Почна дезинфекцијата на јавните површини во Аеродром

 Општина Аеродром почна со интензивно чистење и дезинфицирање на јавните површини во општината. Со чистење и дезинфекција се опфатени сите улици, детските и спортските игралишта, контејнерите, кантите за отпадоци, како и целокупната урбана опрема.

Во врска со состојбата со коронавирусот, а согласно со препораките на Министерството за здравство, Општината презеде превентивни мерки за заштита од КОВИД-19: воведе телефонска линија со бројот 070/297-140 на кој граѓаните ќе можат да побараат помош за набавка и достава на прехранбени производи и лекови, во соработка со Црвен крст формира тимови за помош и поддршка на стари и изнемоштени лица, им препорача на управителите на станбените згради да почнат со дезинфекција на заедничките простории и лифтови на сите станбени згради на територијата на Општината.

Општина Аеродром е целосно посветена кон заштита на јавното здравје и апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравје.

 

19.3.2020

Општина Аеродром