„Играме бадминтон“ во Општина Аеродром

„Играме бадминтон“ е заеднички проект што Општина Аеродром го почнува со Бадминтон федерацијата на Македонија (БФМ).

Овој проект ги вклучува наставниците по физичко образование, како и сите заинтересирани жители на Општина Аеродром што имаат завршено или сѐ уште студираат на Факултетот за физичка култура.

Обуката, која е бесплатна, ќе се спроведе во периодот од 22 до 28 август 2018 година, од 9:00 до 12:00 часот, во ООУ „Александар Македонски“, под водство на тренер, односно инструктор што ќе го определи БФМ.

По завршување на обуката, сите наставници ќе добијат сертификат за тренер по бадминтон – основно ниво, со што ќе бидат оспособени самостојно да работат со учениците од своите училишта.

Целта на овој проект, кој вклучува и втор дел, е да се внесе нова спортска содржина за жителите на Општината од сите возрасти. Со почетокот на новата учебна година, се планира веќе обучените наставници да го вклучат бадминтонот во своите програми и да формираат секции или клубови во рамките на училишните спортски клубови.

 

            16.08.2018

            Општина Аеродром