Општина Аеродром добива нов зелен сквер покрај булеварот „Јане Сандански“

 

Општина Аеродром ќе добие нов, модерно уреден зелен сквер на раскрсницата меѓу булеварот „Јане Сандански“ и улицата „23 Октомври“.

Оваа локација ќе ја уреди Град Скопје во рамките на проектот за редизајнирање на јавните зелени површини на четири локации во главниот град.

„Станува збор за простор што ќе биде преуреден во ново катче за одмор и релаксација на жителите од овој дел од Аеродром“, изјави градоначалникот Златко Марин на денешната прес-конференција со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

„Ова е третата локација на која Градот Скопје во соработка со „Скопје Лаб“ работи на уредување на запуштените површини што се наоѓаат во различни општини. Целосното преуредување на просторот се очекува да заврши за 30 дена, а ќе се врши врз основа на анкетите што се направени со локалното население што гравитира кон овие површини“, изјави градоначалникот Шилегов.

Локацијата е избрана од граѓаните како една од седумте локации во Скопје идентификувани во рамките на иницијативата на „Скопје Лаб“ и УНДП што почна во 2018 година. Во овој процес беа вклучени различни возрасни групи граѓани преку користење квалитативни и квантитативни методи за утврдување на потребите на граѓаните што живеат во овој дел од населбата.

Општина Аеродром постојано работи на збогатување и на уредување на зелените површини низ општината.

„Неодамна го изградивме паркот во Мичурин, а моментално се работи на изградба на новиот модерен парк „Бојмија“ во населбата Острово“, изјави градоначалникот Марин.

17.9.2020

Општина Аеродром