Започнуваме револуција во градската мобилност
Општина Аеродром е дел од новиот проект за Car Sharing, реализиран како партнерство на Владата и компанијата Авант Кар Македонија, со седиште во Словенија. Овој иновативен пилот-проект е дизајниран да го направи патувањето низ градот поекономично, поефикасно и поеколошко.
Денеска во Владата, в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, присуствуваше на потпишувањето на меморандумот за почеток на овој пилот-проект од страна на министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и високи претставници на Авант Кар Македонија.
Проектот стартува во Аеродром, Гази Баба и Чаир, со 100 современи електрични возила и бројни локации за паркирање достапни низ општините.
Car Sharing е решение за намалување на сообраќајниот метеж и загадувањето. Со помал број автомобили на улиците, нашата цел е да придонесеме за намалување на нивото на штетни емисии и почист воздух. Дополнително, оваа услуга е практична, штеди време и средства, а ги мотивира граѓаните да размислуваат поодговорно за користењето на автомобилите.
Преку едноставна и достапна апликација граѓаните ќе имаат можност да резервираат возило за секојдневните потреби со неколку дигитилни начини за наплата на услугата, без да имаат дополнителни обврски за одржување на автомобилот или да бараат паркинг место.
Како што најавуваат од компанијата Авант Кар, ова е само почеток на поголема приказна! Целта е да се прошири мрежата, со што Скопје ќе прерасне во позелено, почисто и попријатно место за живеење.
Претставниците на Авант Кар ги презентираа досегашните искуства на овој проект во Словенија, Хрватска и Австрија, каде што граѓаните покажале голем интерес и од 2016 година до сега во овие држави е намалено користењето на индивидуалните возила, а од година во година интересот се зголемува.
Проектот стартува наскоро. Придружете ни се во создавањето на новата реалност и одржливата урбана мобилност.
23.12.2024
Општина Аеродром