ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦАТА „РУДИ ЧАЈАВЕЦ“
Денеска, 11.9.2015 година, почна реконструкција на улицата „Руди Чајавец“ и нејзините пристапни улици меѓу новите згради во населбата Стар Аеродром во присуство на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, како и неколкумина пратеници, министри и голем број граѓани.
Станува збор за обемен проект што опфаќа изградба на нова фекална канализација во должина од околу 400 метри и нова атмосферска канализација во должина од околу 300 метри, потоа изградба на нова водоводна мрежа, како и целосно ново асфалтирање во должина од 700 метри. Новата улица ќе добие и целосна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација. Освен улицата, предвидена е и изградба на тротоари во должина од околу 1.300 метри.
Исто така, на оваа локација ќе се изградат и нови линии за јавно осветлување во должина од околу 600 метри со 30 сијалични места. Сите овие градежрни зафати се неопходни за жителите на Стар Аеродром да добијат подобри услови за живеење, олеснет проток на сообраќајот и поголема безбедност. Со реализацијата на овој проект се очекува овој дел од населбата да добие целосно нов и поурбан лик.
За овој проект, како што рече градоначалникот Коневски, Општина Аеродром издвои над 20 милиони денари од својот Буџет, а ќе бидат вложени и дополнителни 6 милиони денари за изградба на водоводната мрежа.
Претходно, Град Скопје официјално ја почна втората фаза од реконструкцијата на булеварот „Трета македонска бригада“ во должина од 1.400 метри и тоа на потегот од улицата „Васко Карангелески“ до улицата „Никола Карев“.
Инаку, освен Стар Аеродром, премиерот Груевски посети уште неколку други населби во Општина Аеродром, како Лисиче, Горно и Долно Лисиче, при што се сретна со жителите на овие места и разговараше за нивните локални проблеми, ветувајќи решенија за повеќето од нив што се однесуваат на подобрување на патната, фекалната, атмосферската и водоводната инфраструктура, како и други нерешени прашања во врска со урбаното живеење како што се проблеми со Катастарот, зеленилото, јавниот превоз итн.
11.9.2015
Општина Аеродром
.JPG)
.JPG)