Аеродром апелира до жителите и посетителите на Мичурин да не ги паркираат своите возила во близина на местата каде што се работи, со што ќе овозможат градежните активности да се изведуваат со поголем интензитет.

Доколку жителите не ги отстранат возилата, тие ќе бидат отстранети со пајак служба.

21.5.2009

Скопје


15 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ НА ГРАДИНКАТА „БУБА МАРА“ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

По повод 15-годишнина од постоењето вчера, 20.5.2009 година, децата од градинката „Буба Мара“ од Општина Аеродром заедно со дечињата од двата клона „Пчелка 1“ и „Пчелка 2“, одржаа роденденска приредба пред голем број гости.

За време на приредбата децата глумеа, рецитираа стихотворби и изведуваа најразлични музички точки.

„Се изненадив од преубавата приредба што ја видов денеска. Многу пријатни мигови и навистина добро подготвена програма. Честитки до децата, до воспитувачките и до негувателките“, изјави еден од присутните родители.

На роденденската забава присуствуваа и претставници од Општина Аеродром и од Министерството за образование и наука, воспитувачи и родители, како и голем број деца од други градинки од Аеродром и од други соседни општини.





21.5.2009

Скопје


СЕ АСФАЛТИРА КРАК 1 НА УЛИЦАТА „ВЕНИЈАМИН МАЧУКОВСКИ“

Денеска, 20.5.2009 година, Општина Аеродром почна со асфалтирање на кракот 1 на улицата „Венијамин Мачуковски“ во населбата Мичурин.

Улицата се асфалтира во должина од 470 метри, а ќе биде широка 6 метри.

Градежните работи ги изведува фирмата „Пелагонија инженеринг“, а средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Аеродром.

По завршување на градежните работи, на истиот крак ќе се вршат прекопи за поставување улично осветлување од дистрибутивната мрежа, по што ќе почне изградбата на тротоари од двете страни на улицата. Тротоарите ќе бидат широки по 1,5 метри.

Општина Аеродром апелира до жителите и посетителите на Мичурин да не ги паркираат своите возила во близина на местата каде што се работи, со што ќе овозможат градежните активности да се изведуваат со поголем интензитет.







20.5.2009

Скопје


ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА АТМОСФЕРСКАТА КАНАЛИЗАЦИЈА ВО ГОРНО ЛИСИЧЕ

Неодамна почна изградбата на атмосферската канализација на улицата „Ѓорѓи Капчев“ во Горно Лисиче.

Атмосферската канализација на оваа улица, на која претходно беше изведена и фекална канализација, ќе биде долга околу 300 метри, при што ќе се постават армирани бетонски канализациски цевки со пресек „фи 600“. Градежните работи ги изведува фирмата „Баџак инженеринг“, а средствата се издвоени од Буџетот на Општина Аеродром.

Се очекува изградбата на атмосферската канализација да заврши за околу две недели, по што ќе почнат и подготвителните активности за асфалтирање на улицата „Ѓорѓи Капчев“.





20.5.2009

Скопје


ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕЧАТ РЕДИЗАЈНИРАНИОТ ВЕСНИК „АЕРОДРОМ”

Општина Аеродром по неколкумесечна пауза го издаде дваесет и осмиот (28) број на весникот „АЕРОДРОМ“. Весникот е редизајниран и има нови и свежи содржини на 32 страници во колор.

Отсега весникот „АЕРОДРОМ“ ќе излегува како двомесечник, во кој, освен што ќе се пренесуваат активностите на Општината и други содржини со актуелна тематика и проблеми што го засегаат локалниот живот во Општината, во него ќе може да се прочитаат и текстови од различни области интересни за секоја возраст и сечиј вкус, особено за помладата популација.

Според новата уредувачка политика на весникот, во иднина нема да се пласираат текстови во кои се „бистри“ политика, туку исклучиво написи со сервисни информации и други забавни „урбани“ содржини со цел да се привлече вниманието на помладата популација, за која Општината води особена грижа, бидејќи во крајна линија тие се клучното обележје и двигател на една урбана средина, за каква што се смета Општина Аеродром.

Новиот број на весникот „АЕРОДРОМ“ за мај и јуни може да се прочита и на општинската WEB страница: www.aerodrom.gov.mk во рубриката „ВЕСНИК“.

Граѓаните можат да ги изнесуваат своите предлози, критики и совети на телефоните и на адресата од седиштето на Општината.

Весникот се печати во тираж од 30.000 примероци и бесплатно се доставува до секој дом на жителите во Општина Аеродром.


20.5.2009

Скопје


СЕ МЕНУВААТ ПЛОЧКИТЕ ВО НАСЕЛБАТА 13 НОЕМВРИ

Деновиве почна реконструкција на плочникот меѓу зградите зад ТЦ „Три бисери“ во населбата 13 ноември.

Станува збор за замена на старите дотраени, искршени или пропаднати од употреба плочки на посочената локација.

Работите ги изведува фирмата ИГМ „Вратница“, а средствата се одвоени од Буџетот на Општина Аеродром.


19.5.2009

Скопје


ПОЧНА АСФАЛТИРАЊЕТО НА УЛИЦАТА „ТОДОР ЧАНГОВ“ ВО ГОРНО ЛИСИЧЕ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, денеска, 19.5.2009 година одржа прес-конференција по повод почетокот на асфалтирањето на улицата „Тодор Чангов“ во Горно Лисиче.

„Општина Аеродром пристапи кон асфалтирање на „Тодор Чангов“ за да им го олесни секојдневниот живот на граѓаните што живеат во непосредна близина на улицата, но пред сè, за да се стави крај на повеќегодишното патешествие на жителите од овој дел на општината, кои беа принудени да газат во кал или прашина во зависност од временскиот период. Со тоа, конечно, жителите ќе добијат нормални услови за живеење, како што и доликува на една урбана средина, за каква што важи Општина Аеродром“, изјави градоначалникот Коневски. Тој исто така, додаде дека со асфалтирање на улицата ќе се поврзат двете населени места населбата Лисиче и Горно Лисиче.

На прес-конференцијата присуствуваше и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој изјави дека асфалтирањето на улицата „Тодор Чангов“ е дел од активностите предвидени во предизборната програма за локалните избори.

„Кога го посетивме ова место заедно со градоначалникот Коневски ветивме дека за два месеци ќе почне асфалтирањето на улицата „Тодор Чангов“. Денеска ова ветување се исполнува и би сакал да испратам порака до сите други градоначалници да го следат примерот на Ивица Коневски“, изјави министерот Јанакиески.

Инаку, улицата „Тодор Чангов“ ќе се асфалтира во должина од 500 метри и 7 метри широчина со по половина метар банкини. По асфалтирање на улицата ќе почне да сообраќа и автобус на ЈСП „Скопје“ со број 17 – А.

Пред почетокот на асфалтирањето на улицата „Тодор Чангов“ беше изведена комплетно нова фекална канализација со приклучоци кон секундарната фекална мрежа и комплетно нова атмосферска канализација.

Општина Аеродром издвои околу 16 милиони денари од Буџетот на Општина Аеродром за асфалтирање и за изведба на комплетната канализација.









19.5.2009

Скопје


ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА БЕНЗИНСКАТА ПУМПА НА „ЛУКОИЛ“ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и амбасадорот на Руската федерација во Република Македонија, Владимир Солоцински денеска, 18.5.2009 година, свечено ја пуштија во употреба новата бензинска пумпа на руската нафтена компанија „Лукоил“, која се наоѓа на булеварот „Србија“ во населбата Јане Сандански.

„Со влезот на нафтената компанија „Лукоил“ ќе се укаже можност за отворање голем број нови работни места, каде што приоритет ќе инсистираме да имаат жителите на Општина Аеродром. Од друга страна, оваа нафтена компанија работи еколошки и води сметка за здравата животна средина со тоа што вложува во производството на еколошки бензини кои ги задоволуваат стандардите на Европската унија“ изјави градоначалникот Коневски, додавајќи дека и покрај големото влијание на светската економска криза, во Општина Аеродром, сепак влегуваат значајни инвестиции.

На свеченото пуштање во употреба на новата бензинска пумпа присуствуваше и поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, генералниот директор на „Лукоил“ – Македонија, Андреј Куку, како и директорот на бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски.







18.5.2009

Скопје


ПОКАНА ЗА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ПО ПОВОД АСФАЛТИРАЊЕ НА УЛИЦАТА „ТОДОР ЧАНГОВ“ ВО ГОРНО ЛИСИЧЕ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски утре, 19.5.2009 година (вторник), во 11:30 часот на улицата „Тодор Чангов“ ќе одржи прес-конференција по повод почетокот на асфалтирањето на улицата во Горно Лисиче.

На прес-конференцијата ќе присуствува и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Ги покануваме редакциите на печатените и електронските медиуми да испратат новинарска екипа (новинар и снимател или фоторепортер) да го проследи настанот.

18.5.2009

Скопје


НОВИ КЛУПИ ЗА ДВЕ УЧИЛИШТА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

По барање на учениците од основните училишта „Лазо Ангеловски“ и „Љубен Лапе“, Општина Аеродром постави нови клупи во дворовите на овие две училишта.

Стручните служби од општината откако извршија увид и проверка на локациите, во двете училишта поставија по 6 нови клупи за потребите на учениците.

Клупите ги постави фирмата „Код инженеринг“.

Општина Аеродром апелира до учениците и до граѓаните да не ги уништуваат и валкаат клупите, бидејќи со тоа им нанесуваат штета и на Општината и на жителите кои ги користат клупите.





15.5.2009

Скопје


ПОКАНА ЗА ПУШТАЊЕ ВО УПОТРЕБА НА НОВАТА БЕНЗИНСКА ПУМПА НА „ЛУКОИЛ“ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и амбасадорот на Руската федерација на Република Македонија, Владимир Солоцински в понеделник, 18.5.2009 година во 11:00 часот свечено ќе ја пуштат во употреба новата бензинска пумпа на руската нафтена компанија „Лукоил“, која се наоѓа на булеварот „Србија“ во населбата Јане Сандански.

Покрај свеченото пуштање во употреба, новата бензинска пумпа на „Лукоил“ ќе биде осветена од страна на поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, по што рускиот амбасадор и градоначалникот Коневски ќе се обратат пред присутните гости.

Се очекува на настанот да присуствуваат видни личности од политичкиот и стопанскиот живот во Република Македонија.

Ги покануваме редакциите на печатените и електронските медиуми да испратат новинарска екипа (новинар и снимател или фоторепортер) да го проследи настанот.

15.5.2009

Скопје


Под мотото „Играта е наша работа“

ДЕЦАТА ОД ГРАДИНКАТА „СРНИЧКА“ ОДРЖАА СПОРТСКИ НАТПРЕВАР

Преку реализација на најразлични игровни активности предвидени во програмата за предучилишно воспитание и образование, децата од градинката „Срничка“ вчера, 13.5.2009 година, во дворот на градинката одржаа спортски активности со натпреварувачки карактер.

Под мотото „Играта е наша работа“, децата поделени во неколку групи се натпреваруваа во игрите: пренесување на македонското знаменце, лизгав балон, пукање балони, лизгање, танцување и многу други спортски игри, во кои повремено се вклучуваа и студентите од Факултетот за физичка култура во Скопје.

Целта на настанот беше да им се пренесе порака на родителите дека децата учат преку играта во која понекогаш треба да се вклучат и возрасните, како и да се развие свеста за физичка култура уште од најмала возраст, но и да се поттикне љубовта на децата кон спортот и спортските активности.

Настанот го проследија голем број деца од другите градинки во Општината, како и градинките од соседните општини, родители, воспитувачи и голем број случајни минувачи.









14.5.2009

Скопје


МАКЕДОНСКИОТ АМБАСАДОР ВО САД, ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ, ЈА ПОСЕТИ ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и македонскиот амбасадор во Соединетите Американски Држави, Зоран Јолевски денеска, 14.5.2009 година, одржаа работна средба во кабинетот на градоначалникот.

За време на средбата се разговараше за можните начини на соработка меѓу овие две институции, како и околу можностите за влез на американски инвестиции во Општина Аеродром.

Градоначалникот Коневски му ги презентираше на македонскиот амбасадор во САД состојбите и капацитетите со кои располага Општина Аеродром, како и работењето на општината во сферата на градежништвото, урбанизмот и комуналните работи.





14.5.2009

Скопје


ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА НОВИОТ ТЕРМИНАЛ ЗА АВТОБУСИТЕ 5 И 15

Градоначалниците на Општина Аеродром и на Градот Скопје, Ивица Коневски и Коце Трајановски денеска, 14.5.2009 година го пуштија во употреба новиот терминал за последната, а истовремено и почетната автобуска станица за линиите 5 и 15 во населбата Ново Лисиче.

„Станува збор за проект кој го ветивме во кампањата за локалните избори. Со дислокација на последната станица на 5-ка и 15-ка и со отворање на овој терминал ќе овозможиме непречен пристап за сообраќајот на улицата и на тој начин ќе им излеземе во пресрет и на барањата на граѓаните што живеат во околината, но пред сè на учениците, така што издувните гасови од автобусите повеќе нема да бидат пречка за училиштата“, изјави градоначалникот Коневски.

Просторот кај новиот терминал претходно беше голема дива депонија создадена од страна на несовесни граѓани, така што со дислокацијата на двете автобуски линии е решен и овој комунален проблем.

Имено, изминатите неколку денови локацијата за новата постојка се чистеше од страна на сезонските работници на Општина Аеродром заедно со екипи од јавните претпријатија на Град Скопје.

Со ставање во функција на новиот терминал за линиите 5 и 15 нема да се промени режимот на сообраќај, туку ќе се продолжи само трасата на линиите за околу 400 метри.

Дислокацијата на новиот терминал е дел од предизборната програма, а локацијата е одредена според барањата на жителите од оваа населба.







14.5.2009

Скопје


Поради градежни зафати

УЛИЦАТА „ТОДОР ЧАНГОВ“ ВО ГОРНО ЛИСИЧЕ НА 15.5.2009 ГОДИНА ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕНА ЗА СООБРАЌАЈ

Поради изведување градежни зафати утре, 15.5.2009 година (петок), со почеток од 09:00 часот улицата „Тодор Чангов“ ќе биде затворена за сообраќај.

Станува збор за изведување на напречни прекопи, односно поставување водоводни цевки на улицата од страна на ЈП „Водовод и канализација“.

Откако ќе заврши поставувањето на цевките, ќе почнат подготвителните активности за асфалтирање на улицата „Тодор Чангов“.

Со асфалтирањето на улицата „Тодор Чангов“, проблемот на граѓаните со раскопаната улица што се провлекува подолг период ќе биде решен.

14.5.2009

Скопје


Поради градежни активности во Мичурин

ПОВИК ДА СЕ ОТСТРАНАТ ВОЗИЛАТА ПАРКИРАНИ НА УЛИЦАТА „ВЕНИЈАМИН МАЧУКОВСКИ“

Општина Аеродром ги повикува жителите на населбата Мичурин, да ги отстранат возилата паркирани на улицата „Венијамин Мачуковски“, бидејќи од денеска, 14.5.2009 година (четврток), почнуваат подготовките за асфалтирање на улицата.

Се очекува асфалтирањето, односно градежните работи да завршат наредната недела.

Доколку жителите не ги отстранат возилата во текот на денешниот ден, тие ќе бидат отстранети со пајак служба.

14.5.2009

Скопје


СЕ АСФАЛТИРА УЛИЦАТА ПЕТАР АЦЕВ ВО МИЧУРИН

Од денеска, 13.5.2009 година, се асфалтира улицата „Петар Ацев“ во Мичурин.

Улицата на која претходно беше поставена фекална и атмосферска канализација, ќе се асфалтира во должина од 380 метри, а широчината на коловозот ќе изнесува 6 метри.

Градежните работи ги изведува фирмата ГП „Гранит“.

Паралелно со асфалтирањето на оваа улица продолжува изградбата на нов паркинг покрај улицата „Венијамин Мачуковски“ каде што пристaпната улица е долга 5,6 метри, додека паркинг просторот е со широчина по 5 метри од двете страни.






13.5.2009

Скопје


ПОКАНА ЗА ПУШТАЊЕ ВО УПОТРЕБА НА НОВИОТ ТЕРМИНАЛ ЗА АВТОБУСИТЕ СО БРОЈ 5 И 15

Градоначалниците на Општина Аеродром и на Градот Скопје, Ивица Коневски и Коце Трајановски во четврток, 14.5.2009 година во 12:00 часот ќе го пуштат во употреба новиот терминал за последната и за почетната автобуска станица за линиите 5 и 15 во населбата Ново Лисиче.

Дислокацијата на новиот терминал е дел од предизборната програма, а локацијата е одредена според барањата на жителите од оваа населба.

Ги покануваме редакциите на печатените и електронските медиуми да испратат новинарска екипа (новинар и снимател или фоторепортер) да го проследи настанот.

13.5.2009

Скопје


ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ВОДОВОДНАТА МРЕЖА ВО ГОРНО ЛИСИЧЕ

По состанокот што се одржа неодамна меѓу градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и генералниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Игор Арнаудов, на кој беше договорено јавното претпријатие да инвестира во изградбата на водоводната мрежа во Горно Лисиче, деновиве официјално започна реконструкцијата на водоводната мрежа во должина од 3 километри.

Во реконструкцијата се опфатени улиците „Тодор Чангов“ број 23, 27, 29, 33, 35, 37, 39, 40, 48 и 50, како и улицата „Новопроектирана“.

Постојната водоводна мрежа која во моментот не ги задоволува моменталните потреби од санитарната вода за населението, се состои од поцинкувани цолови цевки со дијаметар 51 милиметар.

Реконструкцијата на водоводната мрежа што ќе ја врши ЈП „Водовод и канализација“ подразбира поставување водоводни цевки со дијаметар 100 милиметри.





12.5.2009

Скопје


ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА НОВ ПАРКИНГ ВО МИЧУРИН

Од денеска, 12.5.2009 година, почна изградбата на нов паркинг покрај улицата „Венијамин Мачуковски“ во населбата Мичурин. Пристaпната улица е долга 5,6 метри, додека паркинг просторот е со широчина по 5 метри од двете страни

Градежните работи ги изведува фирмата „Урбан инвест“.

Во меѓувреме, се изведува крак од фекалната канализација на улицата „Анастас Митрев“ кој води кон улицата „Петар Ацев“ во должина од 65 метри. Градежните работи ги изведува фирмата „Баџак инженеринг“.

По завршување на изведбата, на истиот крак од фекалната канализација ќе се вршат прекопи за поставување инсталациски цевки, односно за поставување улично осветлување од дистрибутивната мрежа.

Градежни активности за поставување улично осветлување ќе се вршат и на улиците „Венијамин Мачуковски“ – крак 1, како и на улицата „Анастас Митрев“.

ОПШТИНА АЕРОДРОМ АПЕЛИРА ДО ЖИТЕЛИТЕ И ПОСЕТИТЕЛИТЕ НА МИЧУРИН ДА НЕ ГИ ПАРКИРААТ СВОИТЕ ВОЗИЛА ВО БЛИЗИНА НА МЕСТАТА КАДЕ ШТО СЕ РАБОТИ, СО ШТО ЌЕ ОВОЗМОЖАТ ГРАДЕЖНИТЕ АКТИВНОСТИ ДА СЕ ИЗВЕДУВААТ СО ПОГОЛЕМ ИНТЕНЗИТЕТ.


12.5.2009

Скопје


НОВИ ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ ВО НАСЕЛБАТА ОСТРОВО ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Во зеленилото покрај рибниот ресторан на улицата „Владимир Комаров“ во населбата Острово, како и во близина на маркетот „Тинекс“ и покрај таканаречената трафика - „Формула“ на истоимената улица, деновиве Општина Аеродром изгради пет нови пешачки патеки.

Пешачките патеки се од бекатон плочки во боите на општината, односно во црвено – жолта боја.

Средствата за изградба на патеките се издвоени од буџетот на Општина Аеродром, а изведувач на градежните работи се фирмите ИГМ „Вратница“ и „Чингар инженеринг“.

Во наредниот период пешачки патеки ќе се градат и во населбите Стар Аеродром и Јане Сандански – лево (во близина на воените кули).







11.5.2009

Скопје


СЕ РЕКОНСТРУИРААТ ДЕТСКИТЕ ИГРАЛИШТА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Најмладите жители во Општина Аеродром наскоро ќе можат да играат и да се забавуваат на подновени и санирани реквизити во детските игралишта.

Имено, по налог на стручните служби на Општина Аеродром во моментов се санираат или се заменуваат реквизитите на постојните детски игралишта за забава на децата во населбите Ново Лисиче, Јане Сандански, Острово, Аеродром, поточно во сите населби во урбаниот дел на општината.

Оштетените реквизити во детските игралишта се заменуваат со нови, се бојадисуваат, а се менува или прочистува и песокот во нив.

Реконструирани се вкупно 50 детски игралишта, како и реквизитите во градинките.

Фирми задолжени за реконструкција на детските игралишта „Метал инженеринг“ и „ДЕСЛ“.

Во исто време, Општина Аеродром апелира до возрасните граѓани да не ги користат и да не ги уништуваат детските игралишта, бидејќи тие се единствените катчиња за забава и рекреирање на децата од Општината.




11.5.2009

Скопје


НОВО КОШАРКАРСКО ИГРАЛИШТЕ ВО НОВО ЛИСИЧЕ

Деновиве во Општина Аеродром почна изградбата на ново кошаркарско игралиште во населбата Ново Лисиче.

Спортското игралиште, кое се гради зад зградите број 43 и 37 на булеварот „Видое Смилевски-Бато“, во моментов се тампонира, по што ќе се постават рабници и ќе се почне со асфалтирање.

Градежните работи ги изведува фирмата „Карпош“.

Кошаркарското игралиште кое ќе има асфалтна подлога ќе биде широко 19 метри, а долго 33 метри. Кошевите ќе бидат изработени со стандардни димензии, комплет со табла, обрач и мрежа, по што ќе се бојадисуваат. Се предвидува да се постави и заштитна мрежа и рефлектори, а ќе се градат и пешачки патеки.


11.5.2009

Скопје


ОУ „ЃОРЃИЈА ПУЛЕВСКИ“ ЈА ОДБЕЛЕЖА 26-ГОДИШНИНАТА

Со богата културно – уметничка програма во холот на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ денеска, 8.5.2009 година, беше одбележана 26–годишнината од постоењето на училиштето.

Учениците од одделенска и од предметна настава на роденденската прослава изведуваа музички точки, класичен и модерен балет, хорски и оркестарски изведби, а се читаа и рецитали од творештвото на македонскиот преродбеник Ѓорѓија Пулевски.

На прославата покрај претставниците од Општина Аеродром, присуствуваа и голем број ученици, родители и наставници.







8.5.2009

Скопје


Советниците на Општина Аеродром едногласни

„БАСКЕРФЕСТ 2009“ И ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

На четвртата седница на Советот на Општина Аеродром, која се одржа на 7.5.2009 година, членовите на Советот едногласно донесоа одлука за спонзорирање на четвртиот интернационален уличен фестивал „Баскерфест 2009 – Скопје“.

За таа цел Општина Аеродром ќе издвои средства од буџетот на општината во износ од 1.500 евра во денарска противвредност.

За возврат на финансиската поддршка, Здружението на граѓани за ентертеинмант и ивент продукција – „ONE WAY“, кој е организатор на фестивалот на улични артисти и музичари, на локацијата спроти ТЦ „Бисер“ ќе постави пункт и за жителите на Општина Аеродром.

Пунктот ќе биде поставен спроти ТЦ „Бисер“, во периодот од 4-ти до 6-ти јуни 2009 година, каде што ќе се изведуваат разни точки од програмата на фестивалот, во траење од три часа.

На пунктот, исто така, преку најразновиден пропаганден материјал ќе се промовира и Општина Аеродром.

Советот на Општина Аеродром одлучи да ја поддржи оваа манифестација, бидејќи преку еден ваков фестивал на улични артисти и музичари, се придонесува да се зголеми интересот на граѓаните за културни настани, како и да се подобри локалниот економски развој не само на општините, туку и на Градот Скопје, токму преку збогатување на туристичката понуда.

„Баскерфест“ е фестивал на кој учествуваат меѓународни артисти, изведувачи, акробати, бајкери и музичари, манифестација каде што се изведуваат најразлични театарски изведби.

Инаку, на седницата се донесоа и други значајни одлуки за функционирањето на Општина Аеродром.

8.5.2009

Скопје


ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОНЕВСКИ И АМБАСАДОРОТ ФУЕРЕ ГО ПРОСЛАВИЈА ДЕНОТ НА ЕВРОПА ВО ПЕНЗИОНЕРСКИОТ ДОМ „ЈАНЕ САНДАНСКИ“

Амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Ерван Фуере и градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, денеска, на 8.5.2009 година (петок) ги посетија станарите од пензионерскиот дом „Јане Сандански“, каде со пригодни обраќања го прославија Денот на Европа.

На средбата амбасадорот Фуере ги запозна станарите од пензионерскиот дом со улогата и мисијата на Европската унија, а градоначалникот Коневски во име на жителите на Општина Аеродром им го честита празникот на сите Европејци, изразувајќи надеж дека и Македонија многу скоро ќе стане дел од Унијата.

„Сите критериуми за укинување на визите и датум за преговори од страна на Владата се исполнети и во блиска иднина се надеваме дека тој труд ќе се валоризира со укинувањето на визите и добивањето на датум за преговори. Во тој контекст искрено се надеваме и максимално ќе се заложиме Општина Аеродром со реализација на своите проекти во наредниот четиригодишен период да наликува на најразвиените и најубавите општини во Европа“, изјави градоначалникот Коневски.





8.5.2009

Скопје


УТРЕ 4-ТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Утре, 7.5.2009 година (четврток), со почеток во 17:00 часот во просториите на Општина Аеродром ќе се одржи четвртата седница на Советот на Општина Аеродром.

На дневниот ред на седницата се следните точки:

  1. Предлог-Одлука за измена и дополнување на Одлуката за организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација на Општина Аеродром - Скопје;
  2. Предлог-Одлука за склучување договор за закуп на општинска зграда од страна на Секторот за правни, општи и организациони работи на Општина Аеродром;
  3. Предлог-Одлука за задолжување на Секторот за финансии на Општина Аеродром, за преземање активности, со цел регулирање договорни обврски кон ангажиран работник во Општина Аеродром;
  4. Усвојување на Квартален извештај за извршување на Буџетот на Општина Аеродром за првиот квартал од 2009 година;
  5. Усвојување на Полугодишен извештај за работа на ОУ „Блаже Конески“ за учебната 2008/2009 година;
  6. Усвојување на Полугодишен извештај за работа на ОУ„Љубен Лапе“ за учебната 2008/2009 година;.

6.5.2009

Скопје


НАД 60 НОВОРОДЕНЧИЊА ДОБИЈА ПО 5.000 ДЕНАРИ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, денеска, 5.4.2009 година, во дворот на општината, свечено врачи решенија за еднократна парична помош на шеесетина семејства со новороденчиња.

„Денеска ќе доделиме над 60 вакви решенија, кои би сакал да бидат симбол на мојата определба да работам во интерес на сите жители на Општина Аеродром без исклучок, од најмлади до најстари. Посакувам уште многу вакви радосни моменти и на новите жители на општината искрено им посакувам долг и успешен живот исполнет со безгрижни детски денови, здравје и среќа“, изјави на свеченото доделување решенија градоначалникот Коневски, додавајќи дека му е особено драго што и Советот на Општина Аеродром на седницата минатата недела едногласно ја поддржа иницијативата за охрабрување на позитивниот прираст на населението, олеснувајќи им ги трошоците на родителите што произлегуваат од овој среќен чин.

Искрени честитки до новороденчињата и нивните семејства упати и претседателот на Советот на Општина Аеродром, д-р Виктор Камилоски. Тој изјави дека со доделувањето скромна парична помош ќе се поттикнат младите брачни парови од општината кон создавање идни генерации, кои се надежта на нашето младо општество.

Општина Аеродром ќе продолжи со ваквата акција, така што во текот на 2009 година на секое семејство со новороденче ќе им доделува еднократна парична помош во висина од 5.000 денари.

Инаку, од почетокот на 2009 година Општина Аеродром се збогати со уште 125 нови жители.




5.5.2009

Скопје


СОВЕТОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ ПАРИЧНА ПОМОШ НА НОВОРОДЕНЧИЊАТА

На третата седница на Советот на Општина Аеродром, која се одржа на 30.4.2009 година, членовите на Советот едногласно донесоа одлука за доделување еднократна парична помош за новороденчињата во Општината.

Еднократната парична помош се доделува врз основа на поднесено барање од страна на семејствата до Општина Аеродром со уредно приложена документација, која ќе го потврди раѓањето на новиот член во семејството и територијалната припадност (живеалиштето) на подрачјето на Општина Аеродром.

Документи што граѓаните треба да ги достават по пополнувањето на барањето се:

· Извод од матична книга на венчаните (за родителите на новороденчето);

· Извод од матична книга на родените (за новороденчето);

· Фотокопија од важечка лична карта на двајцата родители или друга исправа за идентификација од која се видни податоците за нивното живеалиште, кое треба да биде на територијата на Општина Аеродром;

· Фотокопија од штедна книшка и

· Трансакциска сметка.

Општина Аеродром ќе ги исплати средствата откако семејството ќе ја достави целокупната документација.

Инаку, на седницата се донесоа и други значајни одлуки меѓу кои и Одлука за формирање комисија за изработка на програмата за работа на Советот на Општина Аеродром за 2009 година, за основање весник на Општина Аеродром, Информација за преземање активности за измена и дополнување на Одлуката за донесување детален урбанистички план за локалитетот Индустриска зона УЕ В.

4.5.2009

Скопје


ПОКАНА ЗА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски утре, 5.5.2009 година (вторник), во 13:00 часот во Општина Аеродром ќе одржи прес-конференција по повод свечено врачување решенија за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденчиња.

На доделувањето на решенијата, покрај родителите на над 60 новороденчиња, на кои ќе им бидат врачени решенијата, се очекува да присуствува и претседателот на Советот на Општина Аеродром, Виктор Камиловски, со што на церемонијата ќе и се даде свечена нота, по што ќе следи и мини-коктел.

Ја покануваме Вашата Редакција да испрати новинарска екипа (новинар и камерман, или фоторепортер) да ја проследат прес - конференцијата.

4.5.2009

Скопје


АСФАЛТИРАНА УЛИЦАТА „3“ ВО НАСЕЛБАТА „ТАБАК СИТИ“

Деновиве заврши асфалтирањето на улицата „3“ во населбата позната како „Табак Сити“, која се протега по должината на булеварот „Трета македонска бригада“ во близина на железничката пруга.

Улицата е асфалтирана во должина од 460 метри, а градежните активности ги изведуваше фирмата „Гранит“.

Со асфалтирањето на улицата „З“ која долго време беше раскопана, на граѓаните од оваа улица им се подобрија условите за живот така што тие повеќе нема да пешачат по кал и прав.





30.4.2009

Скопје


По повод танцовиот натпревар „Игри на музика“

УЧЕНИЦИТЕ ОД ОУ „ЛАЗО АНГЕЛОВСКИ“ ИГРАА НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА

Учениците од прво до осмо одделение од основното училиште „Лазо Ангеловски“ учествуваа на танцовиот натпревар „Игри на музика“, кој во ова училиште традиционално се организира, веќе неколку години по ред.

На музичкиот настан со натпреварувачки карактер, учествуваа повеќе танцови групи, кои танцуваа исклучиво на македонска музика.

Танцовиоj aт натпревар се организира со цел младите физички да се активираат, да се поттикне желбата за танцување, но пред сè, да се негува патриотската свест кај учениците, како и љубовта кон македонската музика.







30.4.2009

Скопје


ЗЕЛЕНО ПИСМО ЗА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ИВИЦА КОНЕВСКИ

Група ученици од ОУ „Љубен Лапе“ денеска, 30.4.2009 година, го посетија градоначалникот Ивица Коневски и му врачија зелено писмо во кое бараат да им помогне во решавањето на еден еколошки проблем.

Имено, учениците побараа Општина Аеродром да им помогне со донација на неколку клупи и канти за отпадоци во нивниот училиштен двор.

Градоначалникот Коневски изјави дека ќе излезе во пресрет на нивното барање, а тие пак, му ветија дека со задоволство ќе се вклучат во еколошката акција што наскоро ќе ја спроведе Општина Аеродром, како и досега на сите претходни вакви еко-акции.


30.4.2009

Скопје


По повод Денот на холандската кралица

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ИВИЦА КОНЕВСКИ СЕ ВКЛУЧИ ВО ВЕЛОСИПЕДСКАТА ТРКА

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски денеска, 29.4.2009 година, се вклучи во масовната велосипедска трка која ја организираше Холандската амбасада во Република Македонија по повод Денот на холандската кралица од плоштадот „Македонија“ до Градскиот парк.

Градоначалникот Коневски на велосипед, заедно со холандската амбасадорка Симоне Филипини, министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи, како и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, го одбележа холандскиот празник, испраќајќи на тој начин порака до жителите на Општина Аеродром, по примерот на Холанѓаните да користат што почесто велосипеди за сопствен транспорт или за рекреација.

Градоначалникот Коневски по свеченото отворање на холандскиот детски парк во Општина Центар во форма на лавиринт, на амбасадорката Филипини и го честиташе празникот и упати искрени желби за здравје и успех до кралското семејство во Холандија, потенцирајќи дека ваквите позитивни холандски вредности што се промовираат во Република Македонија претставуваат пример за здрав и еколошки начин на живот, како и можност за размена на културните вредности.

Инаку, по завршувањето на велосипедската трка на целта во Градскиот парк беше најавена и реконструкција на велосипедската патека по холандски стандарди и тоа од крстосницата меѓу булеварите „Србија“ и „Јане Сандански“ преку Општина Центар сè до Општина Ѓорче Петров, за што градоначалникот Коневски се заложи тоа да се направи што поскоро.









29.4.2009

Скопје


ЗАПОЧНА ПРОЛЕТНАТА ДЕРАТИЗАЦИЈА ВО ОПШТИНА AЕРОДРОМ

Oпштина Аеродром ја започна пролетната дератизација. На подрачјето на целата општина ќе бидат опфатени 2.500 шахти, а во секоја од нив ќе се поставуваат по три парафински блок мамки.

Дератизацијата на глодачите ќе трае десетина дена, а ќе ја изврши Градскиот завод за здравствена заштита.


28.4.2009

Скопје


ПРЕЗЕНТИРАНИ НОВИТЕ ТРИ ДУП-ОВИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Овластена стручна екипа составена од проектанти, стручни лица и претставници на општинската администрација вчера, 27.4.2009 година, во основните училишта „Димитар Македонски“, „Блаже Конески“ и „Браќа Миладиновци“ одржаа јавна презентација на трите детални урбанистички планови што ги подготви Општина Аеродром. Станува збор за трите ДУП-ови и тоа, за локалитетот Реонски центар УЕ А, за локалитетот Индустриска зона УЕ Б и ДУП-от за локалитетот Јане Сандански УЕ Г.

Покрај стручната презентација на ДУП-овите, во основните училишта каде што се изложени ДУП-овите, секој работен ден од 12:00 до 19:00 часот, сè уште тече јавна расправа. Во тој период граѓаните, со валиден документ за идентификација, пополнуваат анкетни листови со свои сугестии и забелешки и со експертите, присутни на местата каде што се изложени плановите, разговараат околу деталите за деталните урбанистички планови.

На сите пополнети анкетни листови, Општина Аеродром ќе одговори писмено.

Инаку, за стручната презентација на ДУП-овите, како и за јавната расправа, граѓаните покажаа голем интерес, активно учествувајќи во неа и поставувајќи им бројни прашања на стручните лица.

Прашањата што најмногу ги интересираат граѓаните се однесуваат на можностите за надградби и доградби на своите станови и куќи, потоа какви објекти ќе се градат во близина на нивните домови, решавање на прашањето околу недостигот од паркинг-простор во општината и слично.

Притоа, граѓаните даваа и свои сугестии и забелешки, кои можат да се вградат во ДУП-овите, доколку се усогласуваат со ГУП-от и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

На присутните граѓани им се потенцира дека сите активности предвидени со постапката за донесување детални урбанистички планови, според Законот за просторно и урбанистичко планирање, се запазени и дека сè уште имаат можност да реагираат пред нивното конечно донесување, преку пополнување на анкетните листови.

Со излагање на трите ДУП-ови на увид пред жителите на Општина Аеродром, практично се отвори патот на граѓаните за долгоочекуваните одобренија за градење нови градби, како и за доградби и надградби.

Со овие ДУП-ови, исто така, ќе се овозможи и забрзан влез на странски и домашен капитал, како инвестиции во изградба на капитални објекти, со што ќе влезат познати светски брендови и ќе се отворат стотици нови работни места во Општината.

Деталните урбанистички планови се презентирани и на општинската интернет страница: www.aerodrom.gov.mk, односно на линкот: http://aerodrom.gov.mk/R9-Soopstenija.aspx.


28.4.2009
Скопје

ХОЛАНДСКАТА АМБАСАДОРКА СИМОНЕ ФИЛИПИНИ ЈА ПОСЕТИ ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Амбасадорката на Кралството Холандија, Симоне Филипини денеска, 27.4.2009 година ја посети Општина Аеродром и се сретна со градоначалникот Ивица Коневски.

Повод за средбата е реконструирањето на велосипедската патека на булеварот „Јане Сандански“, како и претстојната велосипедска трка што ќе ја организира Холандската амбасада.

Градоначалникот Коневски ја прифати иницијативата Општина Аеродром да учествува како покровител на велосипедската трка, бидејќи со тоа се праќа добар сигнал до нејзините жителите да се охрабрат да користат што почесто велосипеди за сопствен транспорт или за рекреација.

По тој повод, амбасадорката Филипини му подари на градоначалникот портокалова маица која ќе биде еден вид униформа на трката.

Инаку, покрај деталите околу претстојната велосипедска трка, на средбата беа разгледани и други можни облици на соработка, при што градоначалникот Коневски ја запозна холандската амбасадорка Филипини, со капацитетите и потенцијалите на Општина Аеродром.


27.4.2009

Скопје


„NEXT TIME“ ЈА ПОСЕТИЈА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Овогодишните претставници на Република Македонија на „Евросонг“, Мартин и Стефан од групата „Некст тајм“ денеска, 27.4.2009 година го посетија градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

За време на средбата, Мартин и Стефан се распрашуваа за развојот на Општина Аеродром, чии жители се и самите тие, дали и каде ќе се градат нови спортски игралишта, спортски сали и слично.

Градоначалникот Коневски им се заблагодари на двајцата претставници на „Евросонг“ за посетата и им посака успех на „Евровизија“.

По средбата со градоначалникот Мартин и Стефан поделија автограми и фотографии за општината.


27.4.2009

Скопје


В ЧЕТВРТОК, СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

В четврток, 30.4.2009 година (четврток), со почеток во 17:00 часот во просториите на Општина Аеродром ќе се одржи третата седница на Советот на Општина Аеродром.

На дневниот ред на седницата се следните точки:

  1. Предлог-Одлука за избор на претседател и членови на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања на Советот на Општина Аеродром;
  2. Предлог-Одлука за избор на претседатели и членови на комисии на Советот на Општина Аеродром;
  3. Предлог-Одлука за утврдување надоместок на членовите и на Претседателот на Советот на Општина Аеродром за седници на Советот;
  4. Предлог-Одлука за формирање Комисија за изработка на Програма за работа на Советот на Општина Аеродром за 2009 година;
  5. Предлог-Одлука за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Аеродром;
  6. Предлог-Одлука за овластување на претседателот на советот на Општина Аеродром за користење службен мобилен телефон;
  7. Предлог-Одлука за основање весник на Општина Аеродром;
  8. Информација за преземање активности за измена и дополнување на Одлуката за донесување детален урбанистички план за локалитетот Индустриска зона УЕ В;
  9. Предлог-план за дополна на Планот за јавни набавки на Општина Аеродром за 2009 година.

27.4.2009

Скопје


АЕРОДРОМЦИ, ВКЛУЧЕТЕ СЕ ВО ХУМАНИТАРНАТА ТРКА НА КЕЈОТ НА ВАРДАР!

Општина Аеродром ги повикува сите хумани граѓани утре, на 25.4.2009 година (сабота), со почеток во 11:00 часот да се вклучат во хуманитарната трка која ќе се одржи на градскиот кеј на реката Вардар.

Трката со хуманитарен карактер, која ќе се одржи под мотото „Активни и хумани“, ќе стартува од мостот кај хотелот Александар Палас, па сè до пешачкиот мост кај градскиот Луна парк, во должина од 1.500 метри.

Средства што ќе бидат собрани од хуманитарната трка ќе бидат наменети за потребите на Детската клиника во Скопје.

Во трката можат да учествуваат фирми или поединци што го поддржуваат спортскиот начин на живот и ја ценат хуманоста како чин на добрина и разбирање. Трката ќе има натпреварувачки карактер и првите тројца натпреварувачи „маратонци“ во машка и женска конкуренција ќе добијат медали. Пред почетокот на трката секој учесник, исто така добива и стартен пакет кој се состои од маичка и стартен број.

Сите заинтересирани кандидати, потребно е да уплатат котизација во висина од 200 денари по учесник, на жиро-сметката: 300000000787094, ДБ 4030991161180 на Комерцијална банка, со назнака: донација за Детската клиника, или пак, да платат во готово при подигањето на стартниот пакет. Пријавата може да се преземе и од веб страната на Скопски маратон, www.skopskimaraton.com.mk.

Овој хепенинг покрај хуманиот карактер и дружењето, има за цел јакнење на спортскиот дух како приоритет за здрав живот во урбаната средина, особено за оние кои поголем дел од денот го поминуваат во своите канцеларии.

24.4.2009

Скопје


ИНТЕНЗИВНО СЕ КОСИ ТРЕВАТА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Сезонските работници ангажирани од страна на Општина Аеродром, деновиве интензивно ја косат тревата на повеќе локации во општината.

Дел од сезонците заедно со екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ ги косат тревните површини околу ТЦ „Три Бисери“ и ортопедската клиника „Мајчин дом“, во Ново Лисиче покрај улицата „Тоше Проески“ и по должината на булеварот „АСНОМ“, како и во населбите Јане Сандански и Стар Аеродром.

Косената трева и лисјето се собираат во купови кои ќе се подигнат со камиони откако ќе се искоси поголема тревна површина.

Истовремено, сезонските работници ги извршуваат своите тековни активности, поточно ги празнат кантите со ѓубре, се собира хартија и друг смет, ги метат и паркинзите, детските игралишта, а се чисти и дел од булеварското зеленило.

Ваквата интензивна акција која деновиве се спроведува со зголемен интерес, наиде на голема поддршка од граѓаните. Тие ја поздравуваат акцијата и додаваат дека преку ваквите активности не само што ќе се придонесе Општината да биде чиста и убава, туку се спречува и појавата на пожарите. Со кастрењето на дивата трева, покрај тоа што се придонесува за поубав изглед, се намалуваат и шансите за настанување пожари кои се честа појава во летниот период.





24.4.2009

Скопје


ПОЧНА ДА СЕ ОТСТРАНУВА БАЗАТА НА АДГ „МАВРОВО“ ПОКРАЈ КЕЈОТ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Градежната инспекција на Општина Аеродром од вчера, 23.4.2009 година, почна со отстранување на погоните, поточно на сите објекти во базата на АДГ „Маврово“ што биле изградени како времени објекти.

Со отстранувањето на базата на АДГ „Маврово“ која се наоѓа покрај кејот на реката Вардар, како и со уредување на просторот ќе се отстрани грдата слика во овој дел на општината, а ќе се овозможат и услови за реализација на Деталниот урбанистички план, односно за изградба на нови модерни содржини на тоа атрактивно место во Општина Аеродром.

Иницијативата за дислоцирање на овој објект од времен карактер практично значи реализација на програмата од предизборната кампања на градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, според која на оваа локација е предвиден комплекс од спортски објекти за рекреација за период од неговиот четиригодишен мандат.

Инаку, ваква акција бара и голем број жители на Општина Аеродром, особено оние кои живеат покрај Вардар, во таканаречените сини згради, кои веќе неколку пати досега потенцираа дека се за безусловно отстранување на грдотијата од кејот на Вардар.







24.4.2009

Скопје


ПРОМОВИРАН ПРОЕКТОТ ЗА 18 МОДЕРНИ ДЕТСКИ ИГРАЛИШТА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски денеска, 23.4.2009 година одржа прес-конференција на која го презентираше проектот за изградба на 18 нови модерни детски игралишта на територијата на Општината. Игралиштата содржат модерни реквизити изработени од еколошки материјали, како што се нишалки, вртелешки, лизгалки, клацкалки и слично.

„Новите детски игралишта имаат гумена подлога за да не се повредат дечињата. Ова е прв ваков проект во Република Македонија, какви што има во поразвиените градови во Европа и преку кој освен за забавата на децата се мисли и на нивната безбедност. Освен гумената подлога околу игралиштето ќе бидат поставени и по две камери, преку кои родителите ќе можат да следат што се случува на теренот на интернет, изјави на прес-конференцијата градоначалникот Коневски.

Детските игралишта ќе можат да се користат и ноќе, а осветлувањето ќе се врши со фотоќелии заради рационално користење на енергијата.

Детските игралишта, исто така, се опремени и со урбана опрема клупи, канти, пешачки патеки.

Приклучувањето на видео надзорот, односно 24-часовниот мониторинг и вмрежувањето во интернет мрежата ќе биде транспарентно, така што граѓаните ќе бидат навреме известени за линкот.

Покрај изградбата на новите детски игралишта, се планира наскоро да почне санација или замена на реквизитите на педесетина постојни детски игралишта за забава на децата на подрачјето на општината, така што нејзините најмлади жители пролетва ќе можат да играат и да се забавуваат на подновени и санирани реквизити на детските игралишта.

По завршување на презентацијата, градоначалникот заедно со дел од стручните служби во Општината, посетија едно од новите модерни детски игралишта.

„Многу сум радосен што тука има вакво убаво игралиште, зашто живеам блиску и можам да си играм“, изјави Марко, едно од дечињата што се затекнаа на детското игралиште.

Инаку, изградбата на детските игралишта се предвидува да заврши за 30-тина дена.














23.4.2009

Скопје


ПОЧНУВА ЈАВНАТА РАСПРАВА ЗА ТРИТЕ ДУП-ОВИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Од утре, 23.4.2009 година до 7.5.2009 година, во три основни училишта во Општина Аеродром, почнува јавната расправа за три нови детални урбанистички планови.

За време на јавната анкета во училиштата каде што ќе бидат изложени деталните планови, граѓаните можат да ги изнесуваат своите забелешки преку анкетни листови, секој работен ден од 12:00 до 19:00 часот. Пополнувањето на анкетните листови се врши лично, при што граѓаните треба да покажат документ за идентификација.

Во текот на јавната анкета на секоја локација ќе има претставници од Општина Аеродром и други стручни лица, од кои граѓаните ќе можат да добијат подетални информации во врска со ДУП-овите.

Експерти од проектантски куќи ќе извршат и стручна презентација на трите нови детални урбанистички планови и тоа на 27.4.2009 година (понеделник) во 17:30 часот во најблиското училиште, односно во ОУ „Димитар Македонски“ презентација за ДУП-от за локалитетот Реонски центар УЕ А, во ОУ „Блаже Конески“ за ДУП-от за локалитетот Индустриска зона УЕ Б и во ОУ „Браќа Миладиновци“ ДУП-от за локалитетот Јане Сандански УЕ Г.

Деталните урбанистички планови се презентирани и на општинската интернет страница: www.aerodrom.gov.mk, односно на линкот: http://aerodrom.gov.mk/R9-Soopstenija.aspx.

22.4.2009

Скопје


Поради градежни активности

ИЗМЕНА ВО РЕЖИМОТ НА СООБРАЌАЈ НА АВТОБУСОТ БРОЈ 7Б

Поради интензивирање на реконструкцијата на улицата „Ѓорѓи Капчев“, позната меѓу граѓаните како „Вардарска“, се менува трасата по која сообраќа автобусот со број 7б.

Од денеска, 22.4.2009 година, автобусот 7б се движи по нова траса, односно покрај ресторанот „Мирко“ во населбата Лисиче и ќе сообраќа до кафулето „Панда“.

Инаку, поради градежни активности сменет е режимот на сообраќај и на автобусот со број 17, кој досега сообраќааше на улицата „Тодор Чангов“, позната како „Островска“. Наместо по старата, и овој автобус на ЈСП „Скопје“ сообраќа по новата траса, по која се движи и автобусот број 7б.

22.4.2009

Скопје


СЕКТОРОТ ЗА УРБАНИЗАМ ОДРЕДИ ПРИЕМНИ ДЕНОВИ ЗА ГРАЃАНИТЕ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Општина Аеродром ги информира граѓаните дека сите лица што имаат потреба од услугите на стручните служби во Секторот за комунални работи, урбанизам и заштита на животната средина, можат да дојдат во просториите на Општината во одреден термин за време на приемните денови на Секторот.

Граѓаните ќе можат да побараат и да добијат услуги во понеделник и вторник во периодот од 08:30 до 09:30 часот, како и во четврток и петок во периодот од 15:30 до 16:30 часот.

Ваквиот начин на работа се воведува во интерес на граѓаните, односно со цел да се овозможи навремено опслужување на граѓаните, како и поефикасно извршување на активностите на стручните служби.



22.4.2009

 Скопје
Во Горно Лисиче

ТРАДИЦИОНАЛНИ ВЕЛИГДЕНСКИ СРЕДБИ ВО ЦРКВАТА „СВЕТИ ПЕТАР И ПАВЛЕ“

И годинава во неделата, 19.4.2009 година, на Велигден стотици граѓани од Општина Аеродром се собраа на традиционалните Велигденски средби, кои се одржуваат во дворот на црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче.

Со утринска литургија и палење свеќи за здравје, а подоцна и со богата културно- уметничка програма, жителите од овој крај традицијата ја негуваат повеќе од 20 години.

Покровител на годинешниве дваесет и втори по ред Велигденски средби во Горно Лисиче, што ги организира Црковниот одбор на православниот храм беше Општина Аеродром, а главен спонзор ЈП „Улици и патишта“.

На свеченоста присуствуваше и градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

„Ми претставува посебна гордост и чест што сум поканет и присуствувам на овие традиционални Велигденски средби во црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче и се надевам дека оваа манифестација ќе трае вечно“, изјави градоначалникот Ивица Коневски.

На манифестацијата „Велигденски средби 2009“ со богата културно-уметничка програма настапија голем број естрадни ѕвезди, меѓу кои Сашо Гигов – Гиш, Дани, Џина Папас Џокси, Елена Георгиева, Виданка Ѓорѓиевска, Орце Стефковски - Царот, културно-уметничкото друштво „Никола Јонков Вапцаров“ од Горно Лисиче, како и хорот „Кочо Рацин“. Водител на годинешната манифестација беше Симон Беличанец.

По завршувањето на уметничката програма се одржа свечен велигденски ручек.











21.4.2009

Скопје


СЕЗОНСКИТЕ РАБОТНИЦИ ПОЧНАА ПРОЛЕТНА ГЕНЕРАЛКА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Сезонските работници што ги ангажираше Општина Аеродром за расчистување и одржување на хигиената на целата територија, деновиве со зголемен интензитет ги извршуваат работните задачи и активности.

Дел од сезонците работеа и за време на празникот Велигден, односно беа дежурни заради собирање на сметот од тревниците и од пешачките патеки, а ги празнеа и кантите за отпадоци.

Инаку, во моментов, според однапред подготвен план на дневни активности, шеесетината ангажирани сезонски работници ги чистат зелените површини, собираат смет и ги метат паркинзите и плочниците меѓу и околу зградите во сите населби во Општината, а се расчистува и средишната линија и тревните површини покрај булеварот „Јане Сандански“ од каде што собираат хартии, конзерви и други отпадоци.

Исто така, во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ и под надзор на четворица земјоделски инженери, сезонските работници ја косат израснатата трева во Ново Лисиче.

Надлежните лица од Општина Аеродром, секојдневно излегуваат на терен и вршат контрола, надзор и координација меѓу сезонските работници, земјоделските инженери и екипите на јавни претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“, ги обезбедуваат со потребниот алат и опрема и водат сметка за извршувањето на дневните работни задачи.







21.4.2009

Скопје


ВЛАДИКАТА КРАЛЕВ ВО ТРАДИЦИОНАЛНА ВЕЛИГДЕНСКА ПОСЕТА НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Владиката од црквата „Свети Димитрија“ во Скопје, кој ја покрива и службата во црквата „Свети пророк Илија“ во Општина Аеродром, Владо Кралев, денеска, 21.4.2009 година, дојде во традиционална посета на Општина Аеродром по повод велигденските празници и се сретна со градоначалникот Ивица Коневски.

На кратката средба, владиката Кралев на градоначалникот и на вработените во општинската администрација им подари кошница со велигденски јајца.


21.4.2009

Скопје


ЧЕСТИТ ВЕЛИГДЕН!


ВО ЧЕСТ НА ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ, ИВИЦА КОНЕВСКИ И ВРАБОТЕНИТЕ ВО ОПШТИНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА НА СИТЕ ПРАВОСЛАВНИ ВЕРНИЦИ ИМ ГО ЧЕСТИТААТ НАЈГОЛЕМИОТ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК – ВЕЛИГДЕН!






ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ – НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!


ПОЧНА ОТСТРАНУВАЊЕТО НА ВРЕМЕНИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Општина Аеродром денеска, 16.4.2009 година, почна со уривање на времените објекти покрај булеварот „Србија“, со цел да се реализира деталниот урбанистички план и да се прошири булеварот, како и да се овозможат услови за изградба на пристапни улици во Реонскиот центар „Аеродром“, но и услови за изградба на повеќе станбени објекти во оваа населба.

„Со преземање на оваа акција ќе се овозможи и реализацијата на многу други проекти застапени во програмата, со која настапивме на локалните избори“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, на денешната прва прес-конференција откако ја презеде функцијата.

Проширувањето на булеварот „Србија“ ќе се спроведе во соработка со Град Скопје, така што со расчитувањето на времените објекти покрај овој булевар ќе се овозможат услови за што поскорешно отпочнување на градежните активности.

На прес-конференцијата градоначалникот Коневски најави дека за неколку месеци се очекува во Општина Аеродром да почне и изградбата на пристапна улица во Реонски центар „Аеродром“, поради што беше неопходна акцијата за отстранување на времените објекти, а веќе има и барања од инвеститори заинтересирани да градат згради на оваа локација, секако согласно ДУП-от.

Во првата фаза ќе бидат отстранети 29 времени објекти во Реонскиот центар „Аеродром“ покрај булеварот „Србија“ и тоа главно импровизирани канцеларии, натстрешници, стоваришта, магацини и една напуштена бензинска пумпа, а до крајот на акцијата е предвидено да се урнат уште 40-тина вакви времени објекти на овој потег.





16.4.2009

Скопје



Од идната недела

ТРИ НОВИ ДУП-ОВИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ НА ЈАВНА РАСПРАВА

Од 23.4.2009 година до 7.5.2009 година, во три основни училишта во Општина Аеродром, ќе се одржи јавна расправа за три нови детални урбанистички планови.

За време на јавната анкета во училиштата каде што ќе бидат изложени деталните планови, граѓаните можат да ги изнесуваат своите забелешки преку анкетни листови секој работен ден од 12:00 до 19:00 часот. Пополнувањето на анкетните листови се врши лично, при што граѓаните треба да покажат документ за идентификација.

Во текот на јавната анкета на секоја локација ќе има претставници од Општина Аеродром и други стручни лица, од кои граѓаните ќе можат да добијат подетални информации во врска со ДУП-овите.

Експерти од проектантски куќи ќе извршат и стручна презентација на трите нови детални урбанистички планови и тоа на 27.4.2009 година (понеделник) во 17:30 часот во најблиското училиште, односно во ОУ „Димитар Македонски“ ДУП-от – за локалитетот Реонски центар УЕ А, во ОУ „Блаже Конески“ за локалитетот Индустриска зона УЕ Б и во ОУ „Браќа Миладиновци“ за локалитетот Јане Сандански УЕ Г.

16.4.2009

Скопје


ИЗЛОЖБА НА ВЕЛИГДЕНСКИ ЈАЈЦА ВО ОУ „ЛАЗО АНГЕЛОВСКИ“ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

По повод Велики четврток денеска, 16.4.2009 година во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Општина Аеродром, се одржа изложба на велигденски јајца изработени од учениците од прво до осмо одделение.

Целта на изложбата, која немаше натпреварувачки карактер, беше да се анимираат децата и да се поттикне нивната креативност.

На изложбата покрај велигденски јајца, беа изложени и разни рачни изработки на учениците со велигденски мотиви, меѓу кои и една картонска црква, која учениците му ја подарија на градоначалникот, Ивица Коневски, покрај велигденските јајца и му го честитаа најголемиот христијански празник.







16.4.2009

Скопје


ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЈА ПОДДРЖА КРЕАТИВНАТА РАБОТИЛНИЦА НА ДЕЦАТА ВО ГРАДСКИОТ ПАРК

Делегација од Општина Аеродром денеска, 16.4.2009 година (четврток) присуствуваше и даде поддршка на креативната работилница „Велигденско јајце“ што ја организираше Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија во соработка со Дневниот центар за деца со церебрална парализа.

На работилницата учествуваа и ученици од ОУ „Ј. Х. Песталоци“ од Општина Центар, кои заедно со другарчињата од Дневниот центар за деца со церебрална парализа ги бојадисуваа јајцата и се забавуваа со шегите на еден кловн.


16.4.2009

Скопје


По повод Велигденските празници

ДЕЦАТА ОД ГРАДИНКАТА „БУБА МАРА“ ГО ПОСЕТИЈА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ИВИЦА КОНЕВСКИ

По повод Велигденските празници, денеска, 16.04.2009 година (четврток) дечиња од градинката „Буба Мара“ го посетија градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и му подарија две велигденски кошнички со јајца – едната за него, а другата за Советот на Општина Аеродром.

Градоначалникот Коневски им се заблагодари на децата за пријатното изненадување и им го честиташе овој голем христијански празник.

За време на посетата, дечињата и градоначалникот Коневски разговараа околу велигденската традиција, а на крајот тие му отпееја и неколку велигденски песнички на македонски и на англиски јазик.







16.4.2009

Скопје


В недела

„ВЕЛИГДЕНСКИ СРЕДБИ 2009“

ВО ЦРКВАТА „СВ. ПЕТАР И ПАВЛЕ“

ВО ГОРНО ЛИСИЧЕ

В недела, 19.4.2009 година, во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче ќе се одржат традиционалните велигденски средби.

Велигденските средби традиционално секоја година на Велигден ги организира Црковниот одбор на православниот храм, а годинава се одржуваат по дваесет и втори пат.

Средбата ќе почне во 11:00 часот, веднаш по завршувањето на Велигденската литургија во црквата.

На манифестацијата со богата културно-уметничка програма ќе настапат голем број естрадни ѕвезди, а според досегашното искуство, се очекува присуство и на голем број граѓани.

Оваа година на „Велигденските средби 2009“ се очекува да настапат Сашо Гигов - Гиш и Стевче Стојковски, Дани, Џина Папас Џокси, Елена Георгиева, Виданка Ѓорѓиевска, Орце Стефковски - Царот, како и културно-уметничкото друштво „Никола Јонков Вапцаров“ од Горно Лисиче и хорот „Кочо Рацин“. Водител на годинешната манифестација ќе биде Симон Беличанец.

Покровител на манифестацијата е Општина Аеродром, а главен спонзор е ЈП „Улици и патишта“ – Скопје.

Свое присуство на манифестацијата веќе имаат најавено неколку скопски градоначалници, меѓу кои и градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, познати политичари и видни личности од јавниот живот.

Црковниот одбор ги повикува православните верници да се приклучат во прославувањето на овој голем христијански празник и да ја посетат црквата „Св. Петар и Павле“, чии порти се отворени за сите граѓани.

16.4.2009

Скопје


По повод големиот христијански празник „Велигден“
УЧИЛИШТАТА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ ОРГАНИЗИРААТ КУЛТУРНИ МАНИФЕСТАЦИИ

По повод велигденските празници утре, на 16.4.2009 година (четврток), основните училишта на територијата на Општина Аеродром ќе организираат културни и традиционални манифестации.

Во ОУ „Лазо Ангеловски“ велигденската манифестација официјално ќе почне во 11:00 часот, додека во ОУ „Гоце Делчев“ во 16:30 часот.

Во другите училишта учениците најголемиот христијански празник ќе го одбележат изложби, но и со омилената велигденска традиција – кршење со велигденски јајца.


15.4.2009

Скопје


ПОКАНА ЗА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

Со цел поефикасна реализација на деталните урбанистички планови, како и расчитување на теренот за непречено проширување на булеварот „Србија“, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски на 16.4.2009 година (четврток), во 11:00 часот ќе одржи прес-конференција.

Прес-конференцијата ќе се одржи на булеварот „Србија“, поточно на потегот од бензинската пумпа на „Макпетрол“ кон крстосницата со булеварот „Видое Смилевски Бато“.

Ги покануваме редакциите на печатените и електронските медиуми да испратат новинар, фоторепортер или снимател за да ја проследат прес-конференцијата.

14.4.2009

Скопје


ЌЕ СЕ ОТСТРАНУВААТ ВРЕМЕНИ ОБЈЕКТИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Инспекциската служба на Општина Аеродром деновиве почна да врши интензивен комплетен увид на состојбата со времените објекти со истечен рок, по што ќе следи нивно отстранување.

Во првата фаза ќе се отстрануваат времените објекти во Реонскиот центар „Аеродром“.

Станува збор претежно за импровизирани канцеларии и натстрешници покрај булеварот „Србија“, за кои по увидот во предметите е констатирано дека рокот за користење е очигледно истечен.

На корисниците на ваквите објекти ќе им биде даден рок од неколку денови самите да ги отстранат времените објекти. Во спротивно, општинските служби со извршни решенија ќе ги отстрануваат времените објекти на сметка на корисниците.

Решенијата за отстранување на овие објекти се донесени уште во 2007 година, така што инвеститорите имале доволно време до сега да ги отстранат.




14.4.2009

Скопје


СЕ ИНТЕНЗИВИРА ПОСТАПКАТА ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА ПОДРАЧЈЕТО НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Советот на Општина Аеродром на првата работна седница на 11.4.2009 година донесе Одлука за формирање Комисија за спроведување на постапките за експропријација на подрачјето на општината, со што посредно ќе се забрза и постапката за реконструкција на патот што ги поврзува Горно и Долно Лисиче.

Со формирање на Комисијата се очекува да се утврди пазарната вредност на недвижниот имот, поточно на градежното неизградено земјиште (аграрно или земјоделско земјиште).

По формирањето на Комисијата за експропријација на подрачјето на Општина Аеродром, надлежните општински служби ќе остварат директни средби со граѓаните во Горно и Долно Лисиче, со цел што поскоро, да се преземат сите неопходни активности за спроведување на постапките за експропријација и конечно да се реши прашањето околу локалниот патен правец Горно - Долно Лисиче.

Средствата за реконструкција на овој пат се обезбедени од меѓународни финансиски институции, кои се спроведени и администрирани од страна на Фондот за магистрални и регионални патишта, во рамки на проектот на Владата на Република Македонија за реализација на Програмата за рехабилитација и реконструкција на регионалната и локалната патна мрежа.





14.4.2009

Скопје


Со свечен коктел

ОПШТИНА АЕРОДРОМ ГО ПРОСЛАВИ ЧЕТВРТИОТ РОДЕНДЕН

Општина Аеродром по повод четвртиот роденден, како и изборот на новиот градоначалник Ивица Коневски и новите членови на Советот на Општина Аеродром вчера, 12.4.2009 година, одржа свечен коктел проследен со музика во живо, на кој присуствуваа високи личности од јавниот и политичкиот живот, министри, градоначалници, познати бизнисмени, соработници и пријатели на Општина Аеродром.

Во своето обраќање пред бројните гости за време на коктелот градоначалникот Коневски, заблагодарувајќи им се на жителите на Аеродром за доделената доверба на одржаните избори, изјави дека во иднина во општината нема да се водат политики, туку ќе се работи и тоа во интерес на граѓаните, без оглед на нивната припадност.

„Во наредниот период нè чека напорна работа, преку која зборовите што ги кажавме за време на предизборната кампања треба да ги претвориме во дело. Останува да ги засукаме ракавите и да почнеме со што поскорешно донесување на деталните урбанистички планови, асфалтирање на секоја неасфалтирана педа, да ги градиме објектите што ќе го збогатат спортскиот, културниот и забавниот живот на граѓаните, да ги исчистиме отпадните води, дивите депонии, јавните површини и да го подобриме социјалниот и духовниот живот во Општината“, изјави градоначалникот Коневски пред присутните гости, кои му упатија бројни честитки и желби за успешна работа.

Инаку, свое обраќање пред гостите имаше и претседателот на Советот на Општина Аеродром, Виктор Камиловски, кој меѓу другото, изјави дека Советот на Општина Аеродром ќе развива добра соработка со градоначалникот Ивица Коневски и ќе ги поддржи сите негови идеи што се однесуваат на развојот на Општината, бидејќи како што рече, градоначалникот, Советот и администрацијата на Општина Аеродром треба да бидат вистински сервис на нејзините жители.

„Како претседател на Советот несебично ќе се залагам граѓаните во најкус можен рок да добиваат одговори на своите барања, со цел задоволни и со решени предмети да ја напуштаат општинската зграда, а особено ќе настојувам Советот активно да се вклучи во што поскорешното донесување на деталните урбанистички планови, бидејќи без добро испроектирана инфраструктура нема економски развој“, изјави новоизбраниот претседател на Советот на Општина Аеродром.













13.4.2009

Скопје


Конституиран новиот Совет на Општина Аеродром

ВИКТОР КАМИЛОВСКИ ИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Во Општина Аеродром на 11.4.2009 година, се одржа првата конститутивна седница, на која за претседател на Советот на Општината беше избран д-р Виктор Камиловски.

Новиот претседател изјави дека е свесен за одговорноста што го чека и дека ќе работи чесно и во интерес на граѓаните, оставајќи ги настрана политичките интереси.

На свечената седница се изврши верификација на мандатот на членовите на новиот состав на Советот на Општина Аеродром, по што тие дадоа свечена заклетва.

Советот на Општина Аеродром има 27 члена, од кои 15 се од редовите на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 10 се од СДСМ, а по еден советник имаат ВМРО-Народна партија и ВМРО-ДП-ТМОРО.







13.4.2009

Скопје


СО ЗАЕДНИЧКИ КОНЦЕРТ НА УЧИЛИШТАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ И „КОЧО РАЦИН“ СЕ ПОВРЗАА УЧЕНИЦИТЕ ОПШТИНИТЕ АЕРОДРОМ И ВЕЛЕС

Училишниот хор и оркестар од ОУ „Браќа Миладиновци“ од Општина Аеродром, под диригентско водство на Зорица Јовановиќ, во соработка со хорот и оркестарот на ОУ „Васил Главинов“ од Велес, под диригентско водство на Веселинка Маџарова–Андова, на 10.4.2009 година во Културниот дом „Кочо Рацин“, одржа заеднички концерт.

Со заедничкиот концерт се одбележи стартот на еден вид соработка и пријателство меѓу овие две училишта од различни општини.

Целта на оваа музичка манифестација беше да им се понуди на младите хористи и свирачи да ја доживеат и да ја почувствуваат атмосферата и енергијата на музицирање пред поширок аудиториум, но и да и се даде можност на публиката за едно поинакво восприемање на музиката.

На концертот присуствуваа повеќе десетици гости, директорите на двете основни училишта, наставници и родители.

Се очекува, во иднина на ваквото пријателство да им се придружат и другите училишта од двете, но и од другите општини во Република Македонија.





13.4.2009

Скопје


Прва работна седница на Советот на Општина Аеродром

КОМУНАЛНАТА ТАКСА ЗА ЛЕТНИ ТЕРАСИ ОД 15 НА 8 ДЕНАРИ

Новиот Совет на Општина Аеродром ја одржа првата работна седница на 11.4.2009 година, на која донесе неколку значајни одлуки за работата на општината, меѓу кои и одлука за намалување на комуналната такса од 15 на 8 денари.

Имено, со Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за висината на комуналните такси во Општина Аеродром износот од 15 денари, утврден како висина на комунална такса за користење простор пред деловни простории се намалува на 8 денари по квадратен метар дневно.

Оваа Одлука е донесена како дополнителен стимул за стопанствениците да ги плаќаат таксите поредовно, со што ќе се воведе и поголем ред во урбанизмот, а Општината полесно ќе ги собере приходите, со кои се полни нејзиниот буџет.

До стапувањето на сила на Одлуката, општинските служби ќе направат прецизна евиденција на фирмите што не плаќале редовно, ќе им испрати известување дека е неопходно да поднесат барање за користење јавна површина со приложена скица и димензии, како и рок во кој треба да се подмират обврските кон Општината.

Во меѓувреме ќе се води сериозна евиденција и ќе се преземат соодветни мерки за неплаќачите, односно извршител на Општината ќе им ги заплени масите, столовите и друга опрема, секако на нивна сметка.


13.4.2009

Скопје


УТРЕ ЌЕ СЕ ОДРЖИ ПРВАТА КОНСТИТУТИВНА СЕДНИЦА НА НОВИОТ СОВЕТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Утре, 11.4.2009 година (сабота), со почеток во 12:00 часот во просториите на Општина Аеродром ќе се одржи првата конститутивна седница на Советот на Општина Аеродром.

На дневниот ред на седницата се следните точки:

1. Предлог-Одлука за избор на Комисија за верификација на мандатот на членовите на Советот на Општина Аеродром;

2. Верификација на мандатот на членовите на Советот на Општина Аеродром;

3. Предлог-Одлука за избор на Претседател на Советот на Општина Аеродром;

10.4.2009

Скопје


По повод четвртиот роденден

В НЕДЕЛА СВЕЧЕН КОКТЕЛ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

На 12.4.2009 година (недела) во 13:00 часот во Општина Аеродром ќе се одржи свечен коктел по повод четвртиот роденден, како и изборот на новиот градоначалник Ивица Коневски и новите членови на Советот на Општина Аеродром.

На коктелот се поканети високи политички личности како министри, градоначалници на скопските општини, познати бизнисмени, соработници и пријатели на Општина Аеродром, меѓу кои и новиот претседател на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски, новиот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски.

Градоначалникот Ивица Коневски в недела ќе ја даде и првата изјава за медиумите откако официјално стапи на функцијата градоначалник на Општина Аеродром.

Ја покануваме Вашата редакција да испрати новинар и фоторепортер или снимател да присуствуваат на коктелот.

10.4.2009

Скопје


ЗАМЕНЕТИ ОШТЕТЕНИТЕ ХИДРАНТИ ВО НАСЕЛБА МИЧУРИН

Екипи на ЈП „Водовод и канализација“ деновиве ги заменија старите оштетени хидранти во населбата Мичурин со нови. Нови хидранти се поставија на улиците „Венијамин Мачуковски“ во правец кон железничка станица и на „Петар Ацев“.

Се очекува наскоро да почнат подготовките за асфалтирање на двете улици, бидејќи со поставување на новите хидранти се отстраниja дел од пречките што беа причина за стопирање на градежните работи на овие улици.


9.4.2009

Скопје


Од вчера

ИВИЦА КОНЕВСКИ И ОФИЦИЈАЛНО ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Новиот градоначалник Ивица Коневски, од вчера, 7.4.2009 година, официјално ја презеде функцијата градоначалник на Општина Аеродром.

Градоначалникот Коневски, кој победи уште во првиот круг на локалните избори на 22.3.2009 година, вчера одржа работен состанок со дел од вработените во Општината, на кој беа договорени насоките за работа, со цел да се овозможи непречено продолжување на активностите што беа стопирани за време на предизборниот период.


8.4.2009

Скопје



ПРИВРШУВААТ ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ ВО МИЧУРИН

Од понеделник почнуваат градежните работи околу подготовката за асфалтирањето на вториот слој на улицата „Венијамин Мачуковски“, откако ќе бидат нивелирани шахтите.

Истовремено ќе се одвива и асфалтирањето на улицата „Анастас Митрев“ и тоа паралелно двата крака ќе ги работат фирмите „Баџак инженеринг“ и „Урбан инвест“.

Исто така, спроти ОУ „Блаже Конески“ во населбата Мичурин ќе почне изградба на два нови паркинга, кои се очекува да завршат за десетина дена.

Средствата за сите овие градежни работи се издвоени од Буџетот на Општина Аеродром.

3.4.2009

Скопје


ОПШТИНА АЕРОДРОМ ИМ ПОДАРИ ТОПКИ И ШОЛЈИ НА ДЕЦАТА БЕЗ РОДИТЕЛИ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски, вчера, 2.4.2009 година, на штитениците од Домот за деца без родители „11 Октомври“ им подари по една топка, шолја за млеко и еколошка торба со амблемот на општината.

Потоа градоначалникот Тодоровски исти подароци од Општина Аеродром однесе и во Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“.

Исто така, по една еколошка торба со по две брошури градоначалникот Тодоровски лично им врачи и на сите станари во домот на пензионерите „Јане Сандански“, кои беа видливо пријатно изненадени што и на крајот од својот мандат тој не ги заборавил.

Еко-торбите на кои е отпечатена пораката „Тивка, зелена, чиста“, имаат за цел да ја подигнат на повисоко ниво еколошката свест кај жителите на Општина Аеродром. Заедно со платнените торби, пензионерите добија и по еден примерок од брошурите „Остварено 2005 – 2009“, со отчет за активностите во изминатиот период и „Нашата Општина Аеродром, тивка, зелена, чиста“, со мноштво проекти, со кои се доловува визијата за иднината на Општината.

3.4.2009

Скопје


ДА ПРИДОНЕСЕМЕ ЗА ФЕР И ДЕМОКРАТСКА АТМОСФЕРА И ВО ВТОРИОТ КРУГ НА ИЗБОРИТЕ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ!

Општина Аеродром апелира до учесниците во вториот круг на изборниот процес, граѓаните, избирачките одбори и партиите, односно кандидатите и нивните тимови да ги почитуваат правилата за гласање за време на претстојниот викенд и да придонесат во спроведувањето фер и демократски избори.

На досегашните избори, како и во првиот изборен круг во Општина Аеродром кој се спроведе успешно без инциденти и нерегуларности, жителите на Општина Аеродром го положија испитот на зрелост со највисока оценка, така што се очекува дека и во вториот круг претседателски и локални избори што ќе се одржат в недела, на 5-ти април, ќе се задржи овој тренд и сите учесници во изборниот процес ќе придонесат да се воспостави ефикасен и регуларен изборен процес во мирна, фер и демократска атмосфера.

3.4.2009

Скопје


ПРОДОЛЖУВА СОРАБОТКАТА МЕЃУ ОПШТИНА АЕРОДРОМ И ЕКОЛОШКОТО ЗДРУЖЕНИЕ НА ГРАЃАНИ „ОХО“

Здружението на граѓани „ОХО“ во соработка со Општина Аеродром неодамна во сите основни училишта и градинки на нејзината територија донираше рекламен материјал и прирачници за наставниците на тема: „12 начини како да ја спасиш планетата Земја“, во рамките на едукативната програма „Немаме резервна планета“, со цел да се делува едукативно кај учениците.

Соработката меѓу Општина Аеродром и здружението „ОХО“ продолжува со единствена цел да се крене на повисоко ниво еколошката свест кај најмладата популација, како и кај граѓаните, а истовремено да се подобри хигиената во Општина Аеродром, со што ќе се придонесе таа да стане поубава и почиста општина.

Досега организацијата „ОХО“ ги има опремено основните училишта и градинките на територијата на Општина Аеродром со најразлични сликовници со еколошка содржина за најмладите, еко–коцки, плакати и календари со еколошки мотиви, еко-сложувалки, моливи, пенкала за учениците и слично.


2.4.2009

Скопје


ДЕЦАТА ОД ТАБАК СИТИ ДОБИЈА НИШАЛКИ

Општина Аеродром деновиве постави нови нишалки за најмладите во населбата позната како „Табак Сити“, поточно во непосредна близна на улицата „3“ која се протега по должината на булеварот „Трета македонска бригада“.

Покрај нишалките, по барање на граѓаните од оваа населба, Општината постави и урбана опрема - клупи и кошници за отпадоци.

Општина Аеродром, апелира до возрасните граѓани да не ги користат и да не ги уништуваат нишалките и другите реквизити во детските игралишта, бидејќи тие се единствените катчиња за забава и рекреирање на децата и младите.


2.4.2009

Скопје

СЕ АСФАЛТИРА УЛИЦАТА „3“ ВО НАСЕЛБАТА „ТАБАК СИТИ“

Улицата „3“ во населбата позната како „Табак Сити“, која се протега по должината на булеварот „Трета македонска бригада“ во близина на железничката пруга и ги разграничува општините Аеродром и Кисела Вода, наскоро ќе се асфалтира.

Улицата во должина од 460 метри е веќе тампонирана, а екипи на градежната фирма „Гранит“ ги финализираат работите пред да се премине на асфалтирање.

Средствата за асфалтирање на улицата се издвоени од буџетот на Општина Аеродром.


1.4.2009

Скопје


УШТЕ ЕДНО НОВО ДЕТСКО ИГРАЛИШТЕ ВО НАСЕЛБАТА ЈАНЕ САНДАНСКИ

Општина Аеродром деновиве изгради уште едно ново детско игралиште зад градинката „Срничка“ во населбата Јане Сандански, на кое треба да се постави уште гумена подлога и неколку нови реквизити.

Исто така, со зголемен интензитет се завршуваат градежните активности за изградбата на уште неколку нови детски игралишта во населбите Острово, Аеродром, Јане Сандански, Реонски центар „Аеродром“, Ново Лисиче, Лисиче и Долно Лисиче, со што општината ќе добие вкупно 21 ново детско игралиште.

На повеќето нови детски игралишта веќе е поставена бетонската подлога, така што наскоро ќе почне поставување на гумената подлога, како и на реквизитите.

Новите детски игралишта ќе содржат модерни реквизити, како што се нишалки, вртелешки, лизгалки, клацкалки и слично.

Покрај изградбата на новите детски игралишта, по налог на стручните служби на Општина Аеродром се санираат или се заменуваат реквизитите и на постојните педесетина постојни детски игралишта за забава на децата на подрачјето на општината, така што нејзините најмлади жители пролетва ќе можат да играат и да се забавуваат на подновени и санирани реквизити во детските игралишта.

Општина Аеродром апелира до возрасните граѓани да не ги користат и да не ги уништуваат детските игралишта, бидејќи тие се единствените катчиња за забава и рекреирање на децата од Општината.


1.4.2009

Скопје


МЛАДИТЕ ОД ОПШТИНА АЕРОДРОМ ГО ОДБЕЛЕЖУВААТ „ДЕНОТ НА ШЕГАТА“

Илјадници инвентивни маски на учениците од седумте основни училишта и од градинките во Општина Аеродром, денеска, 1.4.2009 година, го одбележуваат „Денот на шегата“ – први април.

Утринава во училишните дворови можеа да се сретнат принцези, супермени, спајдермени, вештерки, невести, докторки и најразлични други маски, во кои беа маскирани учениците. Бројните инвентивни маски го привлекуваа вниманието на минувачите кои наседнуваа и се смееја на детските шеги.




1.4.2009

Скопје


СЕ ПОСТАВУВААТ ЗАШТИТНИ ОГРАДИ ПОКРАЈ ЗЕЛЕНИЛОТО

Деновиве се поставуваат таканаречени П-огради околу зеленилото во Општина Аеродром со цел да се заштити од газење, неправилно паркирање, фрлање отпадоци и воопшто негово уништување од страна на несовесни граѓани.

П-огради се поставуваат на сите локации, на кои има потреба да се заштити зеленилото од целото подрачје на општината.

Паралелно со заштита на зеленилото на ваков начин, П-огради се поставуваат и покрај тротоарите, со цел да се спречи недозволеното и незаконско паркирање што го практикуваат несовесните возачи.

Заштитните огради ги поставува фирмата „Тетрагон“. Средствата за поставување на заштитните огради околу зеленилото и тротоарите се издвоени од буџетот на Општина Аеродром.


31.3.2009

Скопје


НАСКОРО ЌЕ БИДАТ ПУШТЕНИ ВО УПОТРЕБА УШТЕ СЕДУМ НОВИ ЧЕШМИ ЗА ПИЕЊЕ ВОДА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Жителите на Општина Аеродром деновиве ќе добијат уште седум нови чешми за пиење вода. Чешмите се со нов модерен дизајн и се еколошки, бидејќи водата од нив не тече постојано, како од повеќето фонтани за пиење вода во градот, туку само тогаш кога ќе се притисне копчето.

За новите чешми е направен технички прием и тие се приклучени на водоводниот систем на ЈП „Водовод и канализација“, така што деновиве се очекува да потече вода од нив.

31.3.2009

Скопје


ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ЖАРДИНИЕРАТА НА БУЛЕВАРОТ „ЈАНЕ САНДАНСКИ“

Деновиве почна изградбата на жардиниерата во средишниот дел на булеварот „Јане Сандански“.

Жардиниерата на булеварот „Јане Сандански“, како што информираат од Град Скопје, во чија надлежност е изградбата, ќе биде долга 800 метри и ќе се протега од почетокот на булеварот до крстосницата кај ортопедската клиника „Мајчин дом“. Жардиниерите ќе бидат наполнети со земја и во нив ќе биде поставен систем за полевање „капка по капка“, по што истите ќе бидат засадени со разновидни садници.


30.3.2009

Скопје


КОНКУРС ЗА ИЗБОР НА НАЈУБАВО УРЕДЕН ДВОР

Општина Аеродром ги повикува граѓаните да се вклучат во конкурсот за избор на најубаво уреден двор што го организира Град Скопје под името „Денови на пролетта - денови на екологијата”.

Заинтересираните граѓани, невладини организации, јавни установи, претпријатија и други правни и физички лица, кои сакаат да учествуваат на конкурсот, пријавите можат да ги достават по пошта на адресата Град Скопје - Сектор за заштита на животната средина и природата, булевар „Илинден” бб или во архивата на Градот, или да се јават на телефон 3297 273.

Пријавувањето за учество почнува на 22.4.2009 година и ќе трае до 15.5.2009 година, а прогласувањето на победниците ќе биде на 5.6.2009 година на специјална седница на Советот на Град Скопје.

Покрај изборот за најубаво уреден двор, фирмите може да конкурираат и за категоријата најеколошка компанија, сите правни и физички лица за најголем придонес во областа на заштитата на животната средина.

Учениците од основните и средните училишта, пак, можат да се пријават на конкурсот за најубав состав на тема екологија.

За најубаво уреден двор се предвидени три награди (индивидуално домување, колективно домување и јавен или стопански објект) во износ од по 20.000 денари. За категориите најеколошка компанија и најголем придонес во областа на заштитата на животната средина се предвидени по една награда во износ од по 30.000 денари, а за најубав состав - две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 6.000 денари.

30.3.2009

Скопје


ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА ПРЕПУМПНАТА СТАНИЦА ВО ДОЛНО ЛИСИЧЕ

Со свечено сечење лента градоначалникот на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски, денеска, 27.3.2009 година, ја пушти во употреба изградената препумпна станица во Долно Лисиче.

Со профункционирањето на препумпната станица, домаќинствата што гравитираат во околината можат веднаш да се приклучат на досега изградената канализациска мрежа, со што жителите од овој дел на Општина Аеродром засекогаш ќе се ослободат од септичките јами.

Камен-темелникот на оваа современа препумпна станица беше поставен пред нешто повеќе од една година, поточно на 4-ти декември 2007 година. Станува збор за таканаречена беспилотна целосно автоматизирана препумпна станица, преку која ќе се пумпаат сите отпадни води од Долно Лисиче.

Градоначалникот Тодоровски изрази задоволство зашто, како што рече, покрај препумпната станица, во Долно Лисиче се изградени и сите колектори, но и основно училиште, модерен парк со сета потребна урбана опрема, детско игралиште и осветлување.

„Изградбата на оваа станица претставува срце на целата канализациска инфраструктура во Долно Лисиче и затоа денеска со гордост можам да кажам дека се заокружи целиот канализациски систем во овој дел од Општина Аеродром“, изјави градоначалникот Тодоровски.

27.3.2009

Скопје


ПРОДОЛЖУВААТ ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ НА УЛИЦАТА „ВЕНИЈАМИН МАЧУКОВСКИ” ВО МИЧУРИН

По зголемувањето на температурите повторно се интензивираа градежните работи околу подготовката за асфалтирањето на улицата „Венијамин Мачуковски” крак 1 во населбата Мичурин во Општина Аеродром.

Во моментов на оваа улица екипите на „Пелагонија инженеринг“ вршат ископување на градежен материјал, се поставува тампон слој на коловозот, така што веднаш по тампонирањето улицата ќе почне да се асфалтира.

Инаку, улицата е широка 6 метри, а откако ќе се асфалтира од двете нејзини страни ќе се постават тротоари од павер елементи со широчина од по 1,5 метри.

Средствата за реконструкција на улицата „Венијамин Мачуковски” крак 1 се издвоени од Буџетот на Општина Аеродром.


27.3.2009

Скопје

НАД 700 БЕБИЊА ДОБИЈА ПАРИЧНА ПОМОШ ОД ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски, денеска, 26.3.2009 година, во просториите на Општината, свечено врачи решенија за еднократна парична помош на 95 семејства со новороденчиња.

„Општина Аеродром ја споделува Вашата радост и нашето задоволство е уште поголемо, затоа што оваа акција ја спроведуваме веќе втора година и веднаш наиде на позитивни реакции меѓу граѓаните“, изјави на свеченото доделување решенија градоначалникот Тодоровски, додавајќи дека новите генерации ќе раснат во здрава, чиста, зелена и безбедна средина, за што сведочат и брошурите „Остварено 2005 – 2009“, со отчет за активностите во изминатиот период и „Нашата Општина Аеродром, тивка, зелена, чиста“, со мноштво проекти, со кои се доловува визијата за иднината на Општина Аеродром.

Покрај решенијата на семејствата со новороденчиња, кои досега имаат доставено барања, градоначалникот Тодоровски им подели по една еколошка торба со логото на Општина Аеродром – тивка, зелена, чиста, како и по една шолја за млеко и една гумена топка.

Инаку, Од почетокот на 2008 година до сега Општина Аеродром се збогати со уште 716 нови жители, од кои 649 се родени во 2008 година, а 67 бебиња се родени во 2009 година. Од нив 363 се машки, а 353 се женски. Досега имаме 16 близначиња и 1 тројка. Според досега пристигнатите податоци, може да се заклучи дека најголем процент од бебињата, односно 98 отсто се Македонци по националност.

26.3.2009

Скопје


АПЕЛ ЗА ПОМОШ!

Петмесечниот Филип Величковски боледува од ретинопатија во 4-ти стадиум или еден вид слепило на очите, настанат како последица од недостиг на кислород во инкубатор, поради што е неопходна итна операција и лекување во Белгија.

Болничкото лекување во Белгија изнесува 11.000 евра. Затоа, родителите на Филип апелираат и ги молат сите оние кои сакаат и можат финансиски да му помогнат, своите средства да ги донираат на жиро-сметката на Комерцијална банка: 300001000019790 со напомена донација за Филип Величковски, или со донирање 100 денари на телефонските броеви 075/143-133 и 070/143-133.

ДА БИДЕМЕ ХУМАНИ, ДА МУ ПОМОГНЕМЕ НА ФИЛИП!

26.3.2009

Скопје


УТРЕ ЌЕ СЕ ПУШТИ ВО УПОТРЕБА ПРЕПУМПНАТА СТАНИЦА ВО ДОЛНО ЛИСИЧЕ

Утре во 11 часот свечено ќе се пушти во употреба изградената препумпната станица во Долно Лисиче.

Со профункционирањето на препумпната станица, домаќинствата што гравитираат во околината ќе можат веднаш да се приклучат на досега изградената канализациска мрежа, со што жителите од овој дел на Општина Аеродром ќе се ослободи од септичките јами.

Општина Аеродром ги кани електронските и пишаните медиуми да испратат свои екипи, новинари, сниматели и фоторепортери на свеченото пуштање во употреба на препумпната станица во Долно Лисиче.


26.3.2009

Скопје


НАСКОРО НОВИ КОШНИЦИ ЗА ОТПАДОЦИ ВО ГОРНО ЛИСИЧЕ

Општина Аеродром наскоро ќе постави нови кошници за отпадоци на петнаесетина локации во населбата Горно Лисиче.

Новите кошници за отпадоци ќе се поставуваат на локации за кои стручните служби во општината добија барања од жителите на населбата Горно Лисиче, но и на места на кои според скенирањето на теренот има реална потреба од дополнителни кошници.

25.3.2009

Скопје


СЕ ПОСТАВУВААТ ИНФОΡМАТИВНИ ТАБЛИ СО НАПИС „ИЗВЕДУВАЧ ОПШТИНА АЕРОДРОМ“

Општина Аеродром на десетина локации постави информативни табли со напис: „Изведувач на работите Општина Аеродром“.

Во моментов информативни табли се поставени на оние локации каде што се изведуваат поголеми градежни работи, и тоа во Горно Лисиче каде се преземаат активности за изградба на фекалната и атмосферската канализација, потоа во Мичурин каде што се изведуваат улиците „Петар Ацев“, „Анастас Митрев“, а на улицата „Венијамин Мачуковски“ во тек е и изградба на тротоар, потоа асфалтирање на улицата „Трета македонска бригада“ во населбата Табак Сити, како и изградба на пешачки патеки во Острово.

Информативни табли со напис: „Изведувач на работите Општина Аеродром“ ќе се постават уште на десет локации, а средствата за изработка на таблите се одвоени од буџетот на Општината.

Инаку, се очекува Општина Аеродром наскоро да постави и по еден светлечки билборд во населбите Мичурин, Острово, Стар Аеродром, 13 Ноември, Јане Сандански, Бисер, Ново Лисиче, населба Лисиче и Горно Лисиче, како и поздравни билборди за добредојде на влезотовите во општината.


25.3.2009

Скопје


СЕ ПОДГОТВУВА ПРОЛЕТНА ДЕРАТИЗАЦИЈА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Општина Аеродром ја заврши постапката за избор на извршител на постапката за пролетна дератизација на нејзината територија. Дератизацијата ќе ја врши Градскиот завод за здравствена заштита – Скопје.

Стручни екипи на Заводот во неколку тимови се очекува да постават мамци во 1.500 шахти на подрачјето на општината.

Општина Аеродром редовно секоја година врши пролетна и есенска дератизација.

25.3.2009

Скопје


СЕ РАСЧИСТУВААТ ПАДНАТИТЕ ДРВЈА

Сезонските работници што ги ангажираше Општина Аеродром за одржување на хигиената на јавните површини деновиве им се придружија на екипите на ЈП „Паркови и зеленило” во расчистувањето на паднатите гранки и искршените дрвја како последица на обилните снежни врнежи.

Станува збор главно за стари дрвја, чии гранки не можеа да ја издржат тежината на снегот.

Паднатите и искорнатите дрвја од викендов се расчистуваат на сите локации на територијата на општината, но паралелно продолжуваат и редовните активности, не само на сезонците, туку и на сите други општински служби.





24.3.2009

Скопје


НА УЛИЦАТА „ВЛАДИМИР КОМАРОВ“ СЕ ГРАДАТ ДВЕ ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ

Во зеленилото меѓу зградите со број 14 и 16 на улицата „Владимир Комаров“ во моментов се градат две пешачки патеки. Пешачките патеки се од бекатон плочки во боите на општината, односно во црвено – жолта боја, со должина од по 114 метри и широки 1,2 метри.

Средствата за изградба на патеките се издвоени од буџетот на Општина Аеродром, а изведувач на градежните работи е фирмата ИГМ „Вратница“.


24.3.2009

Скопје


СЕ РЕКОНСТРУИРААТ ДЕТСКИ ИГРАЛИШТА ВО НАСЕЛБАТА ЈАНЕ САНДАНСКИ

Најмладите жители на населбата Јане Сандански - лево наскоро ќе можат да играат и да се забавуваат на подновени и санирани реквизити во детските игралишта.

Имено, по налог на стручните служби на Општина Аеродром во моментов се санираат или се заменуваат реквизитите на 14 детски игралишта за забава на децата на подрачјето на оваа населба.

Во исто време, Општина Аеродром апелира до возрасните граѓани да не ги користат и да не ги уништуваат детските игралишта, бидејќи тие се единствените катчиња за забава и рекреирање на децата од Општината.


23.3.2009

Скопје


СЕ БОЈАДИСУВААТ П-ОГРАДИТЕ ВО МИЧУРИН

На улицата „Венијамин Мачуковски“ во населбата Мичурин паралелно со градежните работи за поставување бекатон плочки на тротоарите, се бојадисуваат и заштитните П-огради.

П-оградите кои се веќе поставени на тротоарите, се бојадисуваат во боите на општината, односно во црвено-жолта боја. Бојадисувањето ќе продолжи штом дозволат временските услови.

Средствата за поставување на П-оградите се издвоени од буџетот на Општина Аеродром, а изведувач на работите е фирмата „Тетрагон“.

Инаку, заштитни Π-огради ќе се поставуваат на повеќе локации на целата територија на општината.


20.3.2009

Скопје


ДЕЦАТА ОД ГРАДИНКИТЕ И ОД ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ ДОБИЈА ПО ЕДНА ТОПКА СО ЛОГОТО НА ОПШТИНАТА

Општина Аеродром подари по една топка на секое дете од детските градинки и од основните училишта на нејзината територија.

Топките се со исцртано лого на Општината, а на нив е испишано и мотото „Општина Аеродром тивка, зелена, чиста“.

Децата веднаш го испитаа квалитетот на доделените топки, а прв терен за игра им беа училишните и дворовите на градинките.




20.3.2009

Скопје


ДА ПРИДОНЕСЕМЕ ВО СПРОВЕДУВАЊЕТО ФЕР И ДЕМОКРАТСКИ ИЗБОРИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Општина Аеродром апелира до сите учесници во изборниот процес, меѓу кои и граѓаните, избирачките одбори и партиите, односно кандидатите и нивните тимови да ги почитуваат правилата за гласање за време на претстојниот викенд и да придонесат во спроведувањето фер и демократски избори.

Општина Аеродром се заложува за доследно спроведување на изборите во Аеродром како една од најголемите и најперспективните општини во Република Македонија, која досега претставуваше пример за практикувањето на демократијата.

Општина Аеродром повикува да се излезе од рамките на сопствените интереси и да се обрне особено внимание за промовирање на секое изборно место како една мала лулка на демократијата.

На досегашните избори жителите на Општина Аеродром го имаат положено испитот на зрелост со највисока оценка, така што се очекува дека и на претстојните претседателски и локални избори што ќе се одржат в недела, на 22-ри март, ќе се задржи овој тренд и сите учесници во изборниот процес ќе придонесат да се воспостави ефикасен и регуларен изборен процес во мирна, фер и демократска атмосфера во која ќе се одвиваат изборите и каква што, всушност и доликува na Општина Аеродром.

20.3.2009

Скопје


ЕКО-ТОРБА ЗА СЕКОЕ СЕМЕЈСТВО ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Општина Аеродром денеска, 19.3.2009 година, почна да доделува платнени еколошки торби со амблем на Општина Аеродром за секое семејство во општината.

Еко-торбите на кои е отпечатена пораката „Тивка, зелена, чиста“, имаат за цел да ја подигнат на повисоко ниво еколошката свест кај жителите на Општина Аеродром.

Заедно со платнените торби, граѓаните ќе добијат и по еден примерок од брошурите „Остварено 2005 – 2009“, со отчет за активностите во изминатиот период и „Нашата Општина Аеродром, тивка, зелена, чиста“, со мноштво проекти, со кои се доловува визијата за иднината на Општината.

Еко-торбите и брошурите ги делат сезонските работници што ги ангажираше Општина Аеродром, распределени по реони, при што се очекува до почетокот на наредната недела сите граѓани на Општина Аеродром да добијат по еден примерок од торбата со брошурите.




19.3.2009

Скопје


ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ СЕ ПОСТАВУВААТ ДОПОЛНИТЕЛНИ НОВИ КОНТЕЈНЕРИ

Министерството за животна средина и просторно планирање во наредниот период ќе поставува нови контејнери речиси во сите општини во Република Македонија.

Распределбата на дополнителни нови контејнери, според информацијата која вчера, на 18.3.2009 година, пристигна од ЗЕЛС, е направена според бројот на жители во општините.

Министерството ќе распредели вкупно 5.000 контејнери од по 1.100 литри, така што во Општина Аеродром, според направената проценка по глава на жител, ќе се постават 181 контејнер на повеќе локации во општината.

19.3.2009

Скопје


ЌЕ СЕ ПОСТАВУВААТ СВЕТЛЕЧКИ БИЛБОРДИ СО ИМЕ НА НАСЕЛБИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Општина Аеродром деновиве ќе постави девет светлечки билборди со имиња на населбите на Општина Аеродром.

По еден светлечки билборд ќе се постави во населбите Мичурин, Острово, Стар Аеродром, 13 Ноември, Јане Сандански, Бисер, Ново Лисиче, населба Лисиче и Горно Лисиче.

Светлечките билборди со имиња на населбите ги изведува фирмата „Тиверија“, а средствата за нивна изработка се одвоени од буџетот на Општината.


18.3.2009

Скопје


ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЧЛЕН НА КООРДИНАТИВНАТА РАБОТНА ГРУПА НА МЧР

Во рамки на проектот за реформа на јавната администрација, односно во контекст на градењето на административните капацитети за ЕУ интеграцијата, ќе се воспостави мрежа на одделенија/сектори за управување со човечки ресурси во државната служба (МЧР), чиј координатор ќе биде Агенцијата за државни службеници.

МЧР ќе биде составена од сите органи на државната служба, што значи дека ќе брои околу 150 членови, а за нејзино поефикасно и пооперативно функционирање се формира координативна работна група која брои 9 члена. Составот на оваа координативна група ќе биде променлив, а во првиот состав, меѓу другите членови, член е и Општина Аеродром.

18.3.2009

Скопје


НОВИ КАНТИ ЗА СМЕТ НА ДОМАШНИ МИЛЕНИЦИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Во текот на април Општина Аеродром ќе постави околу 150 метални канти со диспанзер за собирање на фекален смет од домашни миленици на повеќе места, речиси во сите населби во Општината.

Кантите за смет од домашни миленици кои се обоени во зелена боја, имаат двојна функција. Граѓаните ќе можат да ги користат за фрлање на сметот од милениците, така што за таа цел, од една страна се сместени хартиени кеси, а од другата страна, кантите служат како пепелници.

Кантите ќе се поставуваат главно во парковите и зелените површини, поточно на оние места каде што е забележана поголема фреквенција на минувачи кои ги шетаат своите домашни миленици.

Инаку, кантите за смет од домашни миленици ќе ги одржуваат и ќе ги празнат сезонските работници.




17.3.2009

Скопје


Акција на Општина Аеродром

ПО ЕДНА ШОЛЈА ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ И ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА

Во Општина Аеродром е во тек акција на доделување шолји за млеко за секое дете од детските градинки и основните училишта на територијата на општината.

Шолјите го имаат грбот и логото на Општина Аеродром и на нив е испишана паролата „тивка, зелена, чиста“.


17.3.2009

Скопје


АЕРОДРОМЦИ ГО ПОШУМУВАА АЈВАТОВСКИ РИД

По повод „Ден на дрвото“ на 14.3.2009 година (сабота), граѓаните на Општина Аеродром и покрај неповолните временски услови, активно се вклучија во програмата „Засади ја твојата иднина“ што ја организираше Владата на Република Македонија во соработка со ЈП „Македонски шуми“.

Во акцијата на садење дрвја, која се одвиваше на локацијата Ајватовски рид, покрај граѓаните се приклучија и вработените во општинската администрација, како и учениците од седумте основни училишта кои насадија околу 1.000 дрвца.

Исто така, дрвца беа насадени и во училиштата, а покрај садењето, учениците имаа и други активности поврзани со акцијата. Некои ги чистеа и средуваа училниците, други ги расчистуваа дворовите, а трети држеа часови по екологија.







16.3.2009

Скопје


ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЈА ОТПЕЧАТИ БРОШУРАТА „ОСТВАРЕНО 2005-2009“

Општина Аеродром ја отпечати брошурата „ОСТВАРЕНО 2005-2009“ , во која е даден отчет за работата за периодот од 2005 година до сега.

Брошурата е отпечатена на 64 страници во полн колор, на А4 формат.

Од содржините во брошурата „ОСТВАРЕНО 2005-2009“ граѓаните ќе може да се информираат за сите реализирани проекти во Општина Аеродром за време на мандатот на градоначалникот Кирил Тодоровски.


16.3.2009

Скопје


Преземено

НОВ ШАЛТЕР НА КАТАСТАРОТ ВО АЕРОДРОМ

Агенцијата за катастар на недвижен имот отвори нов шалтер за поднесување барања во Општина Аеродром. Целта на новата канцеларија, лоцирана во ТЦ „Скопјанка“, е да се олесни пристапот на жителите на една од најголемите општини во Скопје до документите што ги издава Агенцијата.

Во новоотворената канцеларија на првиот кат во ТЦ „Скопјанка“ граѓаните ќе можат да добијат имотни и поседовни листови. Услугите ќе се добиваат секој работен ден од 09:00 до 16:00 часот.


16.3.2009

Скопје


За Денот на дрвото
АЕРОДРОМЦИ ЌЕ ТРГНУВААТ ОД „МАЈЧИН ДОМ“ И ОД ПОШТАТА ВО НОВО ЛИСИЧЕ

По повод „Ден на дрвото“ утре, 14.3.2009 година (сабота), за граѓаните на Општина Аеродром, кои сакаат да се вклучат во програмата „Засади ја твојата иднина“ што ја организира Владата на Република Македонија во соработка со ЈП „Македонски шуми“, јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ обезбеди организиран превоз.

Автобусите ќе тргнуваат од два пункта и тоа кај ортопедската клиника позната како „Мајчин дом“ и кај поштата во населбата Ново Лисиче. Организираниот превоз на граѓаните од двата пункта ќе се одвива во четири тури и тоа во термините од 08:00, 10:00, 12:00 и во 14:00 часот. Во секоја тура ќе тргнуваат по три автобуси.

Во акцијата на садење дрвца, која ќе се одвива на локацијата Ајватовски рид покрај граѓаните, ќе се приклучат и учениците од седумте основни училишта во Општина Аеродром.

Исто така, дрвца ќе се садат и во секое основно училиште и градинка во Општина Аеродром, а ќе се одржуваат и еко-часови.

Како што порачуваат организаторите, за правилно садење на шумските дрвца граѓаните треба да знаат дека садницата треба правилно да се стави и да се зацврсти во почвата. Притоа, коренот треба да ја задржи својата природна форма, да не се тутка или кине. Коренот не треба да се засади предлабоко или многу плитко, поточно гранките и игличките да не се затрупуваат, ниту пак корените да излегуваат над земјата. На крај, земјата околу садницата треба да се нагази темелно.

Општина Аеродром ги повикува граѓаните активно да се вклучат во акцијата „Ден на дрвото“, со цел да се добие масовност и да се насадат што повеќе дрвца.

Единствената цел на оваа акција е да ја спасиме земјата во еден потег и сите заедно да создадеме подобар и поздрав амбиент за живеење на сите граѓани во Република Македонија!

13.3.2009

Скопје


На средбата на просветните работници во ОУ „Димитар Македонски“

„ПРЕДМЕТИ ОД РЕЦИКЛИРАНА ХАРТИЈА“ НАЈВПЕЧАТЛИВ ПРОЕКТ

Претставници од ОУ „Димитар Македонски“ во соработка со Сојузот на просветни работници на Република Македонија, Здружението на просветни работници на Град Скопје, како и активот на директори на средното и основното образование и градинките, неодамна одржаа средба на тема „Осигурување на квалитетот на наставата низ апликативни наставни и воспитно-образовни активности“.

Средбата во ОУ „Димитар Македонски“ се организираше по повод прогласувањето на 2009 година за година на иновациите и творештвото од страна на Европската унија, што всушност, беше и мотото под кое се презентираа проектите од страна на учесниците, меѓу кои најзабележителен беше проектот за изработка на предмети од рециклирана хартија.

Целта на оваа прва промотивна стручна средба чии главни промотори беа основните училишта од повеќе скопски општини кои се претставија со свои проекти, се организираше со цел да се увиди начинот на реализација на новите наставни планови и воопшто промените воведени во образовниот систем во Република Македонија.

На средбата присуствуваа и претставници од Општина Аеродром, Министерството за образование и наука, Сојузот на просветни работници и голем број директори од основното и средното образование на Град Скопје.

Се очекува ваквите средби да се одржуваат и во другите училишта на целата територија на Република Македонија.




13.3.2009

Скопје


ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ ДОДЕЛИ 130.000 ДЕНАРИ ПОМОШ НА СЕМЕЈСТВОТО НАСТРАДАНО ВО ПОЖАР

На 94-та седница на Советот на Општина Аеродром, едногласно се донесе одлука за доделување парична помош на семејството Тодосиевиќ, кое минатата недела настрада во пожар.

Општина Аеродром на браќата Раденко и Миќо Тодосиевиќ кои се невработени и живеат од социјална помош и чијшто дом изгоре до темел, ќе им додели наменски средства во износ од 130.000 денари.

Освен тоа, Општината Аеродром ќе се заложи во рамките на своите можности, дополнително да му помогне на семејството преку ангажирање механизација за расчитување на нивниот дом, а се размислува и се бараат можности за евентуално вработување на барем еден од браќата.

Инаку, веднаш по веста за големиот пожар во населбата Лисиче градоначалникот на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски, на чело на делегација од Општината го посети настраданото семејство.

Општина Аеродром апелира до сите хумани луѓе на каков било начин да му помогнат на настраданото семејство да го врати својот дом.


12.3.2009

Скопје


ДОНЕСЕН ДУП-ОТ ЗА ЛОКАЛИТЕТОТ „СКОПЈАНКА“ УЕ А

Деталниот урбанистички план за локалитетот „Скопјанка“ урбана единица А, кој неколку седници по ред беше одложуван, денеска, 11.3.2009 година (среда), на 94-та седница на Советот на Општина Аеродром, е донесен со мнозинство гласови.

Присутните претставници на граѓаните видно задоволни ја напуштија седницата и упатија искрена благодарност до општинската администрација и до членовите на Советот на Општина Аеродром.

Донесувањето на овој ДУП практично значи дека се отвора патот за влез на нови инвестиции во општината, како и за изградба на паркинзи, улици, урбанистичко и хортикултурно уредување на просторот, а што е најбитно за жителите на овој локалитет, сега ќе може да се врши и надградба на постојните објекти.

На седницата, меѓу другото, се изгласа и Буџетот на Општина Аеродром за 2009 година, а едногласно се донесе одлука и за доделување парична помош на семејството Тодосиевиќ кое минатата недела настрада во пожар.

11.3.2009

Скопје


ИЗГРАДЕНА ПЕШАЧКАТА ПАТЕКА СПРОТИ ТЦ „БИСЕР“

    Заврши изградбата на пешачката патеката спроти ТЦ „Бисер“ во населбата Јане Сандански, каде што минатата година беа урнати скалите и платформата, односно каде што според Деталниот урбанистички план за овој локалитет е планирана изградба на нов модерен трговски центар.

    Општина Аеродром одлучи на оваа локација да биде изградена пешачка патека, со цел да не се дозволи граѓаните да поминуваат низ кал додека не се реализира изградбата на предвидениот објект.

    Патеката е во црвено–жолта боја, односно во боите на општината, а широка е 1,2 и долга 70 метри. Се протега од објектот на Комерцијална банка, т.е. од зградата број 69 на булеварот „Јане Сандански“ до тротоарот на оваа сообраќајница.

    Средствата за изградба на пешачката патека се издвоени од буџетот на Општина Аеродром.


11.3.2009

Скопје


СЕ АСФАЛТИРА УЛИЦАТА „3“ ВО НАСЕЛБАТА „ТАБАК СИТИ“

Општина Аеродром деновиве почна со градежни активности на улицата „3“ во населбата позната како „Табак Сити“, која се протега по должината на булеварот „Трета македонска бригада“ во близина на железничката пруга и ги разграничува општините Аеродром и Кисела Вода.

Улицата ќе се асфалтира во должина од 460 метри, а градежните активности ги изведува фирмата „Гранит“.

Исто така, по барање на граѓаните од оваа населба, деновиве Општина Аеродром ќе го тампонира кракот 1 на улицата „1“ од булеварот „Трета македонска бригада“, во должина од 80 метри. Градежните работи ќе ги извршува фирмата „Баџак инженеринг“.

Со тампонирањето и асфалтирањето на овие улици на граѓаните ќе им се подобрат условите за живот.



10.3.2009

Скопје


СЕ ГРАДАТ ДВЕ ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ НА УЛИЦА „ВЛАДИМИР КОМАРОВ“ ВО ОСТРОВО

По налог на стручните служби на Општина Аеродром, фирмата ИГМ „Вратница“ почна со изградба на две пешачки патеки во населбата Острово.

Двете патеки се градат на улицата „Владимир Комаров“, на просторот меѓу зградите број 14 и 16.

Пешачките патеки се од бекатон плочки во боите на општината, односно во црвено – жолта боја, со должина од по 114 метри и широки 1,2 метри.


10.3.2009

Скопје


ДУП-ОТ „СКОПЈАНКА“ УЕ А ЧЕКА ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ОД СОВЕТОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Утре, 11.3.2009 година (среда), со почеток во 11:00 часот во просториите на Општина Аеродром ќе се одржи 94-та седница на Советот на Општина Аеродром, која беше одложена поради непостоење услови за работа.

На дневниот ред на седницата, меѓу другото, повторно ќе биде ставена Предлог–одлуката за донесување ДУП за локалитетот „Скопјанка“ УЕ А, која неколку седници по ред не се гласа од страна на дел од советниците.

Општина Аеродром, како и поголем дел од граѓаните на Острово, очекува дека Предлог-Одлуката за донесување Детален урбанистички план за локалитетот „Скопјанка“ УЕ А, конечно ќе биде изгласана од страна на Советот, наспроти барањето на дел од членовите на Советот, кои побараа усвојувањето на овој ДУП да се остави на новиот состав на Советот на Општина Аеродром.

На дневниот ред на 94-та седница се следните точки:

1. Предлог – Одлука за донесување детален урбанистички план за локалитет Скопјанка УЕ А;

2. Предлог-Заклучок за усвојување квартален извештај за извршување на Буџетот на Општина Аеродром за четвртиот квартал од 2008 година;

3. Информација за отпочнување активности од страна на Секторот за комунални работи, урбанизам и заштита на животната средина;

4. Предлог - План на програми за развој на Општина Аеродром за периодот од 2009 до 2011 година;

5. Предлог - Програма Ф – Урбанистичко планирање и уредување на просторот;

6. Предлог - Програма Г – Локален економски развој;

7. Предлог - Програма Ј – Комунални дејности;

8. Предлог - Програма Р – Заштита на животна средина и природа.

9. Предлог - Буџет на Општина Аеродром за 2009 година;

10. Амандман на Предлог-Буџет на Општина Аеродром за 2009 година;

11. Предлог - Одлука за измена и дополнување на Одлуките за основање весник на Општина Аеродром;

12. Предлог – Одлука за доделување еднократна парична помош на семејствата на бранителите од подрачјето на Општина Аеродром;

13. Предлог - Одлука за формирање Комисија за утврдување пазарна вредност на градежно земјиште;

14. Предлог - Одлука за измена и дополнување на Одлуката за формирање локален комитет за изработка на Локален акционен план за животна средина – ЛЕАП за Општина Аеродром и на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за формирање локален комитет за изработка на Локален акционен план за животна средина – ЛЕАП за Општина;

15. Предлог-Заклучок за усвојување на полугодишен извештај за работа на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, за учебната 2008/09 година;

16. Предлог-Заклучок за усвојување на полугодишен извештај за работа на ОУ „Гоце Делчев“, за учебната 2008/09 година;

17. Предлог-Заклучок за усвојување на полугодишен извештај за работа на ОУ „Лазо Ангеловски“, за учебната 2008/09 година;

18. Предлог-Заклучок за усвојување на полугодишен извештај за работа на ОУ „Браќа Миладиновци“, за учебната 2008/09 година;

19. Предлог-Заклучок за усвојување на полугодишен извештај за работа на ОУ „Димитар Македонски“, за учебната 2008/09 година.

10.3.2009

Скопје


НА 16-ОТ „ИРЕНА КУП“ УЧЕСТВУВАА ОКОЛУ 150 КАРАТИСТКИ

Во саботата, на 7.3.2009 година, во преполната спортска сала под скопското кале се одржа 16-от „Ирена карате куп“, во организација на карате клубот „Аеродром“.

На годинешниот „Ирена куп“, кој се одржува секоја година на почетокот на март, учествуваа над 150 девојки од 20-тина карате клубови од Македонија.

Секоја каратистка што учествуваше на турнирот доби пригоден подарок, а најуспешните, се разбира, медал и диплома. Кога станува збор за медалите, поголемиот број од нив отидоа во рацете на прилепчанките, кои се покажаа како најподготвени.

Овој карате натпревар во чест на познатата балканска каратистка Ирена Дечева, која прерано го загуби животот во авионска несреќа, е уникатен по својата природа, бидејќи се организира во сите категории во кати исклучиво за жени. Генерален поддржувач на 16-от „Ирена куп“ беше Агенцијата за млади и спорт.

Инаку, екипа на карате клубот „Аеродром“ вчера учествуваше и на „Ипон купот“ во Лесковац, Србија, од каде се вратија со четири освоени бронзени медали, три во ката и една во борба.




9.3.2009

Скопје


ПОСТАВЕНА БЕТОНСКА ПОДЛОГА НА ПЕТНАЕСЕТ НОВИ ДЕТСКИ ИГРАЛИШТА

Општина Аеродром со зголемен интензитет ги извршува градежните активности за изградбата на нови детски игралишта во населбите Острово, Аеродром, Јане Сандански, Реонски центар „Аеродром“, Ново Лисиче, Лисиче и Долно Лисиче.

На петнаесет нови детски игралишта веќе е поставена бетонската подлога, така што наскоро ќе почне поставување на гумената подлога, како и на реквизитите.

Исто така, во моментов се поставува бетонска подлога уште на две детски игралишта во населбата Острово и 13-ти Ноември, а според планот на активности, останува да почне изградбата на уште едно детско игралиште.

Вкупниот број на новоизградени детски игралишта за изминатиот период изнесува 21, кои се наоѓаат на повеќе локации на територијата на Општина Аеродром, а истовремено се врши реконструкција и санација на постојните детски игралишта.

Новите детските игралишта ќе содржат модерни реквизити, како што се нишалки, вртелешки, лизгалки, клацкалки и слично.



6.3.2009

Скопје


НА УЛИЦАТА „ВЕНИЈАМИН МАЧУКОВСКИ“ СЕ ПРАВАТ ТРОТОАРИ И СЕ ПОСТАВУВААТ П-ОГРАДИ

На улицата „Венијамин Мачуковски“ во населбата Мичурин паралелно се изведуваат градежни работи за поставување бекатон плочки на тротоарите и за поставување заштитни П-огради.

Тротоарите на оваа сообраќајница долга 400 метри се изведуваат во боите на општината, односно во црвено-жолта боја.

Средствата за изградба на тротоарите и за поставување на П-оградите се издвоени од буџетот на Општина Аеродром.

Изведувачи на работите се фирмата „Ексико“, со која Општината има потпишано договор за изведба на тротоарите, а П-оградите ги поставува фирмата „Тетрагон“.


5.3.2009

Скопје


СЕ ГРАДИ ПЕШАЧКА ПАТЕКА СПРОТИ ТЦ „БИСЕР“

Општина Аеродром почна со изградба на најавената пешачка патека на локацијата спроти ТЦ „Бисер“ во населбата Јане Сандански каде што минатата година беа урнати скалите и платформата, односно каде што според Деталниот урбанистички план за овој локалитет, е планирана изградба на нов модерен трговски центар.

Сепак, додека се реализира изградбата на предвидениот објект, со цел дотогаш да не се дозволи граѓаните да поминуваат низ кал, Општината одлучи на оваа локација да изгради патека како времено решение, иако тоа не е нејзина обврска.

Општината ја донесе оваа одлука во интерес на граѓаните како резултат на следењето на состојбата на оваа јавна површина, на која секојдневно има голема фреквенција на луѓе.

Пешачката патека е долга 70, широка 1,2 метри и се изведува од бекатон плочки во боите на општината, односно во црвено – жолта боја. Патеката ќе се протега од објектот на Комерцијална банка, односно од зградата број 69 на булеварот „Јане Сандански“, до тротоарот на оваа сообраќајница.

Работите ги изведува фирмата ИГМ „Вратница“, а средствата за оваа пешачка патека се издвоени од буџетот на Општина Аеродром.


5.3.2009

Скопје


ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ МУ ПОМОГНЕ НА СЕМЕЈСТВОТО НАСТРАДАНО ВО ПОЖАР

По веста за големиот пожар во населбата Лисиче вчера попладне, на 3.3.2009 година, градоначалникот на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски, на чело на делегацијата од Општината го посети настраданото семејство.

По увидот на состојбата и разговорот со семејството, чиј дом изгоре до темел, градоначалникот Тодоровски покрај утешните зборови вети и дека максимално ќе се заложи да се помогне во рамки на можностите на Општината во санирање на штетите.

Станува збор за барака на улицата „Благоја Мучето“, во сопственост на браќата Раденко и Миќо Тодосиевиќ, кои се невработени и живеат од социјална помош.

Градоначалникот Тодоровски утрово формира стручна комисија за утврдување на штетата, која во текот на денов ќе изврши детален увид на состојбата. По процената на настанатата материјална штета и висината на помошта што Општина Аеродром може да ја одвои како еднократна помош за ова семејство, стручните служби ќе достават и предлог до Советот на Општина Аеродром за давање помош како вонредна точка на дневен ред на наредната седница. Освен тоа, се размислува и се бараат можности за евентуално вработување на барем еден од браќата.

Општина Аеродром наскоро ќе отвори и жиро-сметка, на која и граѓаните ќе можат да покажат хуманост и преку донација да му помогнат на настраданото семејство да го врати својот дом.


4.3.2009

Скопје


ОПШТИНА АЕРОДРОМ „ЈА ЗАСАДИ СВОЈАТА ИДНИНА“

По повод „Ден на дрвото“ претставници од проектот и дел од општинската администрација вчера, на 3.3.2009 година, во дворот на ОУ „Блаже Конески“, а подоцна и во дворот на градинката „Калинка“ симболично засадија по три брези.

Претходно градоначалникот на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски и претставници на иницијативниот одбор на проектот „Ден на дрвото“, во Општината одржаа работна средба на која беа презентирани конкретните чекори на проектот „Ден на дрвото“ што ќе се реализираат за време на акцијата.

„Искрено ја поддржувам оваа акција, како и идејата во еден ден да се анимираат повеќе од два милиони граѓани масовно да излезат и да насадат по едно дрво“, изјави на состанокот градоначалникот Тодоровски и додаде дека Општина Аеродром е единствената општина која досега има насадено неколку илјади дрвја и тоа, само за време на еко-акциите што ги спроведе изминатите години.

Претставниците од проектот „Ден на дрвото“ на состанокот меѓу другото, посочија дека една од причините за посетата на Општина Аеродром е да се согледаат и евентуалните недостатоци на овој проект за време на досега преземените акции минатата година, со цел тие да бидат надминати и при тоа, беше посочено дека локалната самоуправа, односно општините се главниот активен партнер без кои оваа акција не би можела успешно да се спроведе.

Инаку, на средбата активно учествуваше и позната спортистка Атина Бојаџи, младата поп ѕвезда Димитар Андоновски, како и претставници од пензионерскиот дом „Јане Сандански“.





4.3.2009

Скопје


СЕ ПОПЛОЧУВААТ ТРОТОАРИТЕ НА УЛИЦАТА „ВЕНИЈАМИН МАЧУКОВСКИ“

На улицата „Венијамин Мачуковски“ во населбата Мичурин во моментов се поставуваат бекатон плочки на тротоарите на оваа неодамна асфалтирана сообраќајница. Тротоарите на оваа улица долга 400 метри се изведуваат во боите на општината, односно во црвено-жолта боја.

Средствата за изградба на тротоарите се издвоени од буџетот на Општина Аеродром, а изведувач на работите е фирмата „Ексико“ со која општината има потпишано договор.


3.3.2009

Скопје


Во организација на Карате клубот „Аеродром”
ЖЕНСКИ КАРАТЕ ТУРНИР „ИРЕНА КУП”

В сабота, на 7.3.2009 година, во спортската сала „Кале” со почеток во 11:00 часот по 16-ти пат ќе се одржи женскиот карате турнир „Ирена куп”, во организација на Карате клубот „Аеродром”.

Право на учество на овој традиционален турнир имаат исклучиво женски каратистки во сите возрасни граници во поединечна и екипна конкуренција во кати и борба, а на натпреварот ќе бидат вклучени и повеќе карате судијки.

Турнирот се одржува секоја година на почетокот на март во чест на славната македонска каратистка и членка на клубот, Ирена Дечева.

Секоја учесничка ќе добие ужина и подарок, а најуспешните, се разбира, медал и диплома за освоено прво, второ и трето место.

Генерален поддржувач на овој карате куп е Агенцијата за млади и спорт. Каратистките ќе ги поздрави претседателот на Карате федерацијата на Македонија, Драган Стојановски, а купот официјално ќе го отвори директорот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, Драган Ѓурчевски.

3.3.2009

Скопје


П О К А Н А
ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ „ЈА ЗАСАДИ СВОЈАТА ИДНИНА“

Градоначалникот на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски денеска, на 3.3.2009 година (вторник), ќе одржи работна средба со претставници на иницијативниот одбор на проектот „Ден на дрвото“, на која ќе го презентираат проектот „Ден на дрвото“, односно ќе се конкретизираат плановите и активностите што ќе се реализираат за време на акцијата.

Состанокот ќе се одржи во просториите на Општина Аеродром со почеток во 13:00 часот, а подоцна, во 13:30 часот на состанокот ќе им се приклучат и директорите на основните училишта и на градинките на територијата на општината.

По завршување на состанокот, поточно во 14:00 часот во дворот на ОУ „Блаже Конески“, а подоцна и во дворот на градинката „Калинка“ симболично ќе се засадат по три брези.

На овој начин Општина Аеродром ќе ја даде својата поддршка на кампањата „Засади ја твојата иднина“.

Ги покануваме редакциите на печатените и на електронските медиуми да испратат екипа (новинар и снимател или фоторепортер) за да го проследи настанот.

3.3.2009

Скопје


ГЛАСАЊЕТО ЗА ДУП-ОТ „СКОПЈАНКА“ УЕ А ОДЛОЖЕНО ЗА ИДНАТА НЕДЕЛА

Поради непостоење услови за работа, 94-та седница на Советот на Општина Аеродром што требаше да се одржи денеска, 2.3.2009 година, беше прекината и презакажана за 11.3.2009 година.

Имено, причина за одложување на седницата беше големиот број присутни граѓани од населбата Острово, опфатена со ДУП-от за локалитетот „Скопјанка“ УЕ А, за кои немаше доволно просторни услови за одржување на седницата.

Поради реакциите на поединци, кои беа против донесување на овој ДУП, стручните служби на Општина Аеродром повторно, детално го презентираа планот и посочија дека се земени предвид сите забелешки и сугестии на граѓаните доставени за време на јавната расправа, а потенцираа и дека се запазени сите законски процедури за подготовка на овој ДУП.

Исто така, градоначалникот Кирил Тодоровски им потенцираше на граѓаните дека за ДУП-от „Скопјанка“ УЕ А се добиени сите согласности од надлежните институции.

„Овој ДУП, како и другите планови претставуваат идниот развој на Општина Аеродром. Тие предвидуваат изградба на студентски дом, нови образовни институции, хотели, трговски центри, аква-паркови и слично, со што ќе се отвори патот за влез на голем број странски и домашни инвестиции во општината. Во подготвувањето на сите ДУП-ови нема никакви пропусти и сите се усогласени со ГУП-от“, изјави пред граѓаните градоначалникот Тодоровски.

Општина Аеродром, како и поголем дел од граѓаните на Острово, очекува дека Предлог-Одлуката за донесување Детален урбанистички план за локалитетот „Скопјанка“ УЕ А на наредната седница, конечно ќе биде изгласана од страна на Советот, наспроти барањето на дел од членовите на Советот, кои побараа усвојувањето на овој ДУП да се остави на новиот состав на Советот на Општина Аеродром.

2.3.2009

Скопје


ЛИСТИТЕ СО КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК И ЗА СОВЕТНИЦИ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ ОБЈАВЕНИ НА ОПШТИНСКАТА ВЕБ СТРАНИЦА

Општина Аеродром ги известува граѓаните дека се истакнати листите со кандитати за градоначалник на Општина Аеродром и за членови на Советот на Општина Аеродром.

Листите може да се прочитаат на официјалната интернет страница на Општината www.aerodrom.gov.mk на менито „Избирачки одбори“, што се наоѓа на десната страна, односно на линкот http://www.aerodrom.gov.mk/R13-Odbori.aspx.

2.3.2009

Скопје


Известување од ОИК „Аеродром“

ИЗБИРАЧКИТЕ МЕСТА 2725 И 2726 СЕ ПРЕФРЛААТ ВО ОУ „ДИ МИТАР МАКЕДОНСКИ“

Општина Аеродром деновиве доби известување од претседателката на Општинската изборна комисија „Аеродром“, Марија Костовска, дека избирачките места 2725 и 2726 на денот на изборите ќе се префрлат во објектот на ОУ „Димитар Македонски“.

Станува збор за избирачките места што се наоѓаат во објектот на месната заедница „Лисиче“ и во салата за извидници, така што жителите што се наоѓаат на избирачките списоци за овие избирачки места, своето граѓанско право за гласање можат да го остварат во посоченото училиште.



2.3.2009

Скопје


ПО ЕДНА МАРТИНКА ЗА СЕКОЕ НОВОРОДЕНЧЕ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Општина Аеродром деновиве им подели по една мартинка на новороденчињата родени на нејзина територија во 2008 година и почетокот на 2009 година, со цел да ја врати старословенската традиција на празнување на празникот Баба Марта.

По една мартинка добија 639 новороденчиња родени во 2008 година и триесетина бебиња родени во 2009 година, поточно оние новороденчиња чии родители имаат доставено барање за решение за еднократна парична помош најдоцна до февруари 2009 година.

Инаку, мартинката претставува засукан бел и црвен конец, најчесто волнен. Боите имаат строго определена симболика. Преку црвената, бојата на крвта, се симболизира животот, а преку белата, како боја на чистота, се посакува среќа.

Заедно со мартинките, се подели и флаер во кој на денешните млади генерации им се објаснува обичајот на дарување мартинки за празникот Баба Марта, кој се празнува на 1-ви март секоја година.

Целта на Општината е преку овој чин да им се доближи празникот на младите кој нивните родители некогаш го негувале.

Во флаерот се посочува дека мартинките се носат од 1-ви март, сè до појавата на првото расцветано дрво или првата птица преселница.

Акцијата е позитивно прифатена од страна на родителите на новороденчињата од кои помал број се присетија на времето кога се празнувал празникот Баба Марта, а дел пак, немаа слушнато за ваквата старословенска традиција.




27.2.2009

Скопје


ПРОМЕНА НА ЛИСТИТЕ СО ИЗБИРАЧКИ ОДБОРИ

Општина Аеродром ги известува граѓаните дека неодамна истакнатите листи со избирачки одбори на територијата на Општина Аеродром за претстојните локални избори, имаат измени.

Листата со измени на избирачките одбори може да се прочита на официјалната интернет страница на Општината www.aerodrom.gov.mk на менито „Избирачки одбори, што се наоѓа на десната страна, односно на линкот http://aerodrom.gov.mk/R13-Odbori.aspx.

Како што сме известени од Општинската изборна комисија за Аеродром, промените на избирачките одбори не се конечни. Сите натамошни промени на избирачките одбори ќе бидат објавувани на интернет страницата на Општина Аеродром.

27.22009

Скопје


ДУП-ОТ „СКОПЈАНКА“ УЕ А В ПОНЕДЕЛНИК ПОВТОРНО ПРЕД ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

На 2.3.2009 година (понеделник), со почеток во 12:00 часот во просториите на Општина Аеродром ќе се одржи 94-та седница на Советот на Општина Аеродром.

На дневниот ред, меѓу другото, е деталниот урбанистички план кој неколку седници по ред не се гласа од страна на дел од советниците. Станува збор, за предлог – одлуката за донесување ДУП за локалитетот „Скопјанка“ УЕ А, со кој ќе се отвори патот за влез на голем број странски и домашни инвестиции во општината, а на жителите на овој локалитет ќе им се овозможи да почнат со надградби на зградите, замена на старите дотраени инсталации и на азбестниот покрив на едната од зградите, како и да се инсталираат лифтови.

На дневниот ред на 94-та седница се следните точки:

  1. Предлог – Одлука за донесување на детален урбанистички план за локалитет Скопјанка УЕ А;
  2. Предлог-Заклучок за усвојување на квартален извештај за извршување на Буџетот на Општина Аеродром за четвртиот квартал од 2008 година;
  3. Информација за отпочнување активности од страна на Секторот за комунални работи, урбанизам и заштита на животната средина;
  1. Предлог - План на програми за развој на Општина Аеродром за периодот од 2009 до 2011 година;
  2. Предлог - Програма Ф – Урбанистичко планирање и уредување на просторот;
  3. Предлог - Програма Г – Локален економски развој;
  4. Предлог - Програма Ј – Комунални дејности;
  5. Предлог - Програма Р – Заштита на животна средина и природа.
  6. Предлог - Буџет на Општина Аеродром за 2009 година;
  7. Амандман на Предлог-Буџет на Општина Аеродром за 2009 година;
  8. Предлог - Одлука за измена и дополнување на Одлуките за основање весник на Општина Аеродром;
  9. Предлог – Одлука за доделување еднократна парична помош на семејствата на бранителите од подрачјето на Општина Аеродром;
  10. Предлог - Одлука за формирање Комисија за утврдување пазарна вредност на градежно земјиште;
  1. Предлог - Одлука за измена и дополнување на Одлуката за формирање локален комитет за изработка на Локален акционен план за животна средина – ЛЕАП за Општина Аеродром и на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за формирање локален комитет за изработка на Локален акционен план за животна средина – ЛЕАП за Општина;
  2. Предлог-Заклучок за усвојување на полугодишен извештај за работа на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, за учебната 2008/09 година;
  3. Предлог-Заклучок за усвојување на полугодишен извештај за работа на ОУ „Гоце Делчев“, за учебната 2008/09 година;
  4. Предлог-Заклучок за усвојување на полугодишен извештај за работа на ОУ „Лазо Ангеловски“, за учебната 2008/09 година;
  5. Предлог-Заклучок за усвојување на полугодишен извештај за работа на ОУ „Браќа Миладиновци“, за учебната 2008/09 година;
  6. Предлог-Заклучок за усвојување на полугодишен извештај за работа на ОУ „Димитар Македонски“, за учебната 2008/09 година.

27.2.2009

Скопје


НАБЉУДУВАЧИТЕ НА ОДИХР ЈА ПОСЕТИЈА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Вчера, на 25.2.2009 година, делегација на Набљудувачката мисија за изборите во Република Македонија на ОДИХР ја посети Општина Аеродром.

На разговорите со градоначалникот на Општината, Кирил Тодоровски, стана збор за тоа во какви услови во општината ќе се одвиваат претстојните претседателски и локални избори.

Градоначалникот Тодоровски на набљудувачите со долгорочен мандат накратко им ја претстави општината како нова единица на локалната самоуправа, посочувајќи дека во однос на насилствата што се случуваат во другите општини Аеродром е многу помирна и побезбедна средина.

Досега на ниту едни избори во Општината не биле забележани никакви инциденти, ниту значителни неправилности во изборните процеси, рече градоначалникот Тодоровски, изразувајќи надеж дека жителите на Општина Аеродром и за овие избори ќе покажат иста таква висока гласачка свест.

Демократскиот дух и манири на жителите на Општина Аеродром се должи на фактот што станува збор за урбана средина, со висок степен на образованост на населението и со еднообразност на неговиот етнички состав.

Во таа насока набљудувачите се интересираа за националниот состав на населението, колку гласачи има во општината и кои се локациите во општината на кои ќе се движат за време на изборите.

Инаку, оваа посета на претставници на ОДИХР беше најавена на средбата меѓу претставници на ОБСЕ и на политичките партии во Општина Аеродром на тема „Предизборната кампања и изборите“, на која присуствуваа и претставници на невладини организации и на општинската администрација, што се одржа на 2.2.2009 година.

26.2.2009

Скопје


ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЌЕ ЈА ТАМПОНИРА УЛИЦА „1“ ВО НАСЕЛБАТА „ТАБАК СИТИ“

По барање на граѓаните од населбата позната како „Табак Сити“, којашто се протега по должината на булеварот „Трета македонска бригада“ во близина на железничката пруга и ги разграничува општините Аеродром и Кисела Вода, деновиве Општина Аеродром ќе го тампонира кракот 1 на улицата „1“ од булеварот „Трета македонска бригада“.

Кракот 1 на оваа улица ќе се тампонира во должина од 80 метри, а градежните работи ќе ги извршува фирмата „Баџак инженеринг“.

Исто така, во овој дел на општината ќе се асфалтира и улицата „3“ во должина од 400 метри, а градежните активности ќе ги изведува фирмата „Гранит“.

Со тампонирањето и асфалтирањето на овие улици на граѓаните ќе им се подобрат условите за живот.


26.2.2009

Скопје


ОПШТИНА АЕРОДРОМ НАСКОРО ЌЕ ЈА ПОЧНЕ ИЗГРАДБАТА НА ПРЕПУМПНАТА СТАНИЦА ВО „ГОРНО ЛИСИЧЕ“

Во населбата Горно Лисиче наскоро ќе почне изградба на препумпна станица за прифаќање на отпадните фекални води од целата територија на Општина Аеродром, како и дел од општините Центар и Кисела Вода.

Основниот проект за изградба на препумпната станица е веќе изготвен, а во тек е постапката за избор на фирма изведувач на градежните работи. Веднаш по изборот на изведувачот ќе почнат и градежните работи.

Инаку, за оваа намена Општина Аеродром доби 18.000.000 денари, средства кои се утврдени во Буџетот на Република Македонија за 2009 година, а се предвидени со Програмата за распределба и користење на средствата за капитални инвестиции во комуналната инфраструктура во 2009 година донесена од страна на министерот за транспорт и врски на Република Македонија.

Доделените пари претставуваат само еден дел од потребните средства за целосна изградба на препумпната станица во Горно Лисиче.

25.2.2009

Скопје


УЧИЛИШТАТА И ГРАДИНКИТЕ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ ДО КРАЈОТ НА НЕДЕЛАВА ЌЕ ЈА ЗЕМАТ ЈАНУАРСКАТА ПЛАТА

Вработените во воспитно-образовните институции во Општина Аеродром до крајот на неделава ќе ја земат јануарската плата.

Имено, стручните служби на Општина Аеродром уште на 20.2.2009 година, ја доставија пресметката на јануарската бруто плата за вработените во основните училишта и градинки на територијата на општината до Министерството за образование и наука.

За разлика од некои општини, службите на Општина Аеродром веднаш по доставувањето на податоците од страна на училиштата, извршија пресметка на платите, согласно новиот начин на пресметка на бруто плата и таа е веќе доставена до Министерството за образование. Оттаму посочуваат дека доколку општините не ги достават навреме пресметките за плати на вработените во градинките и училиштата, ќе им биде пресметана дневна камата за неисплатени придонеси.

25.2.2009

Скопје


НАСКОРО ЖАРДИНИЕРИ НА БУЛЕВАРИТЕ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Изградбата на жардиниерата во средишниот дел на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ е при крај и тоа на страната на Општина Центар до Железничката станица, а наскоро ќе продолжи и во делот од истиот булевар што се протега во Општина Аеродром.

Во следната фаза ќе биде опфатен и булеварот „Јане Сандански“, чии жардиниери, како што најавија од Град Скопје, ќе бидат наполнети со земја.

Пред уредувањето на средишните жардиниери на булеварот од страна на екипите на „Паркови и зеленило“, ќе биде поставен систем за полевање „капка по капка“, по што ќе бидат насадени со разновидни садници. При тоа, постојните дрвја и рози ќе бидат задржани, а покрај булеварите Општина Аеродром ќе постави заштитни огради на места каде што недостасуваат.

Во последната фаза од проектот за изградба на булеварски жардиниери ќе бидат опфатени и булеварите „Видое Смилевски-Бато“ и „Србија“.

Одржувањето и уредувањето на средишните жардиниери е значајно не само како декоративен елемент на булеварите, туку и како зелен појас и пречистувач на воздухот кој има висок степен на аерозагаденост.







24.2.2009

Скопје


СЕ ИНТЕНЗИВИРААТ ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ НА УЛИЦАТА „ПЕТАР АЦЕВ“ ВО НАСЕЛБАТА МИЧУРИН

На улицата „Петар Ацев“ во населбата Мичурин се интензивираа градежните работи за подготовка на оваа сообраќајница за асфалтирање.

Во моментов, екипи на ГП „Гранит“ работат на поставување тампон слој на коловозот. На оваа улица се отстранети оштетувањата на подземната инфраструктура што настанаа при изведба на градежните работи за подготовка на оваа сообраќајница за асфалтирање. Исто така, екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ ги сечат дрвјата кои пречат целосно да се изведе трасата на оваа улица.

Претходно, на оваа улица, долга 430 метри и со ширина на коловозот 6 метри, беше поставена фекална и атмосферска канализација.

Откако ќе се асфалтира коловозот на оваа улица, од двете нејзини страни ќе се постават тротоари од павер елементи со широчина од 1,5 метри.

Средствата за нејзина комплетна реконструкција се издвоени од Буџетот на Општина Аеродром.


24.2.2009

Скопје


СОВЕТОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ КОНЕЧНО ГО СТАВИ НА ДНЕВЕН РЕД ПРАШАЊЕТО ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПАТОТ ГОРНО – ДОЛНО ЛИСИЧЕ

По бројните обраќања на градоначалникот и стручните служби на Општина Аеродром, конечно Советот на Општината го стави како точка на дневен ред прашањето што се однесува на експропријација и реконструкција на земјиштето за патот Горно – Долно Лисиче.

Општина Аеродром очекува дека членовите на Советот ќе имаат доблест да ја изгласаат Предлог-Одлуката за формирање Комисија за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот, односно градежно неизградено земјиште (аграрно или земјоделско земјиште).

Усвојувањето на оваа Одлука ќе претставува основ за отпочнување на целокупната постапка за експропријација на земјиштето, со што ќе може да се преземат активности за проширување на локалниот патен правец што ги поврзува Горно и Долно Лисиче.

Инаку, Општина Аеродром веќе има обезбедено средства од меѓународни финансиски институции, кои се спроведени и администрирани од страна на Фондот за магистрални и регионални патишта, во рамки на проектот на Владата на Република Македонија за реализација на Програмата за рехабилитација и реконструкција на регионалната и локалната патна мрежа.

Останува Советот на Општина Аеродром на наредната седница закажана за 2.3.2009 година, да ја донесе Одлуката за формирање Комисија за утврдување пазарна вредност на недвижен имот, односно градежно неизградено земјиште (аграрно или земјоделско земјиште).

Во спротивно, доколку оваа точка на дневен ред повторно се одложи, или не се донесе, Општина Аеродром ќе биде доведена во состојба да ги изгуби определените финансиски средства со што ќе се нанесе директна штета на граѓаните од населените места Горно и Долно Лисиче, како и застој на развојот на Општината, а одговорноста за тоа ќе ја понесе Советот на Општината.

24.2.2009

Скопје


За изградба на препумпна станица во „Горно Лисиче“
ОПШТИНА АЕРОДРОМ ДОБИ 18 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

Општина Аеродром доби 18.000.000 денари за реализација на проектот „Изградба на канализација со препумпна станица за Горно Лисиче“.

Средствата за оваа намена се утврдени во Буџетот на Република Македонија за 2009 година, а се предвидени со Програмата за распределба и користење на средствата за капитални инвестиции во комуналната инфраструктура во 2009 година донесена од страна на министерот за транспорт и врски на Република Македонија.

23.2.2009

Скопје


ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРААТ ДЕТСКИТЕ ИГРАЛИШТА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Екипа составена од претставници на стручните служби на Општина Аеродром заедно со фирмите изведувачи, деновиве вршат снимање на состојбите на теренот околу постојните детски игралишта и поставената урбана опрема.

Во моментов се снима секое детско игралиште со цел да се утврди што недостасува, а се скенираат и клупите, кошниците за отпадоци и П-препреките.

Откако ќе се сними комплетната ситуација на теренот ќе почне реконструкција и поправка на педесетина постојни детски игралишта, а ќе се санираат и околу петстотини клупи и стотина кошници за отпадоци, доколку за тоа има потеба.

Паралелно со реконструкцијата на постојните детски игралишта ќе продолжи изградбата на 21 модерно детско игралиште, на кои наместо песок ќе имаат гумена подлога и нови помодерни реквизити.

Исто така, Општина Аеродром планира да ги огради постојните и новите детски игралишта и да ангажира лица што би ги обезбедувале детските игралишта, односно наутро да ги отклучуваат, а навечер да ги заклучуваат, бидејќи дел од нив се оштетуваат од страна на несовесни граѓани.

На ваков начин, Општина Аеродром не само што ќе инвестира во изградбата на детските игралишта, туку ќе придонесе за одржување на истите.







23.2.2009

Скопје


ЖИТЕЛИ ОД УЛИЦАТА „ВЛАДИМИР КОМАРОВ“ БАРААТ СОВЕТОТ ДА ГО ДОНЕСЕ ДУП-ОТ ЗА ЛОКАЛИТЕТОТ „СКОПЈАНКА“ УЕ А

Станарите на зградите со број 6, 8, 12, 14 и 16 на улицата „Владимир Комаров“ во населбата Острово испратија допис до Општина Аеродром, со кој бараат во најкус можен рок Советот на Општина Аеродром да свика седница на која како точка на дневен ред ќе биде ставен и Предлогот за донесување на Деталниот урбанистички план за локалитетот „Скопјанка УЕ А“.

Во дописот на овие жители стои дека повлекувањето на Предлогот за донесување на Деталниот урбанистички план за локалитетот „Скопјанка“ УЕ А од дневниот ред на минатата седница на Советот одржана на 2.2.2009 година, направено под притисок на одредена група граѓани, не е прифатливо.

Имено, тие од надлежните служби од Министерството за транспорт и врски, Град Скопје и Општина Аеродром добиле известување дека сè е во ред со Деталниот урбанистички план за локалитетот „Скопјанка“ УЕ А и дека забелешките што ги дале граѓаните на минатата седница на Советот биле неосновани.

Како што стои во барањето на станарите на зградите со број 6, 8, 12, 14 и 16 од улицата „Владимир Комаров“, донесувањето на ДУП-от за локалитетот „Скопјанка“ УЕ А е од особено значење за нив, бидејќи ќе им овозможи да извршат надградби и доградби на зградите изградени уште пред земјотресот (во 1962 година), на кои од тогаш немало направено никакви сериозни интервенции.

Покрај тоа, нагласуваат овие станари, со надградбите на зградите ќе се овозможи да се заменат и старите дотраени инсталации, да се замени азбестниот покрив на едната од зградите, како и да се инсталираат лифтови.

Во барањето за свикување седница на Советот, се вели дека одложувањето на овие работи оди само на штета на граѓаните, но и на штета на членовите на Советот кои, според наводите во дописот, се должни да си ги извршуваат законските обврски до крајот на мандатот, за кој се избрани токму од граѓаните.









20.2.2009

Скопје


Името е добиено по воениот аеродром (кој се наоѓал кај поликлиниката „Јане Сандански” и касарната „Гоце Делчев”) кој бил бомбардиран од нацистичка Германија во април 1941г.

Дали се согласувате со иницијативата на Општина Аеродром булеварот „АВНОЈ“ да се преименува во „АСНОМ“, а булеварите „Кузман Јосифовски-Питу“, „Јане Сандански“ и „Видое Смилевски-Бато“ да го добијат заедничкото име – „Јане Сандански“?

  • Да
  • Не
  • Немам одговор
Rezultati

Градски линии

Buss
 
© Општина Аеродром, 2006