Општина Аеродром бара 10 стручни лица за грижа на деца со посебни образовни потреби


Општина Аеродром објави оглас за вработување 10 стручни лица со професија дефектолог, психолог и педагог, кои ќе бидат ангажирани за помош на деца со посебни образовни потреби.

Станува збор за проектот „Унапредување на воспитно-образовниот процес и секојдневната грижа на децата со посебни образовни потреби, кои ги посетуваат училиштата во Општина Аеродром“ во организација на Општина Аеродром, Агенцијата за вработување и УНДП.

Целта на овој проект е да ја подобри грижата за децата со посебни образовни потреби за нивна уште поголема инклузија во образовниот процес и непречено одвивање на сите образовни  активности во три основни училишта на територијата на Општина Аеродром, „Ѓорѓија Пулевски“, „Лазо Ангеловски“ и „Александар Македонски“.

Од друга страна, преку овој проект ќе им се помогне на активните баратели на работа (дефектолози, педагози, психолози и други професии од сферата на грижа на лица со посебни образовни потреби) да се стекнат со професионално работно искуство и вештини, за да станат поквалификувани и конкурентни на пазарот на трудот, со крајна цел намалување на невработеноста во општината и во државата.

Лицата што ќе бидат одбрани на конкурсот ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време од 20 работни часa неделно за период од 9 месеци.

Ангажираните лица ќе бидат задолжени за следење на учениците со посебни образовни потреби, на кои им е потребна дополнителна стручна помош за успешно адаптирање и ресоцијализација преку најразлични вежби и индивидуална работа.

Огласот трае до први до 14 август, 2018 година, а повеќе детали може да се добијат преку линкот http://aerodrom.gov.mk/vest/1934.

Повеќе информации, исто така, може да се добијат во Општина Аеродром кај лицето Ангела Зафировска, во Агенцијата за вработување кај лицето Флорие Љачи или во Центарот за социјална работа во Скопје кај лицето Лилјана Николовска.

 

1.8.2018

Општина Аеродром