ДОЛНО ЛИСИЧЕ КОНЕЧНО ЌЕ ДОБИЕ ДЕТАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН

 

Жителите на Долно Лисиче конечно ќе добијат детален урбанистички план, со што ќе можат да си ги остварат своите права за изградби, надградби, доградби и други урбанистички потреби.

В четврток, 17.2.2022 година, во просториите на подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче со почеток во 18:00 часот ќе се одржи јавна презентација на предлогот на деталниот план за Долно Лисиче со разработка на блоковите 2, 3, 4, 5, 6, 9, 10, 11, 12, 13 и 14.

Предлогот за овој план од вчера е поставен на увид на граѓаните во Месната заедница во Долно Лисиче, каде што се наоѓаат и анкетните листови за учество во јавната анкета. Граѓаните и правните лица преку анкетните листови имаат можност до 4 март да даваат забелешки, предлози и сугестии во врска со предлогот на деталниот план.

Освен преку анкетните листови во писмена форма, забелешки по предлогот на планот може да се доставуваат и во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам, со оглед на состојбата со сè уште присутната пандемија.

Имено, до електронската верзија на предлогот на деталниот план за Долно Лисиче може да се дојде преку општинската интернет-страница aerodrom.gov.mk со кликнување на банерот поставен од десната страна „ГЕОГРАФСКИ ИНФОРМАЦИСКИ СИСТЕМ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ (за граѓаните)“, каде што се отвора навигатор. Од левата страна на навигаторот на третото копче одгоре надолу се појавува мени, од каде што треба да се одбере опцијата „Планови на јавна анкета“. Потоа на десната страна на третото копче одгоре надолу се внесува бројот на конкретната парцела во Долно Лисиче, која ги интересира граѓаните и со зумирање на мапата може точно да се види градежната парцела и нумеричкиот показател.

Нумеричките показатели за градежните парцели, пак, може да се прочитаат од табелите дадени на следниов линк http://aerodrom.gov.mk/page/urbanistichki.

Според нумеричкиот показател на градежната парцела, секој заинтересиран жител може да ги провери планираните вкупни етажни површини за градење според намената на градбите, катноста, како и урбанистичките параметри, како што се процентот на изграденост на земјиштето, површините на градежните парцели, планираните површни за градење, висините на планираните градби. Табелите ги прикажуваат урбанистичките параметри на ниво на градежна парцела и на ниво на опфат.

Општина Аеродром

15.2.2022

 

Актуелно

img
img img

Видео