ДОНЕСЕН БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ ЗА 2017 ГОДИНА

На вчерашната, 6.12.2016 година, 59-седница на Советот на Општина Аеродром беше донесен Буџетот на Општина Аеродром за 2017 година.

Новиот Буџет, кој е сличен со минатогодишниот, изнесува околу 18 милиони евра, од кои речиси 11 милиони се предвидени за дотации и плати во основните училишта и градинки и за општинската администрација. Остатокот од 7 милиони евра се планираат за реализација на проекти и тоа едната половина за довршување на почнатите проекти во 2016 година, а другата половина на средствата за нови проекти предвидени за 2017 година, со кои ќе се подобрат условите за живот на граѓаните во Општина Аеродром.

„Буџетот за 2017 година се базира врз реалните приходи што ги очекува Општината. Ние сме една од ретките општини во Република Македонија што не се задолжени ниту денар и што ги сервисира редовно своите обврски врз основа на своите приходи, а не на кредити за реализација на проекти“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

Меѓу покрупните проекти опфатени во Буџетот за реализација во 2017 година се изградба на нова детска градинка во Ново Лисиче со капацитет за повеќе од 250 дечиња и промена на фасадите на 10 згради со енергетски ефикасни материјали.

Добар дел од буџетот предвидува реализација на инфраструктурни објекти како изградба на комунална инфраструктура и асфалтирање на улиците „Пандил Шишков“, „Вангел Тодоровски“, „Коста Новаковиќ“ и „Новопланирана 5“, како и краците на улицата „Методија Шаторов - Шарло“, изградба на три нови улици во Индустриска зона (новопланирани 4, 6 и 8), нова улица во Мичурин („Новопланирана“ 7) и изградба на атмосферска канализација во Долно Лисиче.

 

7.12.2016

Општина Аеродром

 

Актуелно

img
img img

Видео