Ќе се гради мост преку Вардар од хотелот „Русија“ до Општина Гази Баба

https://www.youtube.com/watch?v=c9sJsW1osvc&feature=youtu.be

На денешната прес-конференција на градоначалниците на Град Скопје и на општините Аеродром и Гази Баба, Петре Шилегов, Златко Марин и Борис Георгиевски, беше најавен инфраструктурен проект за изградба на нов коридор со мост преку реката Вардар. Новиот мост ќе го поврзува булевар АСНОМ кај хотелот Русија, преку Вардар, низ населбата Ќерамидница, сè до раскрсницата кај скопскиот саем.

„Градот Скопје ја почна постапката за изградба на коридор за поврзување на Аеродром, Гази Баба и Центар. Пробивањето на овој сообраќаен коридор ќе даде исклучителна развојна компонента на градот и ќе овозможи да патуваме побрзо и побезбедно. Од Ново Лисиче до саем или од Автокоманда до ТЦ „Бисер“ со автомобил ќе се стигнува за само 5 минути. Времето на движење за велосипедистите и пешаците, исто така, ќе биде драстично намалено“, изјави Шилегов.

Новиот проект освен нов мост преку Вардар во должина од 120 метри предвидува и пробивање на нов и реконструкција на стар булевар во вкупна должина од 2170 метри, 5 вкрстувања, 6 коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. Новиот коридор во градот задолжително ќе биде проследен и со нови автобуски линии на јавниот градски превоз.

Со изградбата на новиот мост ќе се намали сообраќајниот метеж и ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот.

Инаку, Аеродром во моментов е поврзана со Гази Баба со само еден мост.

Проектот што беше презентиран денеска е предвиден во ГУП од 1965-та година, а досега за него никој во Градот ја немал изготвено основната планска документација. Градбата на овој коридор со мост предвидено е да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи, кои се очекуваат да почнат во септември.

 

23.3.2018

Општина Аеродром