Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, денеска заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го почнаа новиот проект - поставување фотоволтаици во сите основни училишта, но и на дел од градинките на територија на Општина Аеродром. Тие се обратија пред основното училиште „Александар Македонски“ во Ново Лисиче каде што на граѓаните им дадоа до знаење за што станува збор.
„Денеска почнуваме со реализација на еден одличен проект. Се поставуваат фотоволтаици во сите осум основни училишта и во дел од градинките на територијата на општина Аеродром, што ќе помогне да се зголеми енергетската ефикасност, како и снабдувањето со електрична енергија“, рече градоначалникот Муцунски.
Тој истакна дека има намера во наредниот период да продолжат со реализација на овој проект, со цел да се опфатат сите градинки, но исто така и други јавни објекти што треба да се градат на територијата на општината, а кои се од капитално значење.
„Истовремено, би сакал да ви кажам дека претходната недела потпишавме договор со Европската Унија, проект вреден над 800.000 евра во делот на селекција на отпад каде што очекуваме Аеродром да стане пионер во областа на селекција на отпад, и тоа секако поддржано од ЕУ. Тоа значи дека сериозно работиме на реализација на проекти поврзани со заштита на животната средина, користење обновливи извори на енергија и со тоа да го направиме Аеродром модерна општина каква што заслужува да биде“, заклучи градоначалникот Муцунски.
Со ова, градоначалникот Муцунски го реализира предизборното ветување за „Еко-дром“ каде што акцент се става на еколошки решенија.
26.11.2021
Општина Аеродром
16-12-24
Општина Аеродром и Џевахир Мол Скопје ве покануваат на незаборавна предновогодишна забава на 21 декември (сабота) со почеток во 18:30 часот што ќе се одржи пред платото на трговскиот центар каде што ќе настапат врвни македонски ѕвезди.