Граѓанските активисти и институциите заедно ќе го решаваат проблемот со бездомните кучиња

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани денеска се сретнаа во просториите на јавното претпријатие и дискутираа за воспоставување блиска соработка меѓу двете институции во насока на градење ефикасен механизам за справување со бездомните кучиња.

Општина Аеродром изминатиот период воспостави комуникација со граѓански активисти кои би биле заинтересирани на волонтерска основа да се вклучат во координирани акции за собирање на бездомните кучиња заедно со институциите. На овој начин ќе се гарантира хуман третман на животните, а истовремено ќе се олесни лоцирањето на бездомните кучиња за кои е потребна кастрација и стерилизација. Дополнително, волонтерите преку социјалните мрежи ќе можат да помогнат во процесот на вдомување, а ќе им биде обезбеден пристап до кучињата за кои се одговорни.

За формализирање на оваа соработка се подготвува и меморандум, со кој ќе се прецизираат одговорностите на сите засегнати страни.

 

10.4.2018

Општина Аеродром