Заштитни столпчиња и огради за поголема безбедност на пешаците во Лисиче

Општина Аеродром деновиве поставува заштитни столпчиња и огради на различни локации во населбата Лисиче каде што редовно има поголема фреквенцијата на пешаци и возила. Станува збор за сообраќајни решенија што имаат цел да ја зголемат безбедноста на пешаците, со што ќе се ослободи простор за нивно непречено и безбедно движење по тротоарите, кои многу често се узурпираат од непрописно паркираните возила.

Заштитни столпчиња досега се поставени на тротоарите што се во непосредна близина на трговскиот центар во Лисиче. Општината постави и заштитни железни огради пред влезот и по должина на тротоарот покрај детската градинка „Буба Мара“, како и пред влезот на основното училиште „Димитар Македонски“, со што ќе се превенира директно излетување на дечињата и учениците на самите улици по кои минуваат возила.

„Безбедноста во сообраќајот е еден од приоритетите на Општина Аеродром. Постојано работиме на подобрување на сообраќајната сигнализација и нејзино редовно одржување. Пред сите училишта поставивме хоризонтална и вертикална сигнализација за што поголема безбедност на нашите ученици. Исто така, секаде каде што постои можност поставуваме столпчиња и огради за да го спречиме непрописното паркирање или минување на возилата, кои со тоа за жал ја нарушуваат безбедноста во сообраќајот. Истовремено се грижиме и за велосипедистите, кои особено во летниот период се активни учесници во сообраќајот и имаат свои патеки по кои можат непречено да се движат“, рече градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

Тој упати апел сите учесници во сообраќајот да се однесуваат совесно и да ги почитуваат сообраќајните правила за поголема безбедност на сите.

Исто така, Општина Аеродром, во текот на овој месец ќе ги реконструира тротоарите околу трговскиот центар во населбата Лисиче, како и на други локации низ Општината.

6.4.2021

Општина Аеродром

Актуелно

img
img img

Видео