Се зајакнуваат инспекциските контроли во Општина Аеродром, Митески најави казни за несовесните граѓани

 

Инспекциската служба на Општина Аеродром го интензивира своето присуство на терен, а најавени се и почести казни за несовесните граѓани и правни субјекти што ја нарушуваат хигиената на јавните  површини, се паркираат на плочници и тревници и фрлаат отпад на места што не се предвидени за таа наменa.

 

Ова беше потенцирано за време на обиколката што утрово ја спроведе заменик-градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески на неколку критични локации заедно со инспекторите, при што на самото место беа затекнати несовесно паркирани возила, чии сопственици ќе добијат соодветни казни.

 

Митески беше информиран за реонската распореденост на инспекторите и редарите, како и за нивните дежурства за време на викендите. Тој најави зајакнување на соработката со полицијата, особено во делот на добивање информации за лицата што вршат прекршоци, а со цел навремена реакција на терен.

 

Исто така, активно се работи на пуштање во функција на општинско товарно возило што ќе се вклучи во собирање и транспорт на кабастиот отпад од одредени локации. За сето ова, граѓаните ќе бидат навремено известени, по што ќе можат за симболична сума да ја добиваат и оваа услуга.

 

Митески најави и изнаоѓање начин за справување со запуштените приватни имоти кои со години не се одржувани од сопствениците, со што би се ставил ред на голем број локации што сега се обраснати со висока трева или претставуваат мини депонии.

 

Општината и натаму останува во служба на граѓаните, затоа што само на тој начин можеме да имаме здрава и чиста животна средина.

 

4.7.2024 година

Општина Аеродром

Актуелно

img
img img

Видео