ИНКЛУЗИВНО ИГРАЛИШТЕ ВО ДВОРОТ НА ООУ „ЉУБЕН ЛАПЕ“

 

Учениците од основното училиште „Љубен Лапе“ во општина Аеродром од денеска можат да спортуваат, да играат и да другаруваат на новото инклузивно и пристапно игралиште сместено во дворот на училиштето.

Инклузивното игралиште во училиштето со 1100 ученици, како што рече на отворањето градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, е од огромна важност за Општина Аеродром

„Со задоволство го пуштаме во употреба ова игралиште и со него ја унапредуваме инклузивноста во училиштето и пристапноста на образовните програми до сите ученици, но и на општината. Многу е  важно децата со посебни потреби да имаат еднакви можности за образование, спортување, учење и другарување со сите други ученици“, изјави Муцунски.

Ова е осмо инклузивно игралиште како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ финансиран од Европската Унија. Овој проект веќе 16 месеци успешно работи во насока на суштинско вклучување на учениците со попреченост во редовните основни училишта.

Целосното вклучување на децата со попреченост во редовниот училишен систем не е лесна задача, ниту во земјите на ЕУ. Политиката на ЕУ е јасна: мора да се оддалечиме од сегрегираното специјално образование. Попреченоста е прашање на права, а не прашање на дискреција“, посочи Стефан Ходулин од канцеларијата на ЕУ во земјава.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ има за цел да им помогне на училиштата, во кои учат ученици со попреченост, да ја подобрат својата инклузивност и пристапност.

„Во рамките на проектот досега доделивме стипендии на 471 ученици во почетните одделенија, спроведовме обука за над 280 претставници од училиштата, опремивме осум инклузивни игралишта, пет сензорни соби, една сензорна градина и доделивме асистивна технологија во четири училишта. Веруваме дека со овие активности навистина ја менуваме сликата за инклузивното образование во земјава“, рече Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“.

Овој проект во Општина Аеродром се реализира благодарение на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со здруженијата „Инклузива“ и „Хендимак“ во соработка со Министерството за образование и наука.


30.12.2021

Општина Аеродром