„Како до побезбедни училишта“ – нов проект на Институтот ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ и Општина Аеродром

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, и претседателката на Советот, Ивана Цветковска, денеска остварија средба со универзитетските професорки Татјана Стојаноска Иванова и Елизабета Томевска-Илиевска, кои се дел од тимот „ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ, СКОПЈЕ, поддржан од Општина Аеродром.

Проектот е посветен на меѓуврсничкото насилство (булинг) и има цел на транспарентен и сеопфатен начин да се проговори за оваа појава и да се изнајде најсоодветен начин за негово спречување и превенирање.

На денешната средба беше утврдена динамиката со која ќе се спроведува проектот во согласност со новите услови поради пандемијата од КОВИД-19.

Исто така, беа промовирани новите образовни материјали што се изготвени и наменети за наставниците, стручните служби во училиштата, како и за родителите, а се однесуваат на социолошките, психолошките и педагошките аспекти на меѓуврсничкото насилство. И за учениците се подготвуваат дидактички материјали и брошури приспособени на нивната возраст.

Во рамките на проектот ќе се одржат состаноци со координаторите на советничките групи во Советот на Општина Аеродром, Секторот за образование, како и со директорите на основните училишта.

Проектот ќе опфати и неколку семинари на кои ќе се обратат еминентни универзитетски професори, а ќе се одржат и работилници за превенирање на насилството во училиштата.

„Како до побезбедни училишта“ ќе биде заокружена со завршна конференција, а паралелно се снима и филм посветен на оваа тема.

 

30.11.2020

Општина Аеродром