ОУ „Гоце Делчев“ почна да се грее на пелети

Подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче од оваа грејна сезона почна да користи пелети за греење, заменувајќи го досегашниот систем на нафта. Котелот на пелети го набавија Општина Аеродром и Бирото за регионален развој со заеднички средства.

По тој повод градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денеска го посетија училиштето и извршија увид на новиот котел што работи на пелети.

„Ова е прво училиште во Општина Аеродром што премина на ваков систем на загревање и се надевам дека во наредниот период и другите училишта во нашата општина што се загреваат на нафта ќе го следат овој пример“, изјави Марин.

Тој додаде дека се очекува трошоците за греење на овој објект да бидат препопловени, а што е уште поважно, со ваквиот начин на загревање ќе се даде голем придонес за намалување на загадувањето на животната средина и на амбиенталниот воздух, што претставува голем проблем во зимскиот период.

Заменик-министерот Макрадули го поздрави преминот на еколошки начин на затоплување во училиштето и изрази уверување дека денеска се помирни родителите чии дечиња учат тука.

„Ова е добар пример како Општина Аеродром го следи владиниот план за чист воздух, кој пред два дена доби голема меѓународна поддршка на министерскиот состанок на Југоисточна Европа“, изјави Макрадули и додаде дека новиот еколошки извор на затоплување во ОУ „Гоце Делчев“ го оправдува мотото „штедиме средства и ја чуваме животната средина“.

 

           

            6.12.2018

            Општина Аеродром

 

 

Актуелно

img
img img

Видео