ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦАТА „ГОРНО ЛИСИЧЕ“

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Александар Стојанов, на денешната, 30.7.2015 година, заедничка прес-конференција официјално го означија почетокот на реконструкција на една од најголемите улици во Горно Лисиче, „Горно Лисиче“.

Станува збор за проект, кој опфаќа обнова на коловозната конструкција на улицата „Горно Лисиче“ на потегот од „12 Македонска бригада“ до црквата „Св. Петар и Павле“.

Вкупната должина на реконструкцијата што ќе ја опфати улицата „Горно Лисиче“ е околу 1,7 километри. Вкупната инвестиција за оваа улица изнесува околу 14 милиони денари.

Реконструкцијата, исто така, ќе опфати и нивелирање шахти, како и санирање прекопи.

Покрај обновувањето на оваа улица со нов асфалтен слој со широчина од околу седум метри, ќе се обноват и тротоарите со бекатон-плочки.

Минатиот месец во Горно Лисиче, исто така, почна обнова и на коловозната конструкција на улицата „Тодор Чангов“, поточно од „Вардарска“ до „Ернест Телман“ во вкупна должина од околу еден километар и 660 метри.

Со обновувањето на двете улици во Горно Лисиче се очекува значително да се подобрат условите за сообраќај во оваа населба на Општина Аеродром.

 

          30.7.2015

          Општина Аеродром