„Прљаво казалиште“ и „Нокаут“ на роденденската забава во Аеродром

 Општина Аеродром денеска слави 14 години од своето основање. По тој повод, градоначалникот Златко Марин ја најави роденденската прослава што ќе се одржи в недела во паркот „Авион“ на која ќе настапат групите „Прљаво казалиште“ и „Нокаут“.

На денешната прес-конференција присуствуваа и претседателката на Советот на Општината, Ивана Цветковска, како и Пере од групата „Нокаут“.

„Хепенингот ќе почне напладне со настап на нашите најмали жители, кои не само што растат во Аеродром туку се и нејзината иднина. Имено, децата од градинките и основните училишта ќе се забавуваат со ритмички точки, хип-хоп настапи и соло-пеење. Ним ќе им се придружат децата од училиштето „Аква денс“ и хорот „Златно славејче“, изјави градоначалникот Марин.

Тој додаде дека забавата в недела претставува продолжение на традицијата почната минатата година да се одбележува роденденот на Општината со забава на отворено, во согласност со заложбата да се доближи Општината до граѓаните за отвореност и достапност за сите.

Групата „Нокаут“ ќе настапи од 20:00 до 21:30 часот, а по нив до полноќ концерт ќе одржи позната група „Прљаво казалиште“.

Инаку, покрај забавен, прославата ќе има и хуманитарен карактер, при што ќе повикаме да ги отвориме срцата, да донираме за оние наши граѓани што моментално се наоѓаат во најнезавидна положба, за социјално ранливите категории, кои се и заслужуваат да бидат рамноправни граѓани на нашата Општина.

На крајот, покана до граѓаните не само од Аеродром туку и од другите општини упати Пере и му се заблагодари на градоначалникот за отворената покана и „Нокаут“ да настапи на роденденската забава, најавувајќи дека ќе изведат нешто и од својот најнов материјал што ќе се појави пред почетокот на летото.

 

12.4.2019 г.

Општина Аеродром