Отворена првата канцеларија за услуги во ТЦ „Бисер“ во Аеродром

 

 

Уверение за државјанство, уверение за податоци за стажот на осигурување, образец М1 или М2 од пријава или одјава во задолжително социјално осигурување, историјат на работни односи, потврда дека не е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност, податоци на физички лица од кредитниот регистар...

Ова се само дел од стотината документи што граѓаните ќе можат да ги извадат во првата канцеларија за услуги што денеска в. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ја отворија во ТЦ „Бисер“ во Аеродром.

Митески изрази задоволство од реализацијата на овој проект, бидејќи со работата на канцеларијата ќе им се олесни секојдневното функционирање на граѓаните, кои во непосредна близина на нивните домови ќе можат да ги вадат потребните документи што вообичаено се вадат во Фондот за здравство, Централниот регистар, Катастарот, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување и многу други институции.

Првиот граѓанин на кој му беше издаден еден од овие документи беше премиерот Мицкоски, кој рече дека отворањето на ваква канцеларија со транспарентни услуги ја намалува можноста за корупција.

Министерот Андоновски ја истакна важност на канцеларијата поради фактот што нема нови вработувања, ниту нов ангажман на администрацијата, туку услугите ќе ги даваат лица што веќе се вработени во Министерството и најави дека во наредната фаза ќе се дигитализираат и општинските услуги, кои исто така ќе бидат достапни на порталот.

Канцеларијата за услуги ќе биде отворена секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот, каде вработените лица ќе им помагаат на граѓаните да ги добијат своите услуги, но и ако сакаат да научат како се користи порталот и како се аплицира за услуга од дома.

Општина Аеродром

26.10.2024 година

 

Актуелно

img
img img

Видео