Марин: Формираме партиципативно тело за урбанизам, сѐ ќе сторам да нема градба кај Мајчин дом

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, иницира формирање на партиципативно тело, во кое претставници од месните заедници, здруженија на граѓани и стручни лица од областа на урбанизмот директно ќе учествуваат во урбанистичкото планирање на општината.

„На овој начин заеднички ќе ги штитме интересите на жителите на Аеродром“, изјави градоначалникот Марин на денешната вонредна седница на Советот на Општина Аеродром, иницирана и одржана по негово барање. На седницата се разгледуваше моменталната состојба предизвикана од носењето на ДУП И10, со посебен осврт на парцелата кај Мајчин дом.

Градоначалникот Марин издаде решение за привремено стопирање на градежните активности. Општина Аеродром активно работи на изнаоѓање трајно решение за прашањето поврзано со изградбата на зградата кај Мајчин дом и ги продолжува разговорите со инвеститорот, Град Скопје и другите надлежни институции и засегнати страни.

„Пред повеќе од една година, кога претходното општинско раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ го донесе спорниот ДУП И10, јас цврсто застанав на страната на граѓаните. Заедно со нив ја почнавме борбата за зачувување на зеленилото пред Мајчин дом. И денеска сум на страната на граѓаните и заеднички бараме решение на проблемите што ги создаде ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Марин.

Во изминатата година се поднесени 13 претставки за ДУП И10 до Уставниот суд, којшто до денеска нема донесено одлука за овој случај. Општина Аеродром активно соработува со судот, каде што се доставени сите документи од интерната ревизија за овој ДУП.

По седницата на Советот, се одржа форум со граѓаните на Општина Аеродром, кои ги кажаа своите ставови и предлози за ова прашање. Тие потенцираа дека треба да се најде решение за спорната парцела, но без да се загрози натамошната работа на Општината.

12.10.2018

Општина Аеродром

 

 

Актуелно

img
img img

Видео