ЈАВЕН ПОВИК ЗА НОВИНАРСКИ НАТПРЕВАР

 

Врз основа на Одлуката на Советот на Општина Аеродром број 09-314/8 од 29.10.2020 година за усвојување иницијатива за изготвување стратегиска програма (Платформа за ЛЕР – Локален економски развој) на Општина Аеродром за период 2021 - 2025 и Одлуката на Советот на Општина Аеродром број 09-18/24 од 1.2.2021 година за формирање на јавното претпријатие, Општина Аеродром објавува:

 

ЈАВЕН ПОВИК ЗА НОВИНАРСКИ НАТПРЕВАР

 

Општина Аеродром ги повикува активните новинари и медиумски куќи да учествуваат на новинарски натпревар со професионално изработени продукти посветени на нашата европска определба во рамките на Стратегиската платформа за локален економски развој 2021-2025. Оваа платформа, „Аеродром прва општина со европско знаменце“, се заснова врз европските стандарди и вредности: заштита на животната средина, модернизација на урбаното живеење, подобрување на квалитетот на живот во општината и рурален развој, области на кои треба да се фокусира новинарскиот продукт. Темите што ќе се обработуваат со новинарските стории треба да се однесуваат на европските вредности и нивна промоција на локално ниво преку новинарски истражувачки текстови.

Повикот ги мотивира новинарите и/или медиумите да конкурираат со досега необјавени истражувачки стории од разни аспекти на живеењето во Општина Аеродром поврзани со Стратегиската платформа. За оваа цел, Општината ќе додели три парични награди во износ од 90.000, 60.000 и 30.000 денари. Наградените новинари/медиуми се обврзуваат новинарскиот производ, пред да конкурираат, да го објават или емитуваат на одреден медиум и да дозволат дополнителна објава во други медиуми.

Натпреварот почнува на 4.2.2021 година (четврток) и професионалните производи треба да се достават најдоцна до 30.4.2021 година (петок) до 15 часот. Објавувањето на победниците ќе се одржи на 9.5.2021 година – Денот на Европа.

По доставување на новинарските производи, тричлена комисија составена од двајца новинари и претставник на Општина Аеродром, ќе ги оценуваат пристигнатите текстови и ќе ги изберат најдобрите три новинарски стории.

Од технички аспект, авторот на новинарскиот продукт треба да внимава на следниве елементи:

- големина на букви: 12

- фонт: Arial / македонска поддршка

- проред: 1,5

- должина на текст: до 120 компјутерски реда

Комисијата ќе ги оценува пристигнатите стории според веќе дефинирани критериуми:

- Методологија на истражување

- Стил на новинарско пишување

- Релевантност на темата

- Придржување до новинарските и етичките стандарди

Новинарската истражувачка сторија, во електронска форма и со оригинални фотографии треба да биде проследена до Општина Аеродром на следнава адреса: odnosi.so.javnost@aerodrom.gov.mk

Сите продукти кои ќе пристигнат по наведените термини за достава, нема да бидат предмет на оценување и ќе бидат дисквалификувани.

 

За платформата „Аеродром прва општина со европско знаменце“

 

Општина Аеродром креира долгорочна стратегиска платформа за локален економски развој на општината, која опфаќа четири програмски активности од сите сфери на општественото живеење засновани врз европски стандарди и вредности: заштита на животната средина, модернизација на урбаното живеење, поквалитетен начин на живот и рурален развој. Со оваа платформа, насочена кон тоа Аеродром да биде европска општина на задоволни граѓани, која секогаш го надградува својот изглед и урбан дух, се надоврзуваме на стратегиската рамка на Владата „Акција 21 – за европски стандарди дома“ и на сите регионални движења во рамките на Европската Унија.

Во рамките на платформата, во наредниот период ќе почнат со реализација дваесетина проекти од интерес на граѓаните, меѓу кои ќе бидат и изработка на семејна апликативна картичка што ќе обезбедува низа поволности, можности и вклучување на жителите во општински проекти, нова европска методологија за одржување хигиена, управување и селекција на отпад со непосредна и интерактивна соработка со жителите на општината, субвенционирање на енергетско ефикасни фасади, обнова на елеватори, ефикасна потрошувачка на електрична енергија или ефикасна зграда, изградбата на првиот национален голф-терен во земјава, рурален развој на неразвиените подрачја и многу други проекти.

Повеќе информации за платформата „Аеродром прва општина со европско знаменце“ и за проектите може се најдат на општинската интернет-страница www.aerodrom.gov.mk и на општинската страница на Фејсбук facebook.com/OpstinaAerodrom

Општина Аеродром