Вработените во Општина Аеродром се вклучија во масовната акција за чистење депонии

Вработените во администрацијата на Општина Аеродром денеска учествуваа во масовната акција за чистење диви депонии „Биди дел од чиста иднина“, во организација на Град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“.

Администрацијата од Општина Аеродром чистеше на потегот покрај Транспортниот центар, во непосредна близина на кејот на реката Вардар.

Во акцијата учествуваше администрацијата од сите скопски општини, студентите од скопските универзитети, претставници од невладиниот сектор, како и од основните и средните училишта.

Целта на оваа масовна акција е подигнување на јавната свест за штетноста од несовесното постапување со отпадот и опасноста од создавањето диви депонии што директно ја загрозуваат животната околина и претставуваат закана за здравјето на граѓаните.

       

24.4.2019

Општина Аеродром