Отворено одбојкарско игралиште на песок во Аеродром Општина

 

Аеродром доби ново одбојкарско игралиште на песок на кејот на Вардар кај мостот „Близнак“.

 Игралиштето синоќа свечено го отворија градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин. Тие истовремено им ги доделија и наградите на победничките тимови што настапија на првиот турнир „Аеродром опен 2021“.

Игралиштето е со должина од 25 метри и широчина од 16 метри и ги исполнува сите неопходни стандарди на домашно и меѓународно ниво.

„Игралиштето, пред сè, е наменето за спорт и рекреација на сите заинтересирани граѓани, ученици, студенти и спортисти, кои ќе можат бесплатно да спортуваат, да се рекреираат и да се дружат. Покрај теренот за одбојка, има и трибина за публика и осветлување за ноќно играње. И натаму ќе продолжиме да вложуваме и да го негуваме спортот и здравиот дух кај граѓаните, зашто сметаме дека спортот е една од главните клетки на секое општество“, изјави градоначалникот Марин.

Општина Аеродром на годишно ниво издвојува околу 500 илјади евра за поддршка на олимписките спортови, како што се кошарката, фудбалот, ракометот, каратето. Исто така, општината обезбеди и бесплатни часови по пливање на децата со посебни потреби, а континуирано го помага и кик-боксот, кој во изминатите години е многу актуелен спорт кај нас.

Сите училишта од општината добија нова спортска опрема и реквизити, кои цели 30 години не биле обновени, обезбеди спортски дресови за учениците, ги реновира спортските сали, а дел од отворените спортски игралишта ги обложи со ергономска подлога, која е од исклучителна важност за безбедно спортување, како за младите, така и за возрасните.

15.6.2021

Општина Аеродром