Доделени 7 награди на „Гола месечина“

На вчерашното свечено затворање на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“, која од 18-ти до 23-ти јуни се одржа под отворено небо на сцената поставена во Спортскиот центар „Ново Лисиче“, беа доделени седум награди.

Наградата Гран при за најдобра претстава  ја доби „Једваносимсобоакаломистобо“ на сараевскиот воен театар САРТР. Режисерот на истата претстава Алеш Курт ја доби наградата за најдобра режија.

Наградата за најдобра машка улога му се додели на Фаик Mефаилоски за ликот на Ерџан во претставата „Синиот портокал“ на велешкиот театар „Џинот“, а за најдобра женска улога на Сања Крстовиќ за ликот на Живка во претставата „Госпоѓа министерка“ на Народниот театар од Ниш.

Награда за најдобра епизодна улога и беше доделена на  Анета Томашевиќ за улогата госпоѓа Потер во претставата „Kидај из моје кухиње“ на шабачкиот театар.

Оваа година за првпат беа доделени и награди за костимографија, која ја доби Елена Дончева за претставата „Дванаесетта ноќ (спроти Водици)“  на народниот театар „Антон Панов“ од Струмица и за млад актер, која ја добија Ефтим Трајчев Ѓаурски од народниот театар од Штип за улогата во претставата „Умри машки“ и на Давор Сабо од сараевскиот воен театар „САРТР“ за улогите во претставата „Једваносимсобоакаломистобо“.

Изборот на победниците го направи меѓународна тричлена жири-комисија во состав Иван Лео Лемо како претседател, Магдалена Ризова Черних и Љупчо Петрушевски како членови по проследувањето на шесте претстави што се одиграа во натпреварувачкиот дел (три од Македонија и три од регионот).

Пред свеченото доделување на наградите во присуство на огромен број дечиња од Аеродром на сцената беше одиграна детската претстава „Тоби“ на Театарот за деца и младинци од Скопје, а со стендап-комедијата на Марјан Ѓеорѓиевски вчеравечер и официјално заврши „Гола месечина“, која годинава се одржа по петти пат.

 

25.6.2018

Општина Аеродром

 

 


 

 

 


 

 

 

Актуелно

img
img img

Видео