Роденденска забава „Растеме со Аеродром“

Општина Аеродром на 14.4.2018 година (сабота) во паркот  „Авион“ под мотото „Растеме со Аеродром“ ќе го одбележи 13-от роденден на општината со хуманитарна забава.

Настанот ќе почне во 12:00 часот со настап на децата од детските градинки и основните училишта, а забавата ќе биде збогатена со присуство на кловнови и магионичар. Истовремено ликовните таленти од основните училишта ќе цртаат по повод роденденот, по што ќе биде избран најдобар цртеж, а Општината ќе додели награда и за најдобра поетска творба на учениците од одделенска настава на истата тема.

Од 15:00 часот на сцена ќе настапат младински бендови и хип-хоп групи. Во истиот период основците ќе можат да се дружат и заедно да спортуваат со кошаркарите од клубот МЗТ Скопје, а најдобриот стрелец во тројка ќе добие награда. Во пресрет на роденденот Општината организира и анкета за избор на најдобар угостителски објект.

Вечерниот и централен настан ќе почне од 19:00 часот со настап на квартет од МОБ, по што градоначалникот Златко Марин ќе додели награди и признаници на учесниците победници на натпреварите. Ќе настапат афирмирани музички групи и солисти од Општина Аеродром, а забавата ќе се заокружи со настап на Драган Б. Костиќ.

Со цел да се поддржи развојот на социјалното претприемништво, во текот на целиот настан невладини организации и здруженија ќе имаат можност да изложуваат производи и да ја претстават својата работа пред јавноста. Дополнително, ќе бидат поставени кутии за донации на повеќе локации, а собраните средства ќе бидат донирани на социјално загрозените семејства на територијата на Општина Аеродром, во соработка со Црвен крст.

 

 

5.4.2018

Општина Аеродром