Пуштен во употреба лифт за лица со физичка попреченост во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, и американската заменик-амбасадорка во земјава, Џенифер Р. Литлџон, денеска свечено го пуштија во употреба лифтот за лица со физичка попреченост во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“. На свеченоста присуствуваа и претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска, како и секретарот на Општината, Марица Ѓурческа.

„Искрено ја поздравувам и сум инспирирана од напорната работа што се одвива во ова училиште за едуцирање и подготовка на иднината на Северна Македонија во која се опфатени сите потреби и способности. На сите деца треба да им биде обезбедено правото на рамноправно и лесно достапно образование“ – изјави заменик-амбасадорката Џенифер Р. Литлџон.

Градоначалникот Марин истакна дека овој ден е добар повод да се потсетиме на потребите и проблемите што ги имаат и со кои се соочуваат лицата со посебни потреби.

„Но сепак не е доволно само еден ден во годината за да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите“, изјави Марин, кој истовремено му се заблагодари на американскиот народ за оваа значајна донација. Тој додаде дека Општина Аеродром ќе продолжи со решенија за достапност и за полесно вклучување на сите припадници на ранливата категорија во социјалната средина и полесно извршување на сите активности.             Инаку, лифтот е донација од американскиот народ и чини 60.000 долари, а со неговата изградба учениците со попреченост ќе можат полесно да се движат низ училиштето и ќе бидат самостојни во извршувањето на своите задачи.

Општина Аеродром со денешното свечено пуштање на лифтот истовремено го одбележа 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.

4.12.2019

Општина Аеродром