Над 60 талентирани спортисти добија парична помош од Општина Аеродром

Општина Аеродром им додели пофалници на над 60 талентирани спортисти од Општината за високи достигнувања во областа на спортот. Секој од нив ќе добие и еднократна парична помош во износ од 10 000 денари.

Секретарот на Општината, Марица Ѓурческа, изрази задоволство и потенцира дека Општина Аеродром втора година по ред го вреднува и го поттикнува развојот на спортот, доделувајќи им парична помош на талентираните спортисти.

Целта на оваа мерка е да им се помогне на младите да ги остварат свoите амбиции и да се поттикне развојот на спортот во Општината, со што директно ќе се вратат парите кај граѓаните. Мерката е наменета за лица до 28 години, кои не остваруваат приходи од спортот, а се истакнале со досегашните постигнати резултати.

Општина Аеродром им овозможува подобри услови за напредок на младите спортисти и ги мотивира да продолжат да ги реализираат своите таленти.


23.12.2019

Општина Аеродром