Почнува изградбата на патот во Долно Лисиче

Денеска во Долно Лисиче градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, го најавија почетокот на реконструкцијата на регионалниот пат Јурумлери – Драчево, кој поминува низ Долно Лисиче.

„Драго ми е што со реализација на овој проект регионалниот пат во Долно Лисиче ќе биде целосно реконструиран и долгорочно ќе се реши повеќегодишниот проблем со несоодветна инфраструктура за локалното население“, изјави градоначалникот Марин.

Целта на проектот, на кој активно се работи, е трајно да се реши проблемот на локалното население и на сите што го користат патот Јурумлери – Драчево.

„Овој проект има исклучитено значење и предвидува градежни активности и материјали што се според високи меѓународни стандарди“, изјави министерот Сугарески.

Приоритет е даден токму на оваа делница, затоа што, како што рече директорот Китанов, е многу фреквентен пат и е прв од 12-те најоштетени делници што ќе се реконструираат во претстојниот период. За оваа намена обезбедени се 14 милиони евра од Светска банка.

„За првпат преку Светска банка се прави ваков проект за реконструкција, преку кој се навлегува и во долниот тампон на патот, а не како класична рехабилитација со гребење и постирање асфалт“, појасни Китанов.

 

30.11.2018

Општина Аеродром