ОПШТИНА АЕРОДРОМ И ОВАА ГОДИНА СЕ ПРИКЛУЧИ КОН КАМПАЊАТА ПРОТИВ РАКОТ НА ДОЈКА „НАПРЕД РОЗОВО“

Општина Аеродром и оваа година ја поддржа акцијата против ракот на дојка под мотото „Напред розово!“ што ќе трае цел месец октомври, со цел да се подигне свеста на жените за нивното здравје, особено да се истакне потребата од редовни прегледи на дојките. По тој повод на 1-ви октомври на плоштадот „Македонија“ по деветти пат се одржа симболична розова прошетка во организација на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“ на која присуствуваа повеќе од 1500 граѓани.

Овие активности се организираат секоја година, бидејќи веднаш зад кардиоваскуларните болести, втора причина за смртност на населението во нашата земја се малигните заболувања, од кои ракот на дојка е болест во пораст и има најголема стапка на смртност кај жените. Според податоците, минатата година во нашата земја биле откриени околу 1.200 новозаболени или просечно 4 жени дневно, или едноставно кажано, се смета дека секоја осма жена е потенцијален пациент со карцином на дојка. Според истражувачкиот центар за канцер „Глобокан“, Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемила за околу 9% во последните 15 години, а според бројот на смртни случаи од рак, Македонија е на трето место во Европа.

Поради тоа, со подигнување на свеста на жените за борба против ракот на дојка, се истакнува значајноста на превенцијата и раното откривање на болестите кај женската популација, бидејќи во раниот стадиум ракот на дојка може успешно да се излечи.

Во тој контекст не треба да се занемари траумата и емоциите што ги поминуваат жените кај кои е поставена оваа дијагноза, мачните третмани, па и хируршките зафати кои следуваат.

Лекарите особено ги истакнуваат самопрегледите на дојките кои жените би требало самите да ги прават, при што можат да се забележат промени и болки на дојките, а секако и редовните прегледи (ехо и мамографија на дојките) еднаш во годината кај лекар специјалист.

Светската здравствена организација предупредува дека малигните заболувања се меѓу главните причини за смртност во светот и тоа особено во сиромашните и земјите во развој, со дури 70% смртни случаи предизвикани од малигните заболувања. СЗО смета дека со рано откривање, правилно дијагностицирање и третман на малигните заболувања  до 2025-та година можат да се спречат дури 1,5 милиони предвремени смртни случаи предизвикани од малигни заболувања.

Според најновите податоци, речиси на 12 милиони луѓе во светот годишно им е дијагностициран некој вид карцином, но со напредокот на модерната наука и онкологија се изнаоѓаат нови методи за лекување, со што се намалува и смртноста од оваа болест. Статистички гледано, доколку карциномот на дојките е откриен на време, односно, додека е сè уште со големина до еден сантиметар, процентот на излекување е повисок.

Здравствените експерти укажуваат дека согласно нивните анализи и студии, пушењето е најчест причинител на појавата на рак и тоа за повеќе од 20% од сите смртни случаи од рак во светот. Други ризични фактори за појава на рак се: алкохолот, физичката неактивност, дебелината, помала консумација на зеленчук и овошје, загадувањето на животната средина, вирусните заболувања, ултравиолетовото и јонизирачкото зрачење, штетни состојки во водата за пиење и во храната.

Освен тоа, уште два датуми во октомври се значајни за подигање на свеста за грижата за женското здравје, а тоа се 18-ти октомври – Светски ден на менопаузата, а 20-ти октомври – Светски ден на остеопорозата. Со редовни прегледи, соодветна терапија и исхрана, жените можат да го подобрат квалитетот на својот живот и тоа особено се однесува на жените во позрелото доба. Тоа е период кога кај жените настануваат промени во нивото на хормоните и промени во коскената маса по што коските стануваат лесно кршливи. Според податоците, околу 120.000 жени во нашата земја боледуваат од остеопороза.

Со цел да се намали бројот на заболени жени од остеопороза, се препорачува апстиненција од пушење и алкохол, повеќе движење и рекреативно вежбање. Особено е важно исхраната да биде богата со калциум, кој влијае на градењето и зачувувањето на здрава коскена маса. Недостатокот од калциум и витамин Д во исхраната, како и консумирање храна сиромашна со белковини, го зголемуваат ризикот од појава на остеопороза.

Поради наведените податоци и препораки од лекарите за вршење превентивни прегледи, мошне е значајно жените во текот на годината да издвојат барем неколку дена, кои ќе ги посветат на себе си и на грижата за сопственото здравје.

 

            6.10.2017

            Општина Аеродром