Утре коњаниците тргнуваат за Крушево

„Илинденскиот марш 2018“ ќе стартува утре, 27-ми јули (петок), во 17:00 часот од паркот Јане Сандански во Општина Аеродром, која е традиционално покровител на овој Коњички марш, а ќе заврши на 2-ри август во Крушево, каде што треба да се приклучат на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, на коњаниците ќе им го предаде општинското знаме, со што официјално ќе стартува јубилејниот 40-ти коњички марш организиран од Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.

Во рамките на манифестацијата дваесеттина коњаници придружувани од игроорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“ ќе се упатат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината.

Во 19:00 часот коњаницата пристигнува во црквата и почнува вечерната програма. Пред свеченото испраќање на коњаниците од Горно Лисиче, на возраст од 18 до 65 години, во црквата „Св. Петар и Павле“ ќе се одржи свечена литургија и се организира свечена музичка програма каде ќе настапат познати македонски естрадни уметници.

Во рамките на настанот, ќе се вклучи и Општинската организација на Црвен крст „Кисела Вода“, која во дворот на црквата  „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче ќе одржи крводарителска акција од 17:30 до 20:00 часот.

Ги покануваме редакциите на пишаните и на електронските медиуми да испратат новинарска екипа (новинар и снимател или фоторепортер) да го проследи настанот.

 

26.7.2018

Општина Аеродром