„Тројка за МЗТ“ – Aјде на по еден баскет во маало!

 

Општина Аеродром ги повикува сите заинтересирани да се пријават за учество на турнир во баскет насловен  „Тројка за МЗТ“ на info@3x3macedonia.mk.

            Првиот натпревар ќе се одигра на 3 јули во Спортскиот центар „Ново Лисиче“.

            Сите турнири ќе се одржуваат според правилата на ФИБА за игра 3 x 3 на реконструираните спортски игралишта на отворено на ниво на целата територија на Општината, каде што се поставени нови современи кошеви и современа ергономска подлога. Победниците покрај парични награди, ќе добијат и шанса да бидат дел од МЗТ (втора екипа).

            Проектот е во организација на „3x3 Macedonia, заедно со Кошаркарската федерација на Северна Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Општина Аеродром.

            Општина Аеродром продолжува уште позасилено да ги поддржува успесите на МЗТ Скопје Аеродром. Но главната цел на овој проект, меѓу другото, е развој на спортскиот и натпреварувачки дух меѓу жителите на Аеродром, како и поттикнување на маалските дружења во летните денови“, изјави градоначалникот Златко Марин.

            Спортот е приоритет на Општина Аеродром, која е препознаена како една од најспортските општина во земјава. Општината редовно вложува финансиски средства за поддршка на различните спортови, како и во изградба на модерни спортски игралишта по сите современи стандарди за безбедна игра и спорт на сите генерации.

 

25.6.2021

Општина Аеродром