„Прв центар", скверот зад ТЦ „Капитол мол“ во Општина Аеродром добива сосема нов и урбан лик
Деновиве отпочнаа градежните активности за реконструкција и санација на скверот што се наоѓа меѓу зградите зад „ТЦ Капитол мол“ во срцето на Општина Аеродром, , меѓу аеродромци популарен како Прв центар.
Ова е еден од проектите финансиран од централната власт во висина од 45 милиони денари, при што денеска в. д градоначалникот на Општина Аеродром изврши заеднички увид во градежните работи заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и министерот за транспорт, Александар Николоски.
Работата на терен се одвива според предвидената динамика, а овој сквер од околу 4500 м² што претставува фреквентна локација, конечно, по неколку децении, ќе добие современ лик и ќе прерасне во ново, урбано уредено место прилагодено за сите генерации.
Скверот ќе биде поплочен со нови плочки за безбедно движење во сите временски услови, а ќе бидат поставени и модерно дизајнирани клупи, жардиниери со хортикултурно уредување, канделабри, нова урбана опрема и комплетна хидроизолација, со што аеродромци ќе добијат уште една локација на која ќе можат да се дружат, а дечињата безгрижно да играат.
Исто така, ќе бидат реконструирани и неколкуте скалила кои водат до мезанинот над овој сквер, кои оставени на забот на времето, досега претставуваа опасност при движењето на жителите.
Општина Аеродром продолжува посветено да работи на создавање уште подобри услови. Интензивно се работи на нови капитални проекти со што општината ќе добива нов сјај, а аеродромци убаво уредена општина што ќе ги задоволува сите нивни потреби за квалитетен живот, работа и што е најважно, за правилен раст и развој на младите генерации.
9.2.2025 година
Општина Аеродром