Мини детско игралиште за најмладите во Ново Лисиче

Општина Аеродром доби ново катче за најмладите во Ново Лисиче, лоцирано во непосредна близина на булеварот „Февруарски поход“.

Станува збор за мини детско игралиште изработено од гуми и други материјали, кои го изградија волонтери вработени во компанијата ЕВН „Македонија“ во рамките на проектот „ЕВН волонтира“.

Ова игралиште беше претставено денеска на Меѓународниот ден на волонтерите, на кој присуствуваа градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин, претседателот на Управниот одбор на ЕВН „Македонија“ Штефан Петер и Никица Кусиникова извршен директор на здружението на граѓани специјализирано во областите филантропија и општествена одговорност на претпријатија „Конект“.

Локацијата за поставување на детските реквизити ја одреди Општина Аеродром, којашто дополнително ќе го уреди и оплемени овој простор.

„Сакам да изразам голема благодарност до вработените од компанијата ЕВН Македонија, кои со голема посветеност го создадоа ова прекрасно катче во населбата Ново Лисиче. Дечињата добија ново безбедно место за игра, а возрасните уште еден потсетник за тоа колку е важно несебично да помагаме во заедницата“, изјави градоначалникот Марин, кој најави продолжување на соработката со оваа компанија.

„За нас е сосема природно да се грижиме за природната средина, за околината, меѓутоа и за целото општество. Сметам дека волонтирањето е една највисока цел на една општествено одговорна компанија, затоа што општествената одговорност не се покажува само преку донирањето, туку преку вклучувањето на вработените“, изјави Петер.

Во рамките на проектот „ЕВН волонтира“ досега се имплементирани повеќе од 30 проекти, а учество земале над 400 вработени во оваа компанија.

 

            5.12.2018

            Општина Аеродром