Успешно завршија проектите за инклузија и општинско-корисна работа во Општина Аеродром

 Претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска, денеска им додели потврди на лицата ангажирани во процесот на инклузија на децата со посебни образовни потреби во основните училишта од Аеродром.

За оваа намена општината издвои 1 200 000 денари од својот буџет за ангажирање 15 образовни асистенти.

Исто така, беа доделени и потврди и на лицата што беа ангажирани преку проектот за општинско-корисна работа во 2020 во соработка со УНДП и Агенцијата за вработување за проектот „Социјални услуги за еднакви можности за сите генерации“. Во проектот беа вклучени 4 образовни асистенти во основните училишта и 5 помагатели на стари лица во домашни услови.

„Општина Аеродром и ние како Совет безрезервно ги поддржуваме сите проекти за инклузија и социјална поддршка на сите лица на кои им е потребно тоа. Остануваме посветени на грижата за сите, а особено на најранливите категории граѓани“, изјави претседателката Цветковска.

10.6.2021

Општина Аеродром