Нов дрворед покрај булеварот АСНОМ, засадени 300 дрвја

 

Нови 300 листопадни и зимзелени дрвја се засадени покрај новоизградениот дел од булеварот АСНОМ, на потегот од хотел „Русија“ до „Хилтон“.

Висококвалитетните дрвја ги засади ЈП „Паркови и зеленило“ во соработка со Град Скопје и Општина Аеродром, а локацијата денеска ја посетија градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, како и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Адријан Муча.

 

Новозасадените дрвја се очекува напролет да развијат убави крошни, чии сенки ќе придонесат за намалување на температурата во жешките месеци и овозможување попријатни услови за прошетки низ овој дел на Аеродром.

 

            „Во изминатите три години значително го зголемивме квантитетот на зелените површини во Аеродром. Ја достигнуваме бројката од набавени и засадени близу 10 илјади нови дрвја на различни локации низ Аеродром“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

Тој истакна дека се изградени нови паркови во Бојмија и Мичурин, а во тек е изградбата на уште два, на улица „Пандил Шишков“ и на „Методија Шаторов-Шарло“. Исто така, со ребалансот на буџетот за 2020 година е предвидено хортикултурно уредување на уште две површини, на бул. „Јане Сандански“ и на бул. АСНОМ зад Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ).

 

 

 

24.11.2020 година

 

Општина Аеродром