НОВИ 200 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА ОБРАЗОВАНИЕТО ВО АЕРОДРОМ
Општина Аеродром ги стартуваше градежните работи за доградба на основното училиште „Блаже Конески“ во Мичурин, кое по 70 години откако било изградено, за првпат ќе добие 18 нови училници.
В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, претседателот на Советот, Антонио Петковски и други советници, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска поставија камен-темелник на новиот објект во училиштето.
Станува збор за капитален проект што ќе се спроведе во две фази, при што по завршување на градежните работи ќе бидат изградени дополнителни 10 училници и 8 кабинети по предметна настава. Училиштето, исто така, ќе добие и библиотека, голем хол со бина, главни скали и лифт, кујна со трпезарија, нови тоалети и тоалет за лица со посебни потреби, како и други сервисни простории, додека новиот објект ќе добие и современа енергетски ефикасна фасада. Вредноста на проектот изнесува 200 милиони денари издвоени од буџетот на Општина Аеродром со поддршка од Владата.
В. д. градоначалникот Митески истакна дека доградбата на училиштето е исклучително значаен проект за жителите на овој дел од општината, бидејќи со него значително ќе се зголемат капацитетите за спроведување на воспитно-образовниот процес во едно од најстарите училишта во Аеродром. Митески вети дека и во иднина посветено ќе се работи на осовременување на условите во кои учат, растат и се развиваат нашите ученици.
Премиерот Мицкоски ја поздрави доградбата на училиштето, или како што го нарече, проект што ќе направи драматична разлика во квалитетот на образованието со тоа што ќе се избегне воведување трета смена за огромниот број ученици од Мичурин и околните населби. Тој најави понатамошна финансиска поддршка за капитални проекти од Владата преку неодамна објавениот повик за локалната самоуправа, на кој меѓу другите учествуваше и Општина Аеродром.
18.09.2024 година
Општина Аеродром