Заокружен пилот-проектот „Ја собираме пластиката од дома“

Вкупно 385 домаќинства од населбата Лисиче беа вклучени во пилот-проектот „Ја собираме пластиката од дома“, што вчера беше заокружен со панел-дискусијата: „Формализирање на собирачите на отпад“.

На овој настан присуствуваа експерти, претставници од локалните самоуправи, невладини организации и неформални постапувачи со отпад, кои ги изнесоа своите искуства од пилот-проектот што се спроведе во организација на „Гоу Грин - Скопје“ и „Ромски деловен информативен центар“, а со финансиска поддршка од Град Скопје.

Општина Аеродром како поддржувач на овој проект активно се вклучи на терен. Во населбата Лисиче во текот на два месеци беа опфтени 385 домаќинства од каде што 10 собирачи на отпад подигаа селектирана пластика.

Целта на овој пилот-проект беше да се тестира системот за услуга за собирање отпад „од врата на врата“ и да се организира собирањето отпад на формален начин за интеграција на неформалните собирачи на отпад, а истовремено и да се заштити животната средина.

Оваа акција има двојна цел – од една страна да се подобри управувањето со отпад во Општина Аеродром, а од друга страна да се развијат здрави навики кај жителите и во исто време да се овозможи економска инклузија на онаа ранлива категорија граѓани, кои неорганизирано собираат пластика.

            21.11.2018

            Општина Аеродром