БЕСПЛАТНИ ОБУКИ ЗА НЕВРАБОТЕНИ ВО МЕМОРИЈАЛНИОТ ЦЕНТАР „НИКОЛА КЉУСЕВ“

 

Општина Аеродром ги поканува невработените лица да се пријават за обука, на кои ќе им бидат презентирани креативни можности како од својата дарба да направат бизнис. Обуката почнува на 10.11.2015 (вторник) во 12:00 часот во просториите на фондацијата „Никола Кљусев“ (пред главниот влез на Дом на АРМ) под мотото „Со дарба до бизнис“.

Проектот, всушност, го организира втора година по ред фондацијата „Никола Кљусев“ со цел да се поттикне креативноста, дарбата и талентот кај невработените, бидејќи како што посочуваат во овој меморијален центар, секој човек е градител, носител и уривач на својата среќа, на своите радости и задоволства, на своите тегоби и страдања, па и на својата судбина.

Инаку, Општина Аеродром подолго време соработува со оваа невладина организација и учествува во заеднички проекти, особено во образовната сфера и подигање на свеста кај младите на секое поле.

Меморијалниот центар - Фондацијата „Никола Кљусев“ (МЦНК) е основан во 2008 година. Како дел од својата програма има за цел промоција и ширење на културата и културните вредности во сите сфери на живеењето; подобрување и афирмирање на образованието кај младите; поттикнување на патриотизмот како и чувството за припадност и квалитетен соживот; следење и давање свој придонес во унапредувањето на економската состојба на државата со цел подобрување на квалитетот на нашето живеење.

Фондацијата секоја година стипендира талентирани средношколци и континуирано организира курсеви и обуки од повеќе области.

 

5.11.2015

Општина Аеродром

 

Актуелно

img
img img

Видео