Коњаниците од Општина Аеродром тргнаа кон Мечкин Камен

Вчера, 27.7.2018 година од Општина Аеродром дваесетина коњаници тргнаа кон Крушево, каде што треба да се приклучат на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, во паркот „Јане Сандански“ на коњаниците им го предаде општинското знаме, со што официјално стартуваше 40-от традиционален коњички марш што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.

„Задоволство ми е што оваа година имаме можност да го поддржиме јубилејниот 40-ти коњички марш, организиран по повод најголемиот македонски национален празник - Илинден. Денеска ги испративме коњаниците на патот кон Крушево, а тие со себе ќе го носат и знамето на Општина Аеродром. Илинденското востание го означува почетокот на нова фаза во развојот на македонското ослободително движење и има посебно значење во историјата на македонскиот народ“ изјави градоначалникот Марин.

Во рамките на манифестацијата коњаницата и игроорците од КУД „Никола Јонков Вапцаров“ се упатија кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината.

Во рамките на настанот, се вклучи и Општинската организација на Црвен крст „Кисела Вода“, која во дворот на црквата  „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче одржа крводарителска акција.

 

28.7.2018

Општина Аеродром