Вредности

ГИ НЕГУВАМЕ ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ

 

Аеродром вложува напори и се труди да го оправда мислењето дека е една од најмодерните општини во градот. Ние сме горди на овој епитет, бидејќи ги содржи европските вредности, кои сакаме да ги доближиме до нашите граѓани.

Од друга страна, иако важиме за една од најурбаните општини во Република Македонија, што по „правило“ асоцира на многу бетон, Аеродром стана најзелена општина со огромните зелени површини и со новите модерни паркови што ги изградивме за луѓето да можат да се рекреираат во близина на своите домови. Помладите да спортуваат, а повозрасните да уживаат во убавините што ги нудат овие паркови.

Што се однесува до младите, кои ја прават Аеродром најмлада општина во буквална смисла на зборот, тие се наша инспирација и императив да се грижиме да добијат достојни услови за безгрижно детство, но и квалитетно образование и воспитание, преку изградбата на детски игралишта и реконструкција и изградба на нови училишта и детски градинки.

Но, воопшто не ги запоставуваме ниту руралните делови во општината, каде што вложуваме огромни напори и големи финансиски средства за тие да се урбанизираат. За разлика од изминатите триесет-четириесет години, кога никој не вложуваше во овие населби, ние се зафативме со голем број капитални проекти.

Горно и Долно Лисиче ги поврзавме со реконструиран и проширен регионален пат, кој има исклучително значење за жителите на овие две соседни населени места, бидејќи им овозможи побрза сообраќајна комуникација со другите делови од општината и центарот на градот. Тие добија и тротоари и јавно осветлување на поголемиот дел од патната инфраструктура, така што уште повеќе им се подобрија условите за живеење.

Со амбициите нема да запреме, а ќе се заложиме ниту развојот на општината да не запре, така што Аеродром да остане гордост на Скопје и на Северна Македонија.