Градоначалникот Марин најави мерки против загадувањето

 „Грижата за животната средина и борбата за почист воздух се мои лични заложби и приоритети во работењето на Општина Аеродром. Ова е област што беше комплетно запоставена од претходното раководство и проблем чие трајно решение бара долгорочен меѓуинституционален пристап“, изјави градоначалникот Златко Марин на денешната прес-конференција, најавувајќи повеќе мерки против загадувањето.

Со цел да се заштитат најмалите, набавени се прочистувачи за воздух за секоја просторија во сите детски градинки на територијата на Општината. За оваа намена се издвоени над еден милион и двесте илјади денари. До градинките се доставени вкупно 83 прочистувачи на воздух, кои филтрираат ПМ-честички, но исто така и прав, чад, мувла, вируси и бактерии.

Оваа година се воведува и нова мерка за субвенционирање на индивудуалните домаќинства, кои преминуваат кон поеколошки системи за греење. Во фокусот на овој пилот-проект ќе бидат социјално загрозените семејства во Општина Аеродром. Во оваа фаза за него се издвоени 560.000 денари од општинскиот буџет – сума што редовно ќе расте доколку реализацијата во пилот-фазата се покаже како успешна.

Ова се само дел од мерките за почист воздух на Општина Аеродром. Континуирано се работи на зголемување на зелените површини во општината. Во оваа насока се набавени 1.800 нови високоизраснати садници, и се предвидени четири нови парка во Мичурин и Стар Аеродром. Наша цел е, како што рече градоначалникот, да креираме и да се реализираме мерки, чии резултати ќе бидат видливи и ќе имаат реален придонес за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на Општина Аеродром. „Нашите активности, како локална самоуправа се фокусирани на интервенти мерки, со кои директно им помагаме на жителите на Општина Аеродром“, додаде тој.

Инаку, за 2018 година Општина Аеродром издвои 300.000 евра од буџетот за заштита на животната средина, што е 20 пати повеќе од сите претходни години.