Општина Аеродром се грижи за безбедноста на учениците

 

Во рамките на проектот „Како до безбедни училишта“ денеска во ООУ „Лазо Ангеловски“ се одржа обука на наставниците и стручните соработници од осумте основни училишта во Општина Аеродром.

„Општина Аеродром се грижи за беспрекорно одвивање на воспитно-образовниот процес, а особено за безбедноста на учениците. Оваа обука на наставниците е токму во таа насока – наставниците да разменат искуства и да се стекнат со ефикасни и применливи стратегии за препознавање и интервенција во насилни ситуации, кои потенцијално би можеле да се јават во училиштата“, изјави на отворањето на обуката Велимир Делетиќ, помошник-раководител на Секторот за образование, спорт, култура и заштита.

Обуката на наставниците ги опфаќа правните аспекти на насилството во училиштата, педагошките, психолошките аспекти на малтретирањето во училиштен контекст, формите на манифестирање и превенирање на сајбер-насилството, како и последиците од изложеноста на малтретирање и насилство во секој општествен контекст и средина и можности за нивно рано препознавање и превенција, позитивни европски практики за намалување на насилното однесување, форми на манифестирање и превенирање на насилството.

Свој придонес во обуката дадоа реномираните универзитетски професори Елизабета Томевска-Илиевска (доктор по педагошки науки), Дејан Мицковиќ (доктор по правни науки), Ана Фрицханд (доктор по психолошки науки), Тања Милошевска (доктор од областа на безбедноста) и Анета Баракоска (доктор по педагошки науки).

 

9.9.2021

Општина Аеродром