Заменик-министерката Наумовска во посета на Општина Аеродром

 Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, денеска одржа работен состанок со заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска, во просториите на Општината. На состанокот присуствуваа претседателката на Советот, Ивана Цветковска, и секретарот на Општината, Марица Ѓурческа. Главна тема на средбата беше текот на градежните активности на училиштето „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче.

Како што информираше министерката Наумовска, новото училиште е со површина од 2 840 квадратни метри и со капацитет од 700 ученици организирани во две смени. Училиштето ќе биде опремено со најсовремени кабинети, простории за дневен престој, кујна и простории за наставниците.

„Оваа година наш главен фокус е подобрување на условите во образованието, спортот и грижата за младите“, истакна градоначалникот Марин и ја запозна министерката со планираните активности од областа на образованието за оваа година.

Општина Аеродром планира проширување на капацитетот на училиштето „Лазо Ангеловски“ со 4 нови училници, реконструкција на спортската сала во ООУ „Димитар Македонски“, санирање на објектите на училиштата и градинките, изградба на лифтови за деца со посебни потреби во две училишта, како и набавка на смарт-табли и друга современа ИКТ-опрема за сите училишта, спортска облека за учениците од спортските клубови во сите училишта и нова опрема за спортските сали.

1.6.2020

Општина Аеродром