ЈАВЕН ПОВИК

Врз основа на Договорот за соработка помеѓу Агенцијата за вработување на РСМ (АВРСМ), Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП)  и Општина Аеродром, Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година усвоен од Владата на Република Северна Македонија, Програмата Општинско – корисна работа финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на РСМ, на ден 05.08.2019 година се објавува:

 

Ј  А  В  Е  Н     П О В И К

до

евидентирани невработени лица за вклучување во

Програмата Општинско - корисна работа

 

Се повикуваат сите евидентираните невработени лица кои се заинтересирани да се вклучат во програмата Општинско-корисна работа, проект  „Социјални услуги за еднакви можности за сите генерации“ за работно ангажирање од 20 (дваесет) часа неделно за период од 6 (шест) месеци до 9 (девет) месеци заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на труд, да се пријават во Агенција за вработување - Центар за вработување Скопје.

Евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во Програмата „Општинско-корисна работа“ ќе бидат работно ангажирани за 20 (дваесет) работни часови неделно.

За периодот додека лицата се работно ангажирани преку програмата „Општинско-корисна работа“ истите не го губат статусот на невработено лице и истите се должни редовно да се јавуваат во Агенција за вработување- Центар за вработување Скопје, со цел почитување на обврските согласно Закон. На невработените лица-корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење на социјална помош.

Право на учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои за прв пат се јавуваат за учество во Програмата.

На кандидатите  кои ќе бидат избрани и вклучени во Програмата Општинско-корисна работа ќе им биде исплатен паричен надоместок за работно ангажирање  во висина од 9.000,00 денари месечно, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.

Евидентираните невработени лица кои ќе се пријават за учество во Програмата Општинско-корисна работа треба да припаѓаат на една од следните целни групи невработени лица:

1. долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над 5 години)

2. млади лица до 29 години

3. лица постари од 50 години

4. лица корисници на право на парична помош од социјална заштита или корисници на паричен надоместок по основ на невработеност

5. лица кои биле корисници на Програмата условен паричен надоместок за средно образование

6. лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа

7. жртви на семејно насилство

8. лица со попреченост

9. самохрани родители

10. родители на деца со пречки во развојот

11. родители на 3 и повеќе деца

12. родители на деца на улица

 

Работните позиции кои се опфатени со овој оглас се однесуваат на ангажирање на:

-          За работно место ОБРАЗОВЕН АСИСТЕНТ во времетраење од 9 месеци, потребни квалификации: (дипл. дефектолог, дипл. психолог, дипл. педагог или пак завршено високо образование со положени педагошки предмети),

-          За работно место ЛИЧЕН АСИСТЕНТ во времетраење од 9 месеци потребни квалификации: завршено средно образование,

-          За работно место ПОМАГАТЕЛ НА СТАРИ ЛИЦА во времетраење од 6 месеци потребни квалификации: завршено средно образование.

 

Заинтересираните невработени лица  Пријави за учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да поднесат во Агенција за вработување - Центар за вработување Скопје во периодот од 05.08.2019 година до 16.08.2019 година, од 08:00 до 14:00 часот.

Поконкретните услови, права и обврски ќе бидат уредени со склучување на Договор помеѓу Општина Аеродром и избраните кандидати.

Детални информации за Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да се добијат во Општина Аеродром кај лицата Билјана Кочоска-Тодоровска и Зорица Јаќимовска, Општински координатори за Програмата „Општинско-корисна работа“, Агенција за вработување - Центар за вработување Скопје кај лицето Шериф Сума, Центар за социјална работа Скопје кај лицето Бисерка Цикарска.