Градинката „Срничка“ доби прочистувачи на воздух од „Лукоил Македонија“

Детската градинка „Срничка“ денеска доби донација - прочистувачи на воздух од нафтената компанија „Лукоил Македонија“.

Прочистувачите се наменети за занималните на објектот „Калинка“ во Стар Аеродром. На примопредавањето на донацијата присуствуваа регионалниот управител на руската компанија „Лукоил Македонија“, Андреј М. Куку и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

„Децата се нашата иднина и ние треба да се грижиме за нив. Сметам дека ова е само еден почеток на нашата заедничка соработка и дека во иднина ќе имаме уште многу заеднички проекти“, изјави Куку.

Тој изрази надеж дека со заеднички сили ќе може да се помогне во решавање на проблемот со загадувањето со кој се соочува градот Скопје.

Градоначалникот Марин се заблагодари за донацијата и истакна дека прочистувачите се од исклучително значење за здравјето на дечињата, особено во зимскиот период од годината, кога загадувањето на воздухот достигнува високо ниво.

Марин, исто така, посочи дека во тек е тендер за набавка на 83 прочистувачи на воздух кои ќе се постават во сите простории во секоја градинка на територијата на Oпштина Аеродром. Станува збор за интервентна мерка на Општината во борбата со нечистиот воздух.

Општина Аеродром покрај краткорочните, активно работи и на изнаоѓање долгорочни мерки за решавање на проблемот со амбиенталниот воздух, во соработка со Град Скопје и останатите надлежни институции.

 

2.3.2018

Општина Аеродром